1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 19:59
Кога падна марионетскиот режим во Кабул на 15 август 2021 година, изразив олеснување поради поразот на империјализмот на САД и, истовремено, страв од она што ги очекува жените во Авганистан во рацете на џихадистичките талибанци.
Американското либерално-империјалистичко лоби веднаш ме нападна зашто – ја славам победата на талибанците. За лакеите на империјализмот, ако не ја поддржувате американската империјалистичка сила, тоа значи дека сте приврзаник на џихадистите кои се противеа на американскиот империјализам. Империјалистичкиот менталитет не е способен да го види очигледното: имавме должност поеднакво жестоко да им се спротивставуваме и на американскот империјализам и на џихадистите кои, пак, ги зајакна токму американскиот империјализам со својата бруталност. Не можеа да согледаат дека американската империјалистичка инвазија само ги зајакна џихадистите кои имаа намера да ги потчинат жените во Авганистан на родов апартхејд.
Минатата недела режимот на Башар ел Асад падна и џихадистите го зазедоа Дамаск. И овој пат изразив олеснување за падот на тиранскиот режим, со напомена: „Сиријците страдаа доволно. Сега треба да престане страдањето, за разлика од Ирак и Либија по падот на тамошните диктатори. За таа цел треба да се држат настрана странските сили, западни и незападни.“
Како и по падот на Кабул, веднаш бев нападнат зашто – ја славам победата на џихадистите. Овој пат тоа беа противниците на американскиот империјализам. За нив, ако не го поддржувате Асад, сигурно сте приврзаник на џихадистите кои им се спротивставуваат на Асад и неговите американско-израелски поддржувачи. Иста е логиката како кај приврзаниците на американскиот империјализам: „Ако не сте со нас, тогаш сте против нас.“ Моите антиимперијалистички клеветници не се способни да го видат очигледното: режимот на Асад, со својата тиранија, само ги зајакна џихадистите кои на крајот го соборија од власт.
Значи, еве ја мојата порака до антиимперијалистите кои сметаат дека е паметно да се поддржуваат тираните како Асад (или, пред него, Садам), зашто тој е непријател на нашиот империјалистички непријател: за да водиме долгорочна борба против империјализмот и да победиме, мора да ги освојуваме срцата и умовите на народот. А тоа нема да го постигнеме поддржувајќи тираните кои ги мрази народот, само затоа што се непријатели на нашите непријатели.
Но, зарем во Ирак не беше подобро, се прашуваат некои, пред да биде соборен режимот на Садам од страна на американската војска? Се разбира дека беше. Зарем Либијa не беше подобра пред Западот да го собори Моамер Гадафи? Се разбира дека беше. Зарем во Сирија не постои опасност од уште поголемо крвопролевање по падот на Асад, како што се случи во Ирак и Либија? Се разбира дека постои. Но, тоа не е причина да ги третираме Садам, Гадафи или Асад како „решение“, како противотров на империјализмот. Нивните тирански режими го отуѓија народот и на крајот се урнаа – со што покажаа дека не се способни да му се спротивстават на империјализмот. Тоа што извесно време можеби беа непријатели на главниот империјалист, САД, не ги прави пријатели на антиимперијалистите.
Накратко, антиимперијализмот ќе биде успешен само ако се придржуваме до некои минимални етички стандарди. Тоа е нашето најсилно оружје, а не калашниковите или противвоздушните ракети.
Зашто, ако се држиме до минималните етички стандарди, можеме да придобиеме маси низ целиот свет кои, најпосле, ги ценат принципиелните хуманистички ставови. Исто така, ќе ни биде полесно да ја разоткриеме дволичноста на западните медиуми кои без срам преминаа од (а) оправдување на дводецениската окупација на Авганистан како суштинска во борбата за спречување на џихадистите да го заземат Кабул, на (б) славење на влегувањето на џихадистите во Дамаск.
Ако не се придржуваме до минималните етички стандарди и наместо тоа ги поддржуваме тираните кои се противат на нашите непријатели, нашиот отпор кон омилените тирани на нашиот непријател ќе биде лицемерен како западниот печат. И тоа би бил најголемиот подарок за западниот печат, империјализмот, тиранијата. Зашто во тој момент, сè ќе се сведе на обично натпреварување помеѓу нивните и нашите „тирани“.
Да заклучам, нема ништо збунувачко во истовременото осудување на Садам Хусеин и злосторничката инвазија на Ирак од страна на Џорџ Буш помладиот. Или во истовременото осудување на Слободан Милошевиќ и НАТО бомбардирањето на српските цивили. Или во истовременото осудување на Талибанците и американската инвазија на Авганистан. Или во истовременото осудување на режимот на Асад и џихадистите кои го соборија, а кои ги поддржуваат САД. Не само што во тоа нема контрадикции, туку тоа е единствениот исправен и ефективен начин на антиимперијалзмот. Не само што не е неутралност, туку е единствениот исправен и ефективен начин да се застане на страната на мнозинството, а не на неколкумина.
Треба да се насочиме кон она што е навистина важно денес: по падот на Асадовиот режим, западниот печат е полн со лирски поеми за раѓањето на новата Сирија, без ниту еден збор за американските и израелските бомби кои паѓаат од небото низ целата нова Сирија – или за израелските упади на нејзината територија.
Така што, дали забележавте дека никој не зборува за актуелниот геноцид во Газа? Тоа е голема победа за Нетанјаху, неговите американски старатели и нивните ЕУ навивачи за геноцид.
Значи, другари, да се држиме до минималните етички стандарди во борбата против империјализмот. И да продолжиме да зборуваме за Палестина!
Карикатури: Antonio Rodríguez
Извор: https://diem25.org/