1020 hPa
81 %
4 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 17:59
Мислите ме клукаат, упорните птици непрестајно бодат како бодликави жици.
НЕИЗВЕСНОСТ
Стојам неподвижно,
околу мене зујат муви,
очите ми се крвави и суви.
Мислите ме клукаат, упорните птици
непрестајно бодат како бодликави жици.
Времето не проаѓа,
грчевито исчекувам нешто што не доаѓа.
Во часовникот одекнува залудното чукање,
мускулите ми се напрегнати до точка на пукање.
Истоштена, ја губам свесноста
Во ходникот на неизвесноста.
ЕДЕН ЛОШ ДЕН
Денот е сив и губам здив,
дождот се мачи да падне
во ова есенско пладне.
Очите ми се отворени, погледот матен,
сам од себе не се чувствувам сфатен.
Голема дупка во утробата,
неподнослива тишина во собата,
рамената и нозете ми натежнуваат,
волјата и желбата исчезнуваат.
Се чини дека за ова чудовиште
во животот нема уточиште.
КОН МАРГИНИТЕ
На високите зборови не сум им роб,
нејќу да бидам интелектуален сноб,
претпочитам да си ја гледам градината,
со зборови јасни да ја допирам суштината.
Во интелектуалните кругови слабо котирам,
не се ни обидувам да ги третирам,
од нив не се инспирирам,
зошто тогаш да ги цитирам?
Ги фрлам куферите, нека ми се смеат учените
додека кон човекот загубен стрелам
кој на маргините создава дела,
со грижи натоварен, од другите заборавен.
И глупа да излезам душава кога ќе ја изнесам,
ако успеам во прост стих само за миг
да пренесам крик - ќе биде доволно
да се почувствувам задоволно.
ИДЕНТИТЕТИ
Не ми лепи етикети,
не ми лепи идентитети!
Не сум жена, не сум маж,
а ни андрогин - ништо што е ин.
Ништо сум, и како ништо - не ми е ништо!
Ако веќе мораш во кош да ме ставиш,
наречи ме Глас, во неодреден час.
И извичник стави! Која сум? Кој сум?!
Прашањава излишни, што денес се хит,
ја рушат мистеријата на човековиот вид.
Класификации, поделби, групации, асоцијации,
именки од кои наполно сум сит!
ФАК ОФ
Фак оф на сите глупости,
војни и лудости.
Фак оф на вестите што ме рушат
и отровите што ме гушат.
Фак оф на автобусите што ги нема
и кредитите што ги земам.
Фак оф на сите со расипан ков,
за нив посебен Фак оф.
Чувствата сега ми се распалија,
би ги фрлила сите во провалија,
за да го расчистам со стил
патот до мојот мил,
до мојата бајка магична
во денешницава трагична.
Фак оф!
Слики: Shyama Golden