1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 18:59
Кога Муса ал-Гарби првпат пристигнал во Њујорк 2016-та година, најмногу го шокирало постоењето функционален „расен кастински систем“ според кој „потрошни слуги... го чистат вашиот дом, ги чуваат вашите деца, ги шетаат вашите кучиња, ви доставуваат готови оброци“.
Овие „потрошни слуги“ кои би работеле за „ситнеж“, главно биле црнци или латиноамериканци, додека нивните работодавачи биле исклучиво белци. Никој не го коментирал тоа; тоа се сметало за „нормален начин на функционирање на општеството“.
Ал-Гарби ги опишувал екстремно богатите делови од Менхетен или Скарсдејл каде милијардерите сакаат да се дружат. Бил бруцош на Универзитетот Колумбија. Оние кои профитирале од „расниот кастински систем“ биле другите студенти, многумина од нив отворени заговорници на социјалната правда, но главно рамнодушни кон интересите на оние од дното на општествената хиерархија, на чиј труд се темелел нивниот живот.
Четири години подоцна, многу од овие студенти им се придружија на простестите на движењето Black Lives Matter. Ал-Гарби посматрал како протестираат на Бродвеј во финиот њујоршки кварт, несвесни за „босоногите бездомни црнци“ околу нив. Демонстрантите ги „заземаа клупите на кои спиеја бездомниците“, инсистирајќи дека „животите на црнците се важни“, но очигледно не и на „животите на црнците пред нивните очи“.
Таквиот упорен расчекор помеѓу декларираните убедувања на либералните студенти кои се залагаат за социјална правда и нивното однесување кое ја откривало рамнодушноста кон материјалната неправда околу нив, го навела Ал-Гарби да напише книга за да се обиде да го разјасни тоа. Книгата „Никогаш не сме биле разбудени“ е објавена во Америка, а наскоро ќе биде достапна и во Британија. Ако сакате да разберете што се случи на неодамнешните американски избори, книгава е една од почетните точки. Зашто приказната за изборите може да се посматра како поделба помеѓу оние кои, како Ал-Гарби, го гледаат овој расчекор, и оние кои не можат или не сакаат да го видат.
Ако активистите од Колумбија ја игнорираат опипливата неправда околу себе, тогаш зошто го усвоиле јазикот на социјалната правда? Со други зборови, каква е улогата на тој јазик во свет во кој се игнорираат вистинската неправда и нееднаквоста? Тоа се прашања кои го копкале Ал-Гарби како студент и кои се во основата на неговата книга.
Неговиот одговор е дека јазикот на социјалната правда - „разбуден“ или воук - воопшто не се однесува на социјалната правда туку служи како идеолошко лепило кое ги поврзува припадниците на елитите кои сакаат да уживаат во своите привилегии, но не сакаат да се видат себеси како дел од елитите.
„Разбуденоста“ не е особено корисен термин, почесто се употребува во подбивна отколку во аналитичка смисла. Ал-Гарби го препознава тоа, отфрлајќи го како навреда, одбивајќи дури и да го дефинира. Нему му е важно како тој концепт се користи во пракса, и кај следбениците и кај критичарите.
Клучот за разбирање на разбуденоста, тврди Ал-Гарби, се борбите на „симболичките капиталисти“ - „професионалци кои тргуваат со симболи и реторика, слики и наративи, податоци и анализи, идеи и апстракции“. Со други зборови, писатели и академици, уметници и адвокати, кустоси во музеи и стручњаци во технолошкиот сектор. Тоа е општествениот слој кој се обидува да се зацврсти во рамки на елитите, истиснувајќи ги другите кои веќе се таму, користејќи го јазикот на социјалната правда за да се стекне статус и да се акумулира „културен капитал“. Борбата на припадниците на овој слој во рамки на елитите е прикажана како борба против елитите во име на сиромашните и обесправените.
Ал-Гарби тврди дека тоа не е само цинизам или лицемерие. Симболичките капиталисти изградија митови за своите општествени улоги кои им овозможуваат навистина да веруваат во праведноста и еднаквоста, додека всушност ги зацврстуваат нееднаквоста и непрадвата. Многу општествени институции и моќници ги прифаќаат овие митови. Јазикот на социјалната правда на тој начин помогнал да се „легитимизираат и прикријат нееднаквостите“, овозможувајќи им на делови од елитите „да го зајакнат својот елитен статус... често на штета на оние кои се навистина ранливи, маргинализирани и загрозени“.
Многу аспекти на овој аргумент веќе се искажани претходно, на пример, во текстовите на културната теоретичарка Кетрин Лиу и филозофот Олуфеми Таиво. Лиу тврди дека професионално-менаџерската класа „собира доблест“ за да ја зголеми самопочитта и да го оправда „своето непоколебливо чувство на супериорност во однос на работничката класа“. Во книгата „Elite Capture“ Таиво исто така смета, иако од поинаква перспектива, дека елитата ја присвоила политиката на радикализмот за да им служи на сопствените цели.
Овие студии се важни за разбирање на апсурдите на современата политика. На пример, објаснуваат зошто Демократската партија во САД (како и многу социјалдемократски партии во Европа) сè повеќе е клуб за богатите и образованите, додека многу гласачи од работничката партија веќе ја напуштиле. Исто така, ја појаснуваат опсесијата на нашата култура со деталите на симболичката репрезентација и контролата на јазикот, додека се занемаруваат вистинските материјални нееднаквости.
Меѓутоа, овие аргументи исто така поставуваат замки за невнимателните. Исто како што борците за социјална правда се откажаа од борбата за материјален напредок во корист на културното зајакнување, така и многу нивни критичари „културната елита“ почнаа да ја гледаат како главен проблем, игнорирајќи ги реалните материјални корени на моќта во нашето општество.
Исто така постои опасност да ги изгубиме од вид историските промени кои го отворија патот за деградација на денешниот општествен активизам. Ал-Гарби тврди дека современото излевање на „разбудените“ политики е најново во серијата „будења“, почнувајќи од поддршката на студентите за Комунистичката партија и другите радикални организации од триесеттите години на минатиот век.
Меѓутоа, на тој начин се пропушта реалноста на промените. На пример, Комунистичката партија во САД беше опортунистичка организација со често лоши политики, поврзана со бруталниот режим во Москва. Но, во Америка во триесеттите години беше важна за борбата против расизмот и правата на работниците и заедно со другите радикали, социјалистите, синдикалистите и црните активисти, помогна во поставувањето на темелите на Движењето за граѓански права по војната.
Особено на американскиот југ кој сè уште беше под влијание на Џим Кроу системот на сегрегација, Движењето ги организираше сиромашните земјоделци и работниците во фабриките, бездомниците и невработените. Тие не глумеа активисти како демонстрантите на Бродвеј. Навистина беа на мета на локалните банди и полициското насилство. Некои ги загубија животите; многумина завршија во затвор. Но, ги покажаа можностите за меѓурасна класна солидарност.
Токму разбивањето на движењата за солидарност ја овозможи деградацијата на борбата за социјална правда и напуштање на интересите на работничката класа. Да се разбере сето тоа е подеднакво важно како и разбирањето на улогата на „симболичките капиталисти“, особено ако сакаме да ги обновиме движењата за социјални промени.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Peter Sully
Извор: https://www.theguardian.com/