1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 18:59
Куќата е црна, документарен филм; персиски: خانه سیاه است – Khaneh siah ast; Иран; Форух Фарохзад; 1963
Инвалидитет: лепра
Улоги: Форух Фарохзад, Ебрахим Голестан, Хосеин Мансури
Сиже: Филмот е снимен во колонијата за лепрозни луѓе Бабабаги, на северот од Иран. Болеста, грдоста и суровоста се преплетуваат со религиозноста, добрината и благодарноста.
Реплика: Наставникот: Ти, наведи неколку убави работи.
Ученикот: Месечина, сонце, цвеќе, игра.
Наставникот: А ти наведи неколку грди работи.
Друг ученик: Рака... нога... глава.
Филмот почнува со обраќање на машки глас: „Светот не е лишен од грдотија. Доколку човек пред неа ги затвори очите, ќе ја има уште повеќе. Но човекот е оној што ги решава проблемите. На филмското платно ќе се појават грди глетки, слики на болка, кои сочувствително човечко суштество не смее да ги занемари. Да се надмине грдотијата и да им се олесни животот на страдалниците е мотивот на овој филм и на неговите автори.“
Првиот кадар на филмот е антологиски, се наоѓа и на корицата на книгава: камерата, бавно зумирајќи, стига до крупниот план на забрадена лепрозна жена и до одразот на нејзиното унаказено, делумно покриено лице во огледало.
Во својот прв и единствен авторски филм култната иранска режисерка и храбра модернистичка поетеса Форух Фарохзад (1934–1967) прикажува низа настани од секојдневниот живот на жителите на лепрозната колонија Бабабаги. Немилосрдно документирајќи ги ескалирачките фази на болеста, користејќи моќни и вознемирувачки слики, брзи резови и незаборавна трагична поетска нарација, Фарохзад ни ја доближува страшната болест од која низ историјата толку многу луѓе умреле или биле протерани од заедниците. Но, колку што го прикажува ужасот на болните и унаказени луѓе (меѓу кои има и многу деца), филмот нуди убавина, емпатија и благородност. Раскажувањето на Фарохзад (сценаристка и режисерка) користи цитати од Стариот завет, од Коранот и од нејзината сопствена поезија.
Еве неколку цитати од моќниот текст на Фарохзад што го изговара нараторот во филмот:
Каде можеш да избегаш од сопственото лице? Каде тогаш би заминало твоето постоење?!
Да имав крилја на гулаб, ќе одлетав и ќе се смирев. Ќе заминев далеку, во пустината, да се засолнам. Ќе избегав од ветриштата и бурите. Зашто видов премногу беда и зло на земјава.
Запомнете дека мојот живот е ветар. Станав пеликан во пустина, був врз урнатини, и како врапче седам сам на покрив.
Борис Трбиќ во книгата Било еднаш на Блискиот исток пишува: „Фарохзад ефектно го користи филмскиот јазик, следејќи ги состојбите на протагонистите преку нивните активности. Мажите пушат, стоејќи крај ѕид, како нешто да чекаат, додека жените ткаат, готват и се занимаваат со домашните работи. Едноставноста на природата што ги опкружува, убавината на лисјето, кокошките и кученцата што шетаат низ дворовите, на посреден начин ги упатува гледачите кон кружните патишта на животната енергија, помеѓу болеста, исчезнувањето и новото раѓање. Постар маж бутка дете во количка, човек со ампутирана нога си игра со синчето, деца играат со топка, болна мајка дои бебе, а едно девојче ја чешла својата преубава, со лепра заразена сестра. Жените, чии лица засекогаш се нагрдени со лузни, се шминкаат. Една средовечна жена, додека ја чешла долгата црна коса, се врти кон камерата и се насмевнува.“
Звучните ефекти се исто така разновидни и успешни. Според Трбиќ, додека ја прикажува природата Фарохзад ја користи тишината на истиот начин на кој ги користи поетските каденци и драмските паузи во нарацијата. „Монотоната песна на тажниот болен кој танцува пред павилјонот, ѕвечкањето на чиниите во болничката кантина за време на оброк, веселата музика на традиционалните инструменти на свадба, ги потсетуваат гледачите на ритмовите на секојдневниот живот во колонијата. Со плескање, игра и песна на присутните, невестата го симнува велот од лицето, откривајќи ги лузните и солзите.“
На крајот на филмот одново се враќаме во училницата, каде што учителот бара од децата да одговараат на наизглед едноставни прашања. Кога тој од едно лепрозно момче бара на таблата да напише реченица со зборот куќа, момчето за миг се замислува. Рез. Гледаме долга колона лепрозни кои се движат кон камерата. Скромно облечени луѓе, на различни возрасти, со унаказени лица и екстремитети, бавно, молчешкум, речиси заканувачки, стигаат до влезната порта - и одеднаш пред себе ја затвораат. На капијата стои натписот „Колонија на лепрозни“. Момчето во училницата конечно се решава и на таблата пишува: „Куќата е црна“. Врз затемнетата слика слушаме женски глас: „О надојдена реко, водена од снагата на љубовта, течи кон нас, течи кон нас.“
***
За време на снимањето режисерката Фарохзад се приврзала за Хосеин, дете на лепрозни маж и жена, кое подоцна го посвоила.
Форух Фарохзад, пред да го запознае режисерот Ебрахим Голестан, била позната првенствено како поетеса. Таа е првата иранска поетеса од модерното време која отворено пишувала за своите сексуални фантазии и постојано се борела против задушувачкиот патријархат. По престојот во Европа во 1958 година таа се вратила во Иран и започнала љубовна врска со Голестан. Работела во неговото филмско студио како монтажерка на документарни филмови (најпознат е извонредниот краток филм Оган), пред да добие шанса да го режира филмот Куќата е црна. Филмот е снимен 1962, во околината на Табриз, за 12 дена, со тричлена филмска екипа.
Дваесетминутниот документарец денес има култен статус. Во 2019 реставрирана верзија на филмот беше прикажана на филмскиот фестивал во Венеција.
***
Форух Фарохзад загинала во сообраќајна несреќа во 1967 година. Во историјата на филмската уметност зафаќа важно место, слично на она што го имаат нејзините големи претходнички, Жермен Дилак, Маја Дерен, Лота Рајнингер... Џонатан Розенбаум ја споредува со Пазолини, поради неочекуваните споеви меѓу еротиката и религијата, политиката и поезијата, сиромаштијата и привилегираноста, сè до митската смрт. Филмот Куќата е црна Розенбаум го споредува со филмот Изроди (1932) поради способноста на авторката да пронајде рамнотежа меѓу емпатијата и ужасот; во тој простор тој го лоцира посебниот поетски израз на Фарохзад.
Фотографиите се од документарниот филм Куќата е црна (Форух Фарохзад, 1963)