1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 18:59
Фосилен отпечаток на Homo erectus во северна Кенија
Очите и ушите на светот веќе децении се вперени кон небото во надеж дека ќе биде откриен некој сигнал кој ќе покаже дека не сме сами во видливиот дел од вселената. Засега не сме уловиле таков знак и, според сè, шансите за промена на ситуацијата се многу мали. Истовремено останува фактот дека Хомо сапиенсот е единствениот преживеан претставник на неколку човечки видови на Земјата. Некои од нив се директни предци, а други блиски или малку подалечни сродници.
Наши блиски сродници биле Homo habilis, Homo rudolfensis, Homo erectus, Homo antecessor, Homo heidelbergensis, Homo floresiensis (познат и како хобит), Homo neanderthalensis и Homo naledi кој беше откриен последен. Многу од нив живееле во ист период како и Хомо сапиенсот, а некои дури и до пред 40 илјади години.
Покрај нив постоеле и бројни видови сродни на човечките видови. Тие живееле во далечното минато кога Хомо сапиенсот сè уште не постоел. Она што не било јасно е дали овие видови споделувале ист простор во исто време и дали се среќавале. Фосилните остатоци од овие видови луѓе се пронајдени на различни места во многу широки области и според истражувањата се распрскани во периоди од неколку илјади години. Тоа укажувало на можноста дека можеби различни видови луѓе живееле истовремено и дека можеле да доаѓаат во контакт едни со други.
Фосилен отпечаток на Parathropus boisei во северна Кенија
Пред три години, на северот на Кенија, покрај брегот на едно езеро, пронајдени се стапала од два човечки вида, оставени пред околу милион и пол години. Според состојбата на трагите јасно е видливо дека стапалата се оставени во растојание од неколку часови или денови. Исто така, според податоците објавени кон крајот на летото во трудот во списанието Science, утврдено е дека едни од стапалата ги оставил Homo erectus. Тој е наш непосреден предок.
Другата трага била оставена од нога на малку подалечен роднина по име Paranthropus boisei. Трагите јасно ги покажуваат карактеристиките на стапалото и начинот на движење на овие поединци. Ова е прв недвосмислен показател дека различни човечки видови споделувале ист простор и ист временски период. Она што не го знаеме е во кој степен, ако воопшто, биле во меѓусебен контакт. Имајќи предвид дека Homo erectus е наш предок, знаеме дека тој преживеал, додека другите видови исчезнале.
Останува непознато што довело до исчезнување на останатите видови луѓе и нивните сродници. Дали Хомо сапиенсот ги истребил во борба за храна и територии или климатските услови ги натерале да исчезнат. Или, веројатно, во игра биле и двата фактори.
И така, додека гледаме во вселената барајќи некои други „луѓе“, забораваме дека како вид хоминиди останавме сами. Често забораваме дека освен нас постојат и други видови живи организми чиј хабитат немилосрдно го уништуваме, не сфаќајќи дека така се уништуваме и себеси. Светот го кроиме според себеси и своите потреби, а всушност не знаеме кои сме навистина.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.portalnovosti.com/