1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 18:59
Што правам овде? Дојдов да ве тероризирам! Јас сум чудовиште, велите? Не! Јас сум народот! Јас сум исклучок? Не! Јас сум правилото; вие сте исклучок! Вие сте химера; јас сум реалност! (— Виктор Иго - „Човекот што се смее“ /1869/; цитирано од уметницата Лоренца Бетнер во делото „Инвалид?“ /1982/)
Во ноември 2019 година филозофот Пол Пресијадо се обидел да одржи предавање пред Школата на фројдовскиот смер - друштвото на лаканијански психоаналитичари - во Париз. Бил спречен да го презентира текстот во целост, па подоцна е објавена интегралната верзија. Подвлекувајќи го јазот меѓу актуелната квир мисла, спремна да ги промислува трансформациите и небинарните состојби, и едновековната традиција на дискурсите и праксите на психоанализата, како и нејзините поими кои го обликувале хуманистичкото размислување во современиот свет, Пресијадо влегува во судир кој бара исповед, во кој неговото лично искуство сведочи за нови вистини, но истовремено тој собирот го соочува и со историјата на разбирањето на родот, со технологиите на родот и разликата, со животот што го живее битието ако се осмели да не ги почитува формите пропишани од институциите – живот на чудовиште. Пресијадо повикува на заедничко создавање нова епистемологија која ќе ја поддржи повеќекратноста на животните форми, со цел телото веќе да не биде сведено на својата репродуктивна димензија туку, ослободено од стегите на хетеропатријархалното и колонијално насилство, конечно да тежнее кон ослободување. Текстот на Пресијадо во еден дел е и парафраза на расказот на Кафка „Извештај до една академија“.
На 17 ноември 2019 година ме поканија да зборувам на тема „Жените во психоанализата“ по повод меѓународните денови на Школата на фројдовскиот смер [École de la Cause freudienne], пред присутни 3500 психоаналитичари во Конгресната сала во Париз. Мојот настап предизвика потрес. Кога прашав дали меѓу присутните има хомосексуални, транс или родово небинарни психоаналитичари/психоаналитичарки, завладеа тишина испресечена со неконтролирано смеење. Кога побарав од психоаналитичките институции да ја преземат одговорноста за актуелната трансформација на полната и родовата епистемологија, половина од салата се смееше, додека некои врескаа или бараа да ја напуштам салата. Една жена, доволно гласно да ја слушнам од говорницата, рече: „Не треба да му дозволиме да зборува, тоа е Хитлер“. Другата половина од салата аплаудираше. Организаторите ме опоменаа дека го прекршив доделеното време, мораше да побрзам и да прескокнам некои делови, така што на крајот успеав да прочитам само четвртина од подготвениот текст.
Во деновите што следеа дојде до раскол во психоаналитичките здруженија. Фројдовската школа се подели на две спротивставени страни, pro и contra. Мојот настап, снимен набрзина со десетици мобилни телефони, беше поставен на интернет. Делови од текстот беа препишувани без проверка на оригиналот и потоа преведени на шпански, италијански и англиски јазик, и објавени на интернет, без никаква грижа за точноста или квалитетот на преводот. Поради тоа, во Аргентина, Колумбија, Германија, Шпанија и Франција во оптек се различни и непотполни верзии на мојот настап. Ова е прилика, со цел да ја прошириме расправата, да го објавам интегралниот текст во онаа форма во која сакав да го презентирам на собирот на психоаналитичарите.
Драги дами и господа од Француската психоаналитичка школа, дами и господа од Школата на фројдовскиот смер, а се прашувам дали вреди трудот да ги поздравам и сите оние кои не се ни дами ни господа, оти се сомневам дека меѓу вас постои некој кој законски и јавно би ја одбил полната разлика и би бил прифатен како полноправен психоаналитичар. Тука главно мислам на транс или небинарна личност која ќе ја прифатите како стручњак по успешното завршување на процесот на „премин“, своевидното овластување за аналитичарската работа. Ако таква личност сепак постои, дозволете ми да ѝ упатам најсрдечни поздрави.
Чест ми е да настапам пред Академијата и да ви го презентирам извештајот за мојот живот како транс лице.
Не сум сигурен дали ќе можам да ви ги понудам податоците кои вие, дами и господа универзитетски професори и психоаналитичари, не ги знаете од прва рака, бидејќи, како и јас, живеете во режимом на полната разлика. Значи, речиси сето она што ќе ви го кажам можете да го увидите и самите, од едната или од другата страна на границата меѓу половите, иако себе веројатно се доживувате како природни мажи или жени, и иако оваа претпоставка ве спречува со здрава дистанца да го разгледате политичкиот механизам во кој сте вклучени. Простете ми ако во приказната што ќе ви ја раскажам не го земам здраво за готово природното постоење на машкоста и женскоста. Бидете спокојни, не е потребно да се откажете од своите верувања – оти тоа навистина се само верувања – за да ме сослушате. Слушнете го мојот настап, а потоа вратете се во вашиот „натурализиран“ живот, ако можете.
Бидејќи пред мене се наоѓаат 3500 психоаналитичари и се чувствувам малку осамено од оваа страна на подиумот, дозволете ми да се претставам повикувајќи го мајсторот на сите преобразби, Франц Кафка, најдобриот аналитичар на претераностите кои се кријат зад засторот на научниот разум и лудилото, опфатени со заедничкото име ментално здравје.
Во 1917 година Франц Кафка го пишува расказот Ein Bericht für eine Akademie (Извештај до една академија). Наратор на оваа приказна е мајмун кој, откако научил човечки јазик, се појавува пред најголемите научни и академски авторитети за да им ја објасни својата преобразба во човек. Мајмунот, кој изјавува дека се вика Црвениот Перо, раскажува како бил фатен при ловечка експедиција организирана од циркусот Хагенбек, потоа транспортиран со брод во Европа и одведен во циркус, и како на крајот успеал да стане човек. Црвениот Перо признава дека морал да го заборави својот мајмунски живот за да го совлада човечкиот јазик и да влезе во тогашното европско општество. Така и се пропил - за да може да ги поднесе заборавот и насилството на човечкото општество. Но, она што во монологот на Црвениот Перо е најинтересно, е што Кафка не го прикажува процесот на неговата хуманизација како историја на еманципација или ослободување од животинската природа, туку како критика на колонијалниот хуманизам и неговите антрополошки таксономии. Според раскажувањето на мајмунот, кога бил фатен, тој веќе немал избор: ако не сакал да заврши затворен во кафез, морал да премине во „кафезот“ на човечката субјективност.
Како Црвениот Перо кој поднесува извештај пред учените глави на своето време, така и јас денес ви се обраќам, академски психоаналитичари, од својот „кафез“ на транс лице. Јас, тело кое медицински и правно е обележано како „транссексуално“, означено со вашите бројни психоаналитички дијагнози како предмет на „невозможна преобразба“, личност која повеќето ваши теории ја поставуваат отаде неврозите, на границата на психозата или дури во самата психоза, оној кој по ваше мислење не е во состојба да го реши Едиповиот комплекс или пак подлегнал на зависта пред пенисот. Па ете, токму од таа позиција на ментален болен, на која ме поставивте, ви се обраќам како човечен мајмун на новата ера. Јас сум чудовиштето што ви се обраќа. Чудовиште што сте го создале со вашите дискурси и клинички пракси. Јас сум чудовиштето што станува од каучот и зборува, не како пациент, туку како граѓанин, како ваш монструозен пар.
Јас, како транс и небинарно тело, на кое ниту медицината, ниту правото, ниту психоанализата, ниту психијатријата му го признаваат правото да зборува за сопствената состојба опремен со стручни знаења, ниту можноста да произведе каков било дискурс или облик на сознание за себе, јас, како и Црвениот Перо, го научив Фројдовиот и Лакановиот јазик, јазикот на колонијалниот патријархат, вашиот јазик, и тука сум за да ме сослушате.
Можеби ќе се зачудите што во моето обраќање ја користам приказната на Кафка, но ми се чини дека овој собир е поблиску до епохата на авторот на Метаморфоза отколку до нашата. Во 2019 година вие организирате собир за да разговарате за „жените во психоанализата“, како да не сме излегле од 1917 година, како припадничките на овој посебен тип животни кои надмено и конвенционално ги нарекувате „жени“ сѐ уште да го немаат целосното признание дека се политички субјекти, како да се тие додаток или напомена на дно од страница, чудни и егзотични суштества за кои понекогаш треба да размислувате на собири и тркалезни маси. Требаше да организирате разговор за „хетеросексуалните бели буржуји во психоанализата“, бидејќи повеќето психоаналитички текстови и пракси се вртат околу дискурзивната и политичката моќ на овој тип животни – некрополитички животни*, кои ги мешате со „универзалното човечко суштество“, моќ која, секако, до ден денес останува централна тема во психоаналитичките дискурси и во институциите на колонијалната модерност.
