Мижи Асан да ти бајам

06.12.2024 11:30

На почетокот приказната е толку малецка,
речиси ништо: зад три престолнини,
седум планини и девет рамнини
во својот дворец си живеел еден лош маѓесник.
Од прозорецот сепак можело да се види нешто:
многу ѕидови, врати и брави, многу чудни справи,
ќорави и тетерави духови-глави (во чаршафи крвави),
слуги ќелави и ќорави, дворски луди грбави,
џуџиња глупави, шугави и скржави,
лабави полжави лигави, едноног еднорог (двогрб),
неубави, нездрави и кадрави крави (сепак во штали)...

Само со тоа маѓесникот сакал да се бави:
во дворецот чудилаци и гадости да прави
и на сите да им јави (да дави и гњави)
колку се луди ем супер ем фенси злокобните ствари.

Еден ден во дворецот дошол човек-творец и борец,
стихотворец и миротворец. Згора и поморец:
преку океан (и трите престолнини
и седумте планини и деветте рамнини)
‒ човекот-творец дошол во дворецот на маѓесникот.
Со творецот-борец дошол и еден стаорец
голем колку аждер! Толку бил голем тој стаорец
што однадвор (од дворецот) застанал на истиот прозорец
и речиси во еден залак ги голтнал:
многуте ѕидови, врати и брави, чудните справи,
ќоравите и тетерави духови-глави (во чаршафи крвави),
дворските луди грбави, слугите ќелави и ќорави,
џуџињата глупави, шугави и скржави,
лигавите полжавите лабави, едноногиот еднорог (двогрб),
кадравите (нездрави и неубави) крави (сосе шталите)...

И самиот маѓесник, на крајот, бил проголтан,
целата приказна била голтната од стаорецот на прозорецот,
чедо на човекот-творец, стихотворец и миротворец.
И сега пак имаме (т.е. немаме) речиси ништо.

 

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото