Премиера на театарската претстава „Глад“

05.12.2024 11:07
Премиера на театарската претстава „Глад“

Во Младинскиот културен центар во Скопје (сала 25 Мај) вечерва, 5 декември, со почеток во 20 часот ќе се одржи премиерната изведба на театарската претстава „Глад“, во режија на Хана Миленковска, во продукција на „Атриум“.

Авторскиот тим состоен од режисерката Хана Миленковска, драматургот Калија Киселички и композиторот Ади Имери, ја поставува драмата што се бави со ненаситноста и гладта, од емоционална и физичка гледна точка. Делото се стреми да посочи дека циклусот на гладта не е изолиран, туку дека всушност претставува една вечна борба на човекот и колективите.

Актерите Лео Поповиќ, Дениз Ајдаревиќ, Марко Младеновиќ, Филип Миленкоски и Димитар Паскоски ќе го доближат микрокосмосот од сложени човечки емоции и односи, во мноштво од контексти кои на драмско-музичка основа ќе ги доближат позициите на (над)моќ, страдание, заедништво и борбена истрајност во еден свет во кој изобилието го уживаат малкумина, додека пак, гладта непрестајно владее.

Авторите упатуваат благодарност до своите соработници, илустраторката Матеја Николиќ, дизајнерот на светло Игор Митревски, кореографот Бобан Русески за својот труд, и до пријателите од Младинскиот културен центар, Лабораториум и ФДУ Скопје за отстапениот работен простор и придонес кон процесот.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ и ЕВН.

Билетите се достапни единствено онлајн на линкот.