Во челустите на идентитетот

10.12.2024 01:51
Во челустите на идентитетот

Политиките базирани на идентитетот секогаш следат еден ист образец: во првата фаза се многу корисни, а потоа паѓаат во сè поголема дупка, за на крај да станат деструктивни за сите други, пред сè, слични идентитети, и авто-деструктивни, според принципот – му се налутил попот на селото и си го отсекол…

Откако ќе се конституираат, како одговор на проблемите што ги создава некоја многу поголема сила, идентитетските политики донесуваат одлични резултати. Добрите резултати вклучуваат и репресивна реакција на доминантниот систем, бидејќи насилството на моќните само го засилува идентитетот. Кога ќе помине извесно време, години, евентуално децении, никако векови, идентитетските политики не донесуваат ништо добро. Поточно, не донесуваат ништо добро за оние кои инсистираат на идентитетот, а благотворно дејствуваат на големата сила од која сакале да побегнат по секоја цена.

Идентитетските политики секогаш се локални или барем секогаш завршуваат како локални. Самиот принцип дека идејата се гради на идентитетот води кон атомизација. Секогаш може да се воведе нов идентитет, кој ќе се конституира во рамките на поголемиот идентитет и кој ќе се обидува да се изгради како посебна целина.

Вториот принцип што ги следи идентитетските политики можеме да го наречеме „омраза врз основа на сличност“. Првиот принцип може да се нарече „стремеж кон атомизација“. Колку што се помали разликите помеѓу идентитетските групи, толку повеќе се инсистира на разликите. Само е прашање на време кога идентитетите ќе се „истепаат“.

Идентитетските политики во некои случаи се неопходни, бидејќи само така може да започне процесот кој има цел поголема видливост на малцинската група, а со тоа и поголема видливост на проблемите во рамки на големиот, често империјален систем. Некогаш не може поинаку да се турне каменот по надолнината. Меѓутоа, искуството нè учи дека треба да запре пред да се претвори во чудовиште.

Во пракса тоа значи дека идентитетската идеја може да биде основа. Така спорното прашање може некако да се вметне во дневниот ред, да стане видливо. Исто така, идејата е добра за поврзување на членството. На тој начин индивидуите полесно навлегуваат во идентитетот, стануваат дел од целината, заедно се борат за идејата. Групата треба да постои додека трае активната борба.

Кога групата поврзана со идентитетот ќе ја постигне првата цел или неколкуте цели, кога ќе се смират нештата, мора да дојде до трансформација за да не дојде до дегенерација.

Накратко, тоа е проблемот на сите идентитетски движења кои функционираат во моментов. MeToo е едно од попознатите, но тука се и сите останати малцински движења. А ги има многу, што значи дека се расцепкани, со тенденција на понатамошно цепкање. А бидејќи ги има премногу, тоа значи дека нивниот домет е намален.

Исто така, знаеме дека хегемонот, оној против кого се борат сите овие групи, лесно ќе ги раскара сите фракции, зашто за него тие се една иста приказна. Најпосле, сите овие групи почнуваат да работат за оној против кого се борат. Во некои случаи групите ќе се расправаат меѓусебно, а потоа ќе се обвинуваат за соработка со империјата.

Идентитетската приказна во подоцнежната фаза на развојот мора да се надмине себеси, мора да се воздигне до универзална идеја, толку универзална што ќе може да опфати многу идентитетски групи. Долгорочно гледано, не може да се постигне ништо големо без голема, универзална идеја, без голема цел.

За да се случи нешто, мора да биде исполнет еден предуслов. Групите мора да се откажат од најтврдите идентитетски ставови. Шпицовите мора да отапат, групите мора да најдат најмали заеднички содржатели. Универзалната идеја треба да го замени бескрајното раситнување на идентитетот. Окрупнување наместо раситнување. Само така почетната инерција добива значење, само тогаш целината може да се заокружи.

Освен на малцинските групи, овој образец може да се примени и на националните групи, а потоа и на националните држави. Националното будење било неопходно за да се еманципираат малите народи. Се чини дека поинаку не можеле да се ослободат од рацете на империите. Меѓутоа, сè станало бесмислено кога завршил процесот. Инсистирањето на идентитетските специфичности во средина каде тие веќе доминираат звучи како логичка бесмислица. Оттука, на нациите кои успеале да создадат повеќе или помалку заокружени национални држави – им се потребни поголеми идеи. Без универзална цел, националните држави не престануваат да се вртат во круговите кои се исцртани на самиот почеток на борбата за остварување на потиснатиот идентитет. Кога на атласот ќе се додаде името на државата кое се совпаѓа со името на нацијата, приказната мора да се промени. Во спротивно, нацијата ќе мора да измислува непријатели, да се расправа, а понекогаш и да војува со соседите кои се заглавени на истото место. Националната држава без универзална цел е изгубена држава. Оттука големата потреба на националните трудбеници да се вратат во минатото.

Националистите и гејовите не се баш во добри односи. Едните не мислат ништо добро за другите. Меѓутоа, ако малку подобро размислат, можат да разберат дека ги мачи истиот проблем. Структурата на нивните проблеми е сосема идентична, а идентично е и решението. Среќа во несреќа е тоа што до решение можат да дојдат во две колони, но не би им штетело да се фатат рака под рака. Со заеднички сили можат да постигнат многу…

Слики: Clementine Keith-Roach

Извор: https://lavalab.rs/

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет
Општество / Став / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Европа / Балкан

ОкоБоли главаВицФото