1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 19:59
Некни, во релевантното левичарско списание „Во денешно време“ (In These Times) кое излегува во Чикаго, излезе статија од познатиот левичарски автор и новинар Хамилтон Нолан под наслов „The Power of Dumb“ или – како што е преведено во незаменливото „Окно“, каде што статијата е достапна на македонски јазик – „Моќта на глупоста“. Во статијата Хамилтон ја анализира глупоста, која загосподарува со највисоките ешалони на власта, овој пат отелотворена во повторно избраниот американски претседател Трамп. „Соочувањето со зората на Втората Трампова ера ќе бара од нас да ја прифатиме непријатната вистина дека Глупостите и Важните нешта наскоро ќе се претопат во една единствена болна категорија на егзистенцијата“, пишува Нолан врзувајќи ја глупоста во врвот на американската политика за појавата на Доналд Трамп. Според авторот, како да излегува дека Важните нешта во САД да ти биле врзани само за Паметта и Мудроста пред 2016 година – кога Трамп е за првпат избран, и помеѓу 2021 и јануари 2025, кога Трамп повторно ќе столува во Овалната соба.
Бидејќи Нолан прилично невнимателно навлезе длабоко во областа на мојата експертиза (на читачите сигурно им е познато моето капитално дело „Критика на чистата глупост“ во 16 тома од по 1.600 страни, издадена од светски познатиот Институт за изучување на глупоста со седиште во главниот град на Македоња Норд), морам да забележам дека неговата анализа пати од акутна амнезија, па поради тоа и од тешка методолошка недоследност. Имено, Нолан, феноменот на глупоста во врвовите на моќта го гледа ко да е родена пред некоја година, заедно со првиот избор на Доналд Трамп за претседател на САД. Уште повеќе, тој глупоста ја смета за лична појава, својство на карактерот на една личност (и од него избраните соработници), но и тука греши: „Доналд Трамп е груб, прекумерно самоуверен, нарцисоиден, навреден – глупав човек, кој со времето околу себе привлече поле астероиди, глупави сојузници, помали верзии на себеси. Неговиот непресушен нагон да дејствува без знаење е глупав, како што е глупава и неговата непоколеблива вера во своето смешно расудување. (…)Тој поседува отровна комбинација на голема моќ и крајно отсуство на одговорност“.
Колку и да е во право анализирајќи го претседателот, методолошката грешка е сѐ понагласена колку што авторот повеќе се бави со поединечни личности: „Како најмоќната нација на светот заврши со водител на вести од Фокс њуз како Секретар за одбрана? Со изопачен антиваксер како министер за здравство? Со телевизиски доктор што опасно наликува на шарлатан на чело на Медикер, со професионален борач како министер за образование, со мал, неуспешен сексуален предатор како врховен обвинител, со милијардер, крал на бубалиците отруен со мемиња како министер за финансии?“, жали и тули Хамилтон Нолан, како глупоста за прв или втор пат да влегла во Белата куќа. Но, секој што памети некоја деценија наназад, ќе знае добро дека глупоста и несериозноста се одамна правило во Овалната соба, и дека последните сериозни американски претседатели беа Никсон и Картер, а со малку протекција ерата на Сериозни претседатели што ги препознаваа Важните нешта би можела едвај да се протегне и преку мандатите на Реган и Буш постариот. Од Клинтон наваму, глупоста не ја напушта најмоќната куќа на светот, но и американското општество заглупавуваше некаде со истото темпо. Така што, спротивно на анализата на Нолан, Трамп не е причина за глупоста во Белата куќа, туку тој е само една нејзина персонификација. Не е Америка поглупава заради Трамп, туку Трамп е само одраз на состојбата на свеста на мнозинството Американци, тој е само нивната маскота.
Добата на глупоста почна веќе да еруптира со претседникувањето на Бил Клинтон. И тука не мислам на понижувачкото глупирање кога пред камери се колнеше дека немал сексуален однос во овулациската соба (како некој злобно тогаш ја нарече) со својата млада соработничка Левинска, кога веројатно самиот се беше убедил дека неговиот сексуален орган е всушност државен орган. Не, Клинтон започна два чудовишно глупави и штетни процеси, што сите овие години ја потресуваат и обликуваат геополитичката и економската состојба на планетата и што ги причинија најголемите штети по човештвото после Втората светска војна: тоа е агресивното ширење на НАТО на исток, новиот Drang nach Osten, кое продолжи со криминалното бомбардирање и инвазија на Југославија (она нешто што остана од неа); направи и зол преседан со окупацијата и отцепувањето на дел од суверена држава, преседан кој деновиве прерасна во прокси војна на НАТО против Русија. Последнава пак, малоумно ескалираше со американски претседателски одлуки, за денес да ја претставува најголемата безбедносна закана за опстанокот на човечката цивилизација. И втората глупоштија од невиден маштап е симнувањето на регулациите за работењето на банките, фамозниот Глас-Стигелов закон, донесен 1933 по пропаста на Волстрит и целата светска економија. Оваа втора глупост ја предизвика првин светската финансиска криза од 1998, а потоа го фрли светот на колена во 2008 со најголемиот финансиски крах на берзата после 1929, катастрофа од којашто светот сѐ уште се нема опраено.
За Буш помладиот мислам дека нема потреба да пишувам опширно, зашто веќе е општо место дека тој ја разви интервенционистичката политика на Клинтон до пароксизам: изврши криминална инвазија на Авганистан и на Ирак, започна војни што уништија две држави и две општества, непосредно уби приближно милион луѓе, жени и деца, и го придвижи првиот милионски бран на бегалци во 21 век. Доколку ова не е чудовишна глупост од космички размери, тогаш е тоа црно зло од вселенски маштап. Но, јас сум наклонет кон почитување на Ханлоновото сечило кое гласи никогаш на злото да не му се припишува она што соодветно може да се објасни со глупоста.
Барак Обама, кој го освои светот со зборови и ветувања, и само со својот неодолив шарм доби Нобелова награда за мир без да мрдне со прст за мирот, обезбеди никој да не одговара за најголемата измама на векот, банкарската финансиска криза од 2008, при што воведе социјалистичка солидарност за измамничките банки и им даде повеќе од трилион американски јавни даночни долари за да не банкротираат (и за да можат да си поделат милионски бонуси), додека милиони луѓе останаа без своите заштеди, домови и пензии. Глупост или зло, ќе прашате? Тој ги продолжи војните во Авганистан и Ирак, и во неговиот мандат се усоврши и омасови веројатно најперфидната државно-терористичка пракса: масовното убивање по свадби и погреби од беспилотни летала – дронови, практика што однесе десетици илјади невини животи на цивилно население. Обама го бомбардираше и го уби Гадафи со што ја започна бескрајната голгота на Либија што трае и ден-денес, а тоа го стори и со Сирија, помагајќи го избувнувањето на граѓанската војна што деновиве повторно се засилува. И, да, токму Обама го режираше државниот удар 2014 со кој е соборен демократски избраниот претседател на Украина Јанукович, и со негов аманет е почната граѓанската војна во Украина, која, сите знаеме, прерасна првин во локална војна – по воената инвазија на Русија, за набргу да стане светска војна на НАТО против Русија.
Трамп направи шампионска серија на глупости, почнувајќи од напуштањето на Спогодбата за контрола на нуклеарни проектили од среден домет, па потоа напуштајќи го Советот за човечки права на Обединетите Нации, па УНЕСКО, па Парискиот договор за контрола на јаглерод двеоксидните емисии и справување со климатските промени, но и бајаги други. Серијата на глупости на Трамп е завидна, но од значително помал маштап од неговите претходници. Можеби може да се рече дека значително придонесе состојбите во Палестина да прераснат во војна на Израел против Палестинците во окупираните територии, но вистина е дека за време на својот мандат не започна ниту една војна.
За Џо Бајден, кој е сѐ уште претседател на САД, исто така можам да бидам кус и концизен: со своите ултраглупави одлуки и политики, тој е одговорен за предизвикување и провоцирање, и бескрајно ескалирање на руската агресија врз Украина, исто како што е одговорен за овозможување и директно учество во геноцидот што Израелската држава го врши над палестинското население во Газа. Дилемата дали причината за сето ова е глупоста или злото, мислам дека во овој случај и не е релевантна.
Всушност, за сите овие 35 години глупавост, со светот владее една империја, далеку најмоќна од сите што се појавиле на оваа преубава но напатена планета, а според правилото на Дитер Бонхофер, секогаш кога моќта ќе постигне огромни концентрации, глупоста сурово ги удира и завладува со луѓето.
Слики: Слики: Wayne White
Извор: https://www.slobodenpecat.mk/