(...) Бидејќи во хетеропатријархалниот бинарен режим жените наизменично ја имаат улогата на убавица и жртва, и бидејќи не бев кадарен да бидам ни едното ни другото, ниту се чувствував така, решив да престанам да бидам жена. Зошто напуштањето на женственоста да не стане фундаментална стратегија на феминизмот? Беше тоа прекрасен спој од идеи, јасен и величествен, зачнат веројатно некаде во мојата матка, оти се вели дека е тоа единствениот креативен дел на жените. Значи, веројатно така во мојата бунтовна и нерепродуктивна матка се појавиле и сите други стратегии: бесот кој ме наведе да се чувам од нормата, непокорниот дух... Исто како што децата бескрајно повторуваат гестови што им причинуваат задоволство и им овозможуваат да учат, така и јас ги повторував гестовите кои ја кршеа нормата, за да најдам некаков излез.
Меѓутоа, немав желба да личам на другите мажи. Нивната насилност и нивната политичка надменост не можеа да ме заведат. Немав ни најмала желба да станам тоа што белите буржујчиња го нарекуваа „нормален“ или „здрав“. Едноставно сакав излез: каков било. За да тргнам напред, за да избегам од пародијата на половата разлика, за да не ме сопрат со рацете дигнати во вис и да не ме набутаат во рамките на оваа таксономија. Така почнав себе да си вбризгувам тестостерон, опкружен со група пријатели кои исто така бараа некаков излез. На тој начин работата која ја нарекувате „женската состојба“ избега од мене со вртоглава брзина, газ преку глава, носејќи ме подалеку од сè што што можев да замислам. Повторувам: го барав спасоносниот излез.
Се плашам дека луѓето можеби нема добро разберат што подразбирам со зборот „излез“. Го користам изразов во неговото најобично и најконкретно значење. Внимателно избегнувам да го користам зборот слобода, и наместо тоа претпочитам да зборувам за наоѓање излез од режимот на половата разлика, што не подразбира моментално ослободување. Лично, не ја искусив слободата како дете во Шпанија под Франко, ниту потоа кога бев лезбијка во Њујорк, ниту сега кога сум, како што велат, транс лице.
Ниту тогаш, а ни сега, не барав да ми биде „дадена“ слобода. Моќниците постојано ветуваат слобода, но како можат на потчинетите да им дадат нешто што самите не го знаат? Тоа е своевиден парадокс: оној кој врзува во пранги подеднакво е заробен како оној чии движења се оневозможени од ланците. Ова важи и за вас, уважени психоаналитичари, големи стручњаци за разврзување (deliement), a особено за пo-врзување (re-liement) на несвесното, големи промотори на ветувањата за здравје и слобода. Никој не може да даде нешто што не го има и што никогаш не го познавал. Впрочем, и „мажите“ и „жените“ занесено наседнуваат на приказната за сексуалното „ослободување“, бидејќи слободата е меѓу вредностите кои најчесто се промовираат; затоа измамата со која таа кореспондира најмногу се банализира во доменот на родот и сексуалноста.
Денес во мода е реформистичкиот феминизам, и така се зголемува бројот на мажи и жени кои не се двоумат да се наречат феминисти, иако не забораваат да го нагласат условот, суштински за нив, дека жените мора да останат жени, а мажите мора да останат мажи. Но, за која природа тие зборуваат? Исто така, кога некој „маж“ ќе преземе одговорност за мал дел од домашните работи, тоа се истакнува и велича како значаен напредок во еднаквоста на половите и ослободување на жените. Овие акти на ослободување ме засмејуваат толку силно што моите гради треперат како тапанарска кожа на која танцува стоногалка. Родовата и сексуалната слобода под никакви околности не може да биде поправедна прераспределба на насилството, ниту прифаќање на угнетувањето на попопуларен начин. Слободата е тунел кој се копа со раце. Слободата е излез. Слобода – како новото име со кое сега ме нарекувате, или незначително влакнестото лице пред вас – тоа е нешто што внимателно се изработува и вежба.
*Термин скован од теоретичарот на постколонијализам и историчарот Ашил Мбембе, кој тргнал од Фукоовиот поим „танатополитика“. Овој термин означува облик на суверенитет кој почива на моќта да се одлучува кој ќе живее и кој мора да умре. Некрополитика е владеење со популациите преку техниките на насилство и смрт.
Слики: Bertrand Sallé
Превод: Н. Г.
Извадок од книгата Can the Monster Speak? од Paul B. Preciado