1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 18:59
Подемот на Кина ја доведе во прашање глобалната економска хегемонија на Америка – статус што САД го уживаа по распадот на Советскиот Сојуз. Некои делови од елитата на националната безбедност во Америка инсистираат на продолжен примат на Америка, но има и такви кои се подготвени да се помират со доаѓањето на новиот светски поларитет. Сепак, поверојатно е дека конечниот исход ќе биде создавање мултиполарна структура во која земјите од средна категорија ќе послужат како противтежа и ќе спречат наметнување на интересите на САД и Кина во остатокот од светот.
Тоа е категорија која ги вклучува Индија, Индонезија, Бразил, Јужна Африка, Турција и Нигерија – големи економии со значајно учество во глобалните и регионалните економски текови. Тие не се богати земји – напротив, во нив живее голем процент од најсиромашните жители на светот – но имаат голема средна класа, ориентирана кон потрошувачка, како и значителни технолошки капацитети. Збирниот БДП на шесте наведени земји (според паритетот на куповната моќ) веќе го надминува БДП на САД, а се очекува до 2029-та година да се зголеми за 50 проценти.
Овие земји се карактеризираат со надворешна политика која одбива директно изедначување со САД или Кина. Спротивно на она во што верува мнозинството во САД, земјите од среден ранг не се особено наклонети кон Кина, ниту сакаат да се приближат до неа по цена на добрите односи со САД. Всушност, наводното приближување кон Кина е последица на политиките што ги спроведуваа САД. Користејќи ги трговската и финансиската моќ како оружје, Америка ги принуди да ги разгледаат алтернативите и да се обидат да се заштитат.
Лидерите на овие земји не сакаат свет во кој ќе мораат да избираат страна. „Одбиваме да бидеме жетон во новата студена војна“, изјави неодамна индонезискиот претседател Џоко Видодо. Наместо тоа, тие сакаат да развиваат трговски и финансиски односи кои ќе бидат повеќедимензионални, со можност да избираат од понудените опции без вештачко ограничување на изборот од страна на големите сили. Сè повеќе луѓе, како Рана Фурухар од Фајненшл Тајмс, веруваат дека „САД повеќе не се столб на стабилност, туку извор на ризик од кој треба да се заштитат“.
Бидејќи водечките светски економии сè повеќе се насочени кон себеси, земјите од среден ранг природно се најдоа во улога на заштитници на глобалните јавни добра. Тие се добро позиционирани да водат иницијативи поврзани со климатските промени, јавното здравство и проблемите со долговите. Добар пример е иницијативата на Бразил за глобално оданочување на богатството на милијардерите, претставена на самитот на Г20. Бразил предложи воведување данок сo кој би се собрале стотици милијарди долари, што значително би ги пополнило недоволните фондови за борба против климатските промени во земјите со низок приход.
Земјите од среден ранг веројатно нема да прераснат во моќен блок, главно затоа што нивните интереси се премногу различни за да прифатат единствена економска или безбедносна агенда. Дури и кога се приклучуваат на постоечките формални групи, нивното колективно влијание е ограничено. БРИКС (кој првобитно го сочинуваа Бразил, Русија, Индија, Кина и подоцна Јужна Африка) беше промовиран со голема помпа од 2009 година, но досега не постигна многу, освен што им даде можности на лидерите на земјите членки да се сликаат заедно.
БРИКС неодамна се прошири со вклучување на уште четири држави: Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати, а можно е да им се приклучат и некои други земји. Сепак, тешко е да се замисли како една толку хетерогена група може заеднички да настапи барем на минимално конзистентен начин. Најлошата последица од ваквото групирање би било зајакнување на автократските тенденции дури и кај демократски избраните лидери на некои држави-членки.
Економистите и политиколозите се согласуваат дека за здрава и стабилна глобална економија e потребен хегемон. Тоа е функцијата што ја имаа САД по 1945 година или Велика Британија во времето на златниот стандард. Според теоријата на „хегемонска стабилност“, потребно е да постои надмоќна сила која ќе ги сноси трошоците за водење отворена светска економија, ќе ги одржува поморските патишта отворени, ќе овозможува регулирање на трговијата и обезбедување слободен проток на пари. Оттука произлегува дека мултиполарната структура на светот е рецепт за хаос и економска пропаст.
Но, ова е застарен поглед кој не кажува ништо за денешното функционирање на светот. Точните удели на слободата и протекционизмот во избраните трговски политики природно ќе варираат од земја до земја, бидејќи ниедна земја на светот нема корист целосно да се оддалечи од глобалната економија. Државните власти ќе мора да направат проценка за користа од слободната трговија и да балансираат со трошоците за директна поддршка на домашната индустрија за развој на нови капацитети. Кога станува збор за условите за учество во светската економија, секоја земја е свој најдобар судија.
Би било убаво да имаме свет во кој САД, можеби со помош на Кина, би обезбедувале глобални јавни добра – како што се концесиски финансирања и пристап до технологии кои им се потребни на земјите во развој во борбата против климатските промени. Но, тоа не е светот во кој живееме. САД и другите водечки економски сили се сè помалку наклонети кон идејата за обезбедување јавни добра кои се потребни за светската економија; имајќи предвид какво е расположението во нивните престолнини во моментов, малку е веројатно дека тоа ќе се промени во блиска иднина.
Така, како што силите од среден ранг веќе научија од искуството, хегемонската моќ може да се искористи за присила исто како и за општо добро. Хегемонот може да ја искористи за да им наметне правила на игра кои не им служат на нивните интереси – правила кои ќе ги заборави кога повеќе нема да им одговараат – или да ги казни земјите кои не ја поддржуваат неговата надворешна политика, како што беше случајот со интернационализацијата на американските санкции против Иран и Русија.
Можеби најважниот придонес што силите од среден ранг можат да го дадат е преку сопствен пример да покажат дека мултиполарниот глобален поредок и соживотот на различните развојни искуства се можни. Тие нудат визија за светска економија која нема да зависи од моќта и добрата волја на Америка или Кина. Но, ако сакаат да станат вреден пример, мораат да постапуваат како одговорни актери – како во односите со помалите земји, така и во промовирањето на одговорноста во внатрешната политика.
Карикатури: Mohammad Sabaaneh
Извор: https://www.project-syndicate.org/