1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 19:59
Нов прилог од книгата Сто филмови за попреченост.
Dumbo; САД; Бен Шарпстин, Семјуел Армстронг, Норман Фергусон, Вилфред Џексон, Џек Кини; 1941
„Инвалидитет“: „абнормално“ големи уши
Сиже: Нетипично циркуско слонче го изминува патот од кутар „кловн“ кого го презираат и сожалуваат, до голема ѕвезда на која ѝ се восхитуваат. Исмејуван поради големите уши, Дамбо има еден верен пријател: глувчето Тимоти, кое му помага да го постигне својот целосен потенцијал.
Гласови: Стерлинг Холовеј, Едвард Брофи, Херман Бинг
Реплика: Тимоти К. Маус: Сите треба да се срамите. Kуп бабачковци му се загнале на кутро сираче. Да претпоставиме дека те земале од мајка ти кога си бил бебе. Нема кој да те покрие ноќе. Нема нешто топло и меко што ќе те гушка. Би сакале да бидете оставени сами, во студена, сурова, бездушна дивина? И зошто? Ве прашувам, зошто? Само оти има големи уши?! Поради тоа го нарекувате изрод?! Циркуска смешка? А кога неговата мајка се обидела да го заштити, тие ја затвориле во кафез! Згора на тоа, од него направиле „кловн“, еј! Друштвено тој е поништен! Ама, џабе зборам со вас рамнодушни шапшали... Само шибајте напред! Забавувајте се! Смејте му се! Удрете го сега, кога е долу! Продолжете! Ич да не ви е гајле. [се врти и го дува носот]
Дамбо е анимирана драма за деца во која нетипично слонче го изминува патот од трње до ѕвезди. Најпрвин, името на Дамбо носи асоцијации на „глупавост“, особено во споредба со неговата мајка, госпоѓата Џамбо. Повеќето од ликовите што се појавуваат во приказната се згрозени од „абнормално“ големите уши на Дамбо. Другите „нормални“ слонови тешко воздивнуваат пред нетипичното слонче, а циркуската толпа го исмева. Во таа првична фаза приказната за Дамбо е посебно деликатна, и на гледачите (особено на децата, меѓу нив) им прикажува некои сурови, но прилично вистинити практики со кои се соочуваат оние што се малку поинакви од мнозинството.
[слоновите мислат дека Дамбо со неговите големи уши е причината поради која г-ѓа Џамбо е затворена]
Тимоти К. Маус: Што е со ушите? Не гледам проблем во нив. Мислам дека баш се слатки.
На крајот на филмот, Дамбо согледува дека неговите нетипично големи уши всушност се дарба и дека со нив може да лета! За тоа да го сфати му помага и малиот пријател, глувчето Тимоти, кое лета заедно со Дамбо. Кога и луѓето („публиката“) ја согледуваат дарбата на Дамбо, почнуваат да го менуваат ставот спрема слончето, и тоа станува голема ѕвезда која предизвикува запрепастеност и восхит.
Нагласувајќи го неверојатниот комерцијален успех на филмот, историчарите на анимацијата како антологиска ја издвојуваат анархоидната сцена во која Дамбо и неговиот пријател Тимоти Маус пијани (откако ненамерно ќе испијат шише шампањско истурено во кофата со вода) гледаат розови слонови.
– Сте виделе слон да лета?
– Па, имам видено коњ да лета.
– Јас имам видено змеј да лета.
– А јас имам видено куќа што лета.
Филмот е направен според приказната Dumbo, the Flying Elephant, напишана од Хелен Аберсон-Маер и Харолд Пирл, а илустрирана од Хелен Дерни како поддршка за новата играчка „Roll-a-Book“. И покрај позитивните критики за приказната, хуморот, визуелните ефекти, музиката... филмот подоцна бил критикуван за стереотипизација на црнците. На пример, сите „есенцијални“ работници во циркусот се афроамериканци, а групата врани во филмот исто така расистички асоцира на црнци, напишал историчарот на филмот Ричард Шикел, во книга од 1968 г. Историчарот на анимацијата Џон Канемејкер, пак, сметал дека враните во филмот сочувствуваат со трагедијата на Думбо, бидејќи и самите се маргинализирана група. Канемејкер додал и дека враните се „најинтелигентните, најсреќните, најслободоумните ликови во целиот филм“.
Во 2017 година филмот беше вклучен во „Националниот филмски регистар“ на Конгресната библиотека на САД поради неговата „културна, историска и естетска важност“.
***
Тим Бартон во 2019 направи нова верзија на славниот анимиран филм од 1941. Бартон уфрлил и луѓе, во новата играна поставка, но мотивите попреченост и отфрленост и понатаму се силни: Колин Фарел го игра Холт Фарие, поранешен циркуски коњаник кој од Првата светска војна се враќа без рака. Макс Медичи, газдата на циркусот, го става Холт да се грижи за циркуските слонови. Едновремено ги следиме драматичните приказни за слончето Дамбо и за сиромашното семејство Фарие.
Интересно е што двата филма, анимираниот од 1941 и играниот од 2019, денес се анализираат, земајќи ја предвид културната и социјалната историја на популарната забава, од аспектот на интерсекционалноста. Кај Дамбо се преплетуваат разни идентитети и различни форми на дискриминација (со тоа се бави теоријата на интерсекционалноста): тој е дискриминиран и како дете (од мал е принуден да работи за бескрупулозните капиталистички газди), и како животно и како лице со попреченост. Двата филма за Дамбо ги третираат контроверзните аспекти на трудот и експлоатацијата во забавниот сектор. Филмот од 1941 прикажува двосмислена слика за тогашната циркуска култура, осврнувајќи се на клучните моменти од дотогашната историја на културата на забава. Филмот на Бартон е сместен уште порано, во периодот непосредно по Првата светска војна, време кога се случува радикална преобразба на традиционалната популарна култура. Иако филмот на Бартон ја претставува таа историска реалност тој одговара и на политичките и културните предизвици на 21-иот век. И филмот и циркусот се форми на популарната култура, и во таа смисла филмовите за Дамбо можат да се читаат и како авторефлексивна критика на самиот филмски медиум како немилосрден циркус. Впрочем, набрзо по премиерата на филмот, во 1941 г., Дамбо стана популарна атракција во луна парковите и на телевизија, а производите со неговиот лик се продаваа во милиони примероци.
Гледано на тој начин, постои суптилна поврзаност меѓу трите филма застапени во оваа антологија: Изроди, Човекот слон и Дамбо.
Фотографиите се од поновиот филм Dumbo (Тим Бартон, 2019)