Биоетика на попреченостa

13.12.2024 12:11
Биоетика на попреченостa

Биоетиката на попреченоста е проучување на етичкото расудување и етичката практика на пресекот на биомедицинскaта наука, етиката и студиите за попреченост.

Биоетиката на попреченоста се потпира на филозофската дисциплина на етиката и нејзината примена во медицинската пракса, како и студиите за попреченост и активизмот за лицата со попреченост. Политиката и организацијата на јавното здравство играат важна улога во биоетичките проценки на попреченоста.

Како филозофска дисциплина, биоетиката се обидува да одговори на етичките прашања во биомедицинската наука и професионалната медицинска пракса. Етичарите од општата насока можат да бараат одговори на прашања како што се:

- Како треба да се однесуваат луѓето?

- Кои норми и принципи треба да управуваат со човековото однесување?

- Како се прави разлика помеѓу доброто и погрешното?

- Што значи да се биде личност со високи морални принципи?

Насочувајќи го вниманието на пресекот на етиката и професионалната пракса во медицинските и здравствените професии, биоетичарите може да се прашаат:

- Дали генетскиот инженеринг е добар за човештвото?

- Дали еутаназијата е морално дозволена?

- Кои се обврските на лекарите и медицинските техничари кон пациентите?

- Што значи пациентите да се третираат еднакво и правично?

За да ги разјаснат овие прашања во контекст на попреченоста, биоетичарите за попреченост може да прашаат:

- Дали треба да се почитуваат граѓанските и човековите права на лицата со попреченост кога бараат лекарска помош?

- Дали самоубиството со поддршка на лекар е морално дозволено?

- Дали на пациентите со попреченост треба да им се обезбедат истите опции за лекување што им се нудат на пациентите без попреченост?

- Кои се моралните обврски на лекарите и здравствените работници кон пациентите со попреченост?

За да одговори на ваквите прашања, биоетиката на попреченоста се потпира на знаењето обезбедено од биомедицинската наука, на упатствата дадени во професионалните кодекси на етичко однесување за медицинскиот персонал и на литературата за медицинската биоетика вклучувајќи ги нејзините правни аспекти.

Покрај тоа, се потпира на согледувањата на историчарите и филозофите за попреченост, на уметноста и културата на попреченост, како и на емпириски истражувања за искуството на живеење со попреченост и лични сведоштва на лицата со попреченост.

Конечно и најважно, биоетиката на попреченоста вклучува знаење обезбедено од студиите за попреченост и социјални движења за попреченост (на пр. движење за правата на лицата со попреченост, движење за правда за лицата со попреченост, движење за независен живот).

Ги зема предвид сведочењата на активистите со попреченост кои настојуваат да ги разоткријат и елиминираат предрасудите и структурната неправда кон лицата со попреченост во контекст на биомедицинските истражувања и медицинската пракса.

Како мултидисциплинарен потфат, биоетиката на попреченоста се заснова на етички принципи, професионални доблести и социо-политички вредности кои ги структурираат различните извори на знаење на кои се потпира. Овие различни влијанија се рефлектираат во начините на кои биоетиката на попреченоста се справува со предизвикувачки морални прашања и сложени ситуации во биомедицинската пракса.

И покрај растечкото разбирање дека попреченоста е вообичаен дел од човечкото искуство, животите на лицата со попреченост продолжуваат да се девалвираат во донесувањето медицински одлуки.

Негативните предрасуди и неточните претпоставки за квалитетот на животот на лицата со попреченост се сеприсутни во секое општество и може да резултираат со девалвација и апсурден третман на лицата со попреченост, а во медицински контекст овие предрасуди може да имаат сериозни, па дури и смртоносни последици.

Добар пример за тоа како да се одговори на овој проблем е работата на Националниот совет за попреченост на САД, независна организација во рамките на Федералната влада на САД која ја советува за прашањата за попреченоста.

Советот спровел истражување за тоа како на лицата со попреченост влијаат предрасудите и претпоставки во некои од најкритичните здравствени проблеми, вклучувајќи ги покрај другото, трансплантацијата на органи, самоубиство со поддршка на лекар, генетско тестирање...

Исто така, тие истражувале како овие области се развиваат како резултат на технолошкиот и научниот напредок, како и промените во законите и здравствената заштита. За испитување на секоја тема користена е комбинација од оригинално истражување, интервјуа со засегнатите страни и научници, прегледи на литература, прегледи на медиумски извештаи и правна анализа каде што тоа е соодветно.

Покрај наодите од истражувањето, во своите извештаи од истражувањето, Советот дал препораки до законодавците и креаторите на политиките за тоа како да се осигура дека животот на лицата со попреченост се вреднува на еднаква основа со другите и како да им се овозможи на лицата со попреченост да донесуваат одлуки за нивната здравствена заштита без принуда и со почитување на нивното достоинство, приватност и автономија.

Важно е да се напомене дека биоетиката на попреченоста не е исто што и етиката на јавното здравје. Јавната здравствена етика има за цел да го идентификува општото добро кое се однесува на човековото здравје и да управува со активностите кои би довеле до исполнување на тие цели.

Активностите на јавното здравје се засноваат на општи морални размислувања за кои се претпоставува дека ги засегаат повеќето луѓе, како и на специфични морални прашања кои се јавуваат во контекст на одредена популација.

За разлика од општата етика, етиката на јавното здравје се занимава со етички проблеми поврзани со здравјето. За разлика од биоетиката, таа првенствено настојува етички да ги задоволи потребите на населението, а не потребите на поединецот.

Бидејќи лицата со попреченост може да се сметаат за специфична популација, етиката на јавното здравје и биоетиката на попреченоста имаат предност кога се разгледуваат прашањата што се однесуваат на групата.

Меѓутоа, нивните цели може значително да се разликуваат: додека етиката на јавното здравје ги насочува активностите за зачувување на јавното здравје кон целта за подобрување на здравјето и благосостојбата на заедницата или општеството преку искоренување на медицинските абнормалности, биоетиката на попреченоста се стреми да ја подобри благосостојбата на сите луѓе со вклучување на медицинските несовршености во дефиницијата за здраво и добро општество.

Анџела Каур е доцентка на Универзитетот Пен Стејт во САД, каде што предава во областа на попреченост, рехабилитација и професионална работа со лица со попреченост. Се занимава со прашања за вклучување на работниците со попреченост и нивната улога во политичката економија на капитализмот.

Извор: https://portaloinvalidnosti.net

Слични содржини

Општество / Активизам / Квир / Теорија
Општество / Живот / Теорија
Активизам / Свет / Теорија
Психологија / Наука / Теорија
Наука / Култура / Теорија
Општество / Активизам / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото