„Траги на времето“

06.12.24 16:03

Претставуваме неколку фотографии на Наташа Гелева, заедно со текстот на Сашо Насковски-Шекспир, напишан за изложбата насловена „Траги на времето“, која беше дел од овогодинешното, осмо издание на фестивалот „AртAрea“ во организација на издавачката куќа „Бегемот“.

„Траги на времето“

Опусот на Наташа Гелева е разновиден и по содржина и по форма. Последнава изложба фотографии насловена „Траги на времето“, претставува една целина, еден збир од компоненти со заеднички импулс и замисла на целина, а не на едноставно подредени елементи кои се избрани само по личен вкус.

Како прво, фотографиите се лишени од луѓе. Отсуството на луѓето и генерално на движењето „per se“, оддава впечаток на еден вид „гласна тишина“ во преносна смисла на зборот.

Недостатокот на движењето, статиката, просто одекнуваат од самите фотографии. Имено, иако секоја фотографија е посебна и поинаква од останатите (особено по колоритот, предметите и текстурите) сите поседуваат заеднички карактеристики овоплотени во темата на самата изложба.

Имено, на која било од фотографиите може да се гледа како на уметничка слика од големите правци на модерното сликарство. Некои фотографии се како акрилни платна или цртежи кои припаѓаат на апстрактниот експресионизам.

На тие фотографии примарно се застапени нерепрезентативните форми и спонтаните гестови (како што се излупените постери, или површини, било метални, стаклени или дрвени...) кои будат хаотични емоции преку изразено спонтани патерни и текстури. Тоа се едни од клучните елементи на апстрактниот експресионизам.

Кај други фотографии, пак, повеќе акцент се става на боите на текстурите, каде ‘рѓата е идентична на текстурата на кожата или на песокот. Боите се вибрантни и предизвикуваат чувство на длабочина и распаѓање.

Ѕидовите кои се распаѓаат и слоевитите текстури будат и чувство на минливост и пропаѓање. Металот кој ‘рѓосува, бојата која се лупи, дрвото кое се распаѓа, сите тие укажуваат на конечноста и времето кое проаѓа.

Фотографиите на Наташа се практично уметнички слики на платно, акварели и цртежи насликани од самото време. Времето е уметникот, а фотографијата на Наташа е врамената слика на времето што поминува. Неговото течење, абењето на предметите и на сѐ што постои му се четките и боите, а штафелајот – нејзиниот апарат и милиметрите филм.

Како љубител на хиперреализмот, се присетив на еден малку познат шкотски сликар Егнус Мекјуан и неговите акварели. И како што хиперреалистот се труди да ја достигне прецизноста на фотографијата текстурирајќи ги своите акварели, така Наташа преку своите фотографии се доближува до сликарската експресија. Делата се фотографии, но многу лесно можат да бидат и слики.

Фотографии: Наташа Гелева

Текст: Сашо Насковски-Шекспир

Слични содржини

Фотографија / Живот / Око
Фотографија / Книжевност / Око
Фотографија / Спорт / Око
Фотографија / Култура / Око
Фотографија / Око
Фотографија / Квир / Настан / Око
Јавни простори / Фотографија / Око

ОкоБоли главаВицФото