Каков татко, таков син

10.03.2011 11:34
Каков татко, таков син

„Вчерашниот непријател денес е пријател. Беше тоа вистинска војна, но овие браќа сега се вистински луѓе“, велеше Саиф ал Ислам ел Гадафи во март 2010 г., што претставуваше алузија на лидерите на Либиската исламска одбранбена група, вооружена организација која во средината на 1990-те трипати се обиде да го убие неговиот татко Моамер Гадафи.

Ваквата реторика може да претставува изненадување, а неодамна истиот човек на Либијците им вети „море од крв“ доколку режимот во Триполи биде урнат. Несомнено, Саиф ал Ислам, слаткоречив дипломец на Лондонскиот факултет за економија, сега стана главниот осомничен за масовните злосторства против човештвото.

Луѓето како мене, кои ја проучуваат тактиката на арапските диктатори и причините поради кои тие долго се одржуваат на власт, речиси и да не се изненадени од развојот на настаните во тој регион. Арапските авторитарни режими, за разлика од другите кои и’ го отстапија местото на демократијата, се неспособни за реформи, ама знаат какви методи треба да се применат за да се продолжи власта на остарените тирани.

Создавањето безбедносен апарат кој, како митското чудовиште Хидра, има неколку „глави“, масовните убиства на противниците (вистинските и измислените), широко распространетото измачување, како и сеопфатната цензура и угнетување претставуваат некои од вообичаените тактики кои ги користеа Гадафи (Либија), Хосни Мубарак (Египет), Зин ел Абидин Бен Али (Тунис), сирискиот претседател Башар ал Асад и други арапски автократи. Сепак, режимот на Гадафи стана меѓународна парија за многу нешта поради терористичките напади извезени во странство, а не поради злосторствата против човештвото кои се сторени над Либијците. Интересот наречен нафта и „кроткото лице“ кое режимот во Триполи го покажуваше во блиското минато успешно го продолжија неговиот „живот“.

Напоредно со Гадафиевото додворување на меѓународната зедница, неговиот син Саиф ал Ислам и ќерката Ајша успеаја да ги засилат своите позиции, а вторава стана амбасадорка на добрата волја во ОН. Саиф имаше углед на „реформист“ бидејќи се залагаше за започнување на процесот за национално помирување со опозициските групи, наводно ги „ослободил“ медиумите, ги поддржувал добротворните организации и, што е најважно, стана човек со кој Западот може да разговара. Два „јавни фронта“ за спроведување на таквите иницијативи беа „Либија на утрешнината“ и Гадафиевата „Фондација за развој“. Но зад овие организации стоеше либиската воена разузнавачка служба, на чело со Абдулах ал Саноси, кој даваше упатства за спроведување на нивните активности.

Божемните реформи кои ги предлагаше Саиф ал Ислам вклучуваа ослободување на одредени политички затвореници, посебно оние од Либиската исламска одбранбена група кои изразија послушност кон режимот на Гадафи. Но конкретните чекори кои би воделе кон транспарентност, како започнување истрага за трошењето на богатството стекнато со продажба на нафта, беа незамисливи.

Наспроти козметичката природа на „реформите“, другите фракции на режимот, посебно оние кои ги предводеа браќата Саиф ал Ислам, Мутасим, Ал Сади и Хамис, се противеа на таквите планови. Зад браќата исто така стоеја безбедносните служби, како Силите за внатрешна безбедност, Револуционерните комитети и Безбедносната служба на Џамахирија.

Кога во март 2010 г. учествував на конференцијата за национално помирување во Триполи, ме изненадија противречните изјави на Саиф ал Ислам и безбедносните официјални лица. Колку за илустрација, полковникот Ал Тухами Халед, уште еден осмоничен за злосторства против либискиот народ, не сакаше да го нарече тој процес помирување.

Имајќи го предвид неодамнешниот бран народни востанија, станува јасно дека наводните реформи за кои се залагаше арапскиот свет само претставуваа начин репресивните диктатори да останат на власт и да поминат неказнето за злоупотребите. Несомнено, Арапите со години знаеја дека нивните водачи не се способни за спроведување реформи, поради што многумина од нив сега ги ризикуваат своите животи за да ги урнат владејачките режими. Она што моментално се случува во арапскиот свет претставува нова страница во историјата која се пишува со крвта, потта и солзите на жртвите на повеќедецениското насилно угнетување.

На прашањето на еден новинар што би му рекол на Саиф ал Ислам ако повторно го сретнам, одговорив: „Се надевам дека ќе те видам во Хашкиот трибунал, заедно со Мубарак и Бен Али“.

Авторот е предавач на универзитетот Ексетер

Извор: project-syndicate.org