Изложба на Башким Меџити - „Патување низ боите - jубилејни триесет години творештво”

13.12.2024 08:27
Изложба на Башким Меџити - „Патување низ боите - jубилејни триесет години творештво”

На 16 декември, со почеток во 19 часот, во објектот Чифте амам при Националната Галерија на Македонија, ќе се отвори изложбата на ликовниот уметник и професор Башким Меџити.

Изложбата носи наслов „Патување низ боите - Јубилејни триесет години творештво”, и ќе биде претставен неговиот сликарски опус со седумдесетина слики изработени во комбинирана техника, акрил на платно.

За самото отворање ќе биде подготвена соодветна монографија со пригодни осврти за неговиот сликарски пат, со богати илустрации на неговите дела.

Башким Меџити е роден на 16 јули 1965 година во Гостивар, РС Македонија. Во 1991 година дипломирал на Уметничкиот факултет - Сликарска насока во Приштина. Од 1992 до 2004 година работи како наставник по фигуративна уметност во техничкото и основното средно училиште „Исмаил Кемали“ во Гостивар. Тој е еден од основачите на Факултетот за уметности во Тетово во 1994 година, каде што работи како редовен професор по предметот Акт. Магистрирал сликарство на Факултетот за уметности во Приштина во 1998 година. Остварил околу 30 самостојни изложби во земјата и странство (Берлин, Париз, Њујорк, Грац) и учествувал на многу групни изложби.

За своето творештво уметникот Меџити вели:

„Сакам да сликам во динамичен дух, со движења на моќни и слободни потези на четки комбинирани со шпакла, истурени бои, понекогаш моќни, а понекогаш омекнати и збогатени со цртање со комбинирана техника. Целиот овој процес ми дава да размислувам и да дејствувам барајќи графички пробив, контраст, хармонија, преплетување на слоеви со боја, тонови, текстура -накусо, го одржувам напредокот на сликарскиот процес за да се постигне динамичена композиција бидејќи во природата сè е во движењето, и сè се менува ...
Инспирацијата за сликање ја наоѓам од природата и природните ресурси кои ме опкружуваат, како и од изворите на различното творештвото : литература, историја, музика, филм, драма..т.н. Сето ова за сликарството ми дава неограничени можности да истражами комуницирам многу димензии на емоциите од гореспоменатите инспирации. Од друга страна создавам возбудливи одговори родени од самиот процес на сликање.

Спонтаните постапки, случајните точки, линиите, буквите, симболите и потезите на четката претставуваат борба или танц со потсвеста за да се открие нејзината содржина преку чист израз. Сликањето во духот на апстрактниот експресионизам ми дава слобода да прекршувам многу правила, тука ја црпам инспирацијата од формата, бојата и структурата на предметите. Апстракцијата ми дозволува да ги користам своите чувства, интуиција и креативност и слободна експресија. Ми се допаѓа креативниот процес во кој ништо не е во ред и доброто доаѓа од самата игра со линии, бои, тонови, текстури, форми. Tака сликам нешто што веќе постои или постоело, но на сосема поинаков начин со разделување и апстрахирање во модерен и уметнички дух. Мојата цел е набљудувачот да гледа на сликата на сосема нов начин, со сосема поинаква перцепција од вообичаената, што ќе го поттикне на истражување на сопствените мисли и верувања”.

Изложбата ќе трае до 16 јануари, 2025 година. Куратор на истата е кустос Маја Крстевска.

ОкоБоли главаВицФото