Архиви на невидливите 3.0: Промоција на зборник и тркалезна маса

12.12.2024 14:00
Архиви на невидливите 3.0: Промоција на зборник и тркалезна маса

Поттикнати од 80-годишнината од формирањето на масовната женска организација АФЖ во Македонија (14-15.12.1944), Центарот за истражување на национализмот и културата, ЦИНИК на 14 и 15 декември организира два настани за да го одбележи овој значаен јубилеј.

Поттикнати од 80-годишнината од формирањето на масовната женска организација АФЖ во Македонија (14-15.12.1944), Центарот за истражување на национализмот и културата, ЦИНИК на 14 и 15 декември организира два настани за да го одбележи овој значаен јубилеј.

• 14.12 • Музеј на Северна Македонија • 19 ч.

Промоција на зборник на научни трудови со наслов „Македонка - Орган на АФЖ (1944-1952), артикулации на сеќавања и критички прикази“

• 15.12 • Музеј на Северна Македонија • 13 ч.

Тркалезна маса на тема: „АФЖ: Недовршена револуција - сеќавање на минатото, замислување на иднината“

Продолжувајќи ја практиката на истражување на социјалистичкото минато на републиката, враќајки го во истражувачкиот фокус првото женско списание пишувано на македонски јазик - „Македонка“, ЦИНИК повторно работеше на проектот Архиви на невидливите 3.0, низ којшто се продуцираше зборник научни текстови со наслов „Македонка - Орган на АФЖ (1944-1952), артикулации на сеќавања и критички прикази“.

Промоцијата на овој зборник ќе се случува во Музејот на Македонија на 14 декември со почеток од 19 часот. Автори на научните текстови се: Ана Колариќ (вонредна професорка на Катедрата за компаративна книжевност и теорија на книжевноста, Филолошки факултет на Универзитетот во Белград), Петар Тодоров (историчар, доктор на науки при Институтот за национална историја во Скопје), Ана Ашталковска Гајтаноска (редовна професорка на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет, на УКИМ), Славчо Димитров (истражувач, теоретичар, активист и куратор на Скопскиот Викедн на гордоста), Христина Иваноска (уметница) и Елени Новаковска (библиотекарка-советничка во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ -Скопје). Уредничка на публикацијата е Јана Коцевска. Промоторка на зборникот е Ана Василева.

Програмата продолжува следниот ден на 15 декември од 13 часот, повторно во Музејот на Северна Македонија каде што програмскиот одбор сочинет од Ивана Хаџиевска, Андријана Папиќ Манчева и Јана Коцевска конципира две тематски насоки за тркалезна маса на тема: „АФЖ: Недовршена револуција - сеќавање на минатото, замислување на иднината“. Настанот се надоврзува на практиките за одбележување на јубилеите на АФЖ низ дискурсот на претставници од релевантните институции и научната јавност, кои кулминирале во 1970-те години, за по 1990-те години да исчезне од јавноста. Тркалезната маса има за цел да собере домашни и регионални експерт(к)и, со искуство од областа на женската историја, односно феминистичкиот активизам, кои низ отворена дискусија ќе ги артикулираат прашањата поврзани со политиките на сеќавање/заборав, третманот на антифашистичките идеи и историски искуства во современиот контекст, женската историја во јавниот простор и значењата на комплексното наследство на АФЖ. Дискусијата ќе ја модерира Ана Василева, а меѓу говорничките ќе бидат Мања Величковска, Јана Коцевска, Ивана Хаџиевска и други. Тркалезната маса е простор отворен за претставнци/чки од научните, образовните институции, како и од граѓанската сфера и медиумите, а тие ќе имаат можност да се надоврзат на дискусијата.

Проектот „Архиви на невидливите 3.0 - Интердисциплинарен пристап: Истражување, пишување и подготвување изложба во практикување култура на сеќавање за жените учеснички во НОБ - по повод 80 години од формирањето на АФЖ на Македонија (1944-2024)“ е реализиран со поддршка на Фондацијата Хајнрих Бел и Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Линк до настанот на фејсбук. 
https://www.nevidliviarhivi.mk/https://cinikskopje.wordpress.com/home/

Повеќе информации за АФЖ:

Антифашистичкиот фронт на жените бил основан во текот на Втората светска војна, во рамки на Народноослободителната борба, под водство на Комунистичката партија на Југославија, со цел да ги мобилизира жените во борба против фашистичките сили. Основната цел на организацијата била масовно и системско вклучување на жените во Народноослободителната војска. На 15 декември 1944 година, во Кино „Уранија“ (денес Кино „Култура“) во Скопје била одржана Првата главна конференција на АФЖ за Македонија, на кој учествувале околу 400 делегати и делегатки. Тука била конституирана организацијата, избран бил Главен одбор и орган на АФЖ станало списанието „Македонка“ . Иницијативна и водечка улога во формативниот процес имале првоборките и комунистички политичарки Веселинка Малинска, Мара Нацева, Вера Циривири Трена и Лефта Јосифовска. АФЖ во повоениот период функционирало како фронтовска организација, со широка и комплексна мрежа на активистки, дисперзирани и мобилизирани на цела територија на државата. Токму низ оваа мрежа на теренски активистки биле спроведувани масовни кампањи за описменување, политичко учество во заедниците и економско активирање на жените како работнички.

Историскиот новитет кој го претставува појавата на АФЖ, како антифашистичка и револуционерна појава, ја поставува општествената задача пред нас како истражувач(к)и и активист(к)и, 80 години по неговото формирање, да поттикнеме суштински јавен простор за сеќавање. При одбележувањето на јубилеите од формирањето на АФЖ, како и при одбележувањето на важни датуми за други државотворни субјекти поврзани со Народноослободителната борба (НОБ), чести се декларативните заложби за „чување на споменот“, но од друга страна, тоа не се одразува во институционалните и општествените односи кон вреднувањето на историјата на жените, како и платформирањето видливост и присуство во јавниот дискурс на наративи кои го предизвикуваат патријархалниот модел за родот и улогата на жените во општеството. Програмата за одбележување на овој јубилеј е плод на женско организирање, чија цел е да ги предизвика политиките на заборав кон (социјалистичката) историја, но и да отвори простор за критичко сеќавање на политичките, социјалните, родовите и економските аспекти. На тој начин, можеме да ја поврземе историјата на АФЖ и со нашите сегашни хоризонти, обележени со воени и климатски кризи, како и со галопирачко назадување на напредокот на женската општествена положба. Да се бараат нишките помеѓу минатото и сегашноста на политичко-етички начин е суштината на одбележувањето на антифашистичката историја.

Извор: https://cinikskopje.wordpress.com

Слични содржини

Книжевност / Култура / Настан / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Култура / Уметност / Настан
Активизам / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото