1017 hPa
56 %

20 °C
Скопје - Сре, 21.05.2025 12:45
Терминот „телесна дисморфија“ им е познат на родителите на тинејџери кои и маат извитоперена и претерано негативна слика за своето тело. Можеби дури и сте го сретнале изразот „продуктивна дисморфија“, што означува чувство дека не сте доволно продуктивни, без оглед колку се трудите. Некои дури го сретнале и терминот „зум дисморфија“, кој беше посебно истакнат за време и по пандемијата на Ковид 19. Ова е случај кога луѓето имаат целосно различна или извитоперена слика за себеси и својот изглед, а сето тоа поради повеќечасовно гледање на својот одраз за време на видео повиците.
Очигледно, ова е ера на извитоперени слики и сè повеќе варијации на нарушувања како што е дисморфијата.
Новите истражувања покажуваат дека младите луѓе ги мачи уште еден тип дисморфија. Станува збор за парична дисморфија, односно чувство дека никогаш не се доволно успешни во финансиска смисла, без разлика колку штедат или заработуваат.
Младите се чувствуваат „финансиски лошо“
Едно неодамнешно истражување (CreditKarma) откри дека 29 проценти од младите западњаци доживуваат парична дисморфија, додека 43 проценти од припадниците на генерацијата Зед и 41 процент од миленијалците чувствуваат дека постојано заостануваат финансиски.
Истражувањето покажа дека дури и оние кои имаат релативно добра финансиска резерва прекумерно се грижат за пари. Од оние кои доживуваат финансиска дисморфија, 37 проценти имаат заштеда поголема од 10 илјади долари, а 23 проценти повеќе од 30 илјади долари.
Зошто младите се чувствуваат „финансиски лошо“? Причините се: многу стрес и лоши финансиски одлуки. Од каде потекнува тоа? Стручњаците укажуваат на два извори: неодамнешното минато и социјалните мрежи.
Миленијалците се и убијци
Особено миленијалците преживеаја многу во финансиска смисла – од шокот што го донесе Големата рецесија, особено во Америка, до наглиот пораст на цените на факултетите и домовите. Тие пораснаа со очекување дека ќе бидат првата генерација која ќе заврши во полоша финансиска ситуација од своите родители. Дополнително, миленијалците „го носат крстот“ дека се убијци. Ги убија го работното време од 9 наутро до 5 попладне, семејството, како и малите маркети во корист на големите ланци.
Сепак, она што реално се случи не ги исполни нивните стравови и лоши прогнози.
„Миленијалците, како група, не се сиромашни. Всушност, тие напредуваат економски. Тоа не беше случај пред десет години, а просперитетот во рамки на генерацијата денес не е рамномерно распределен. Но, од средината на 2010-те години, миленијалците генерално направија извонреден финансиски камбек,“ тврдат психолозите, па и Жан Твенж во списанието Атлантик.
Таа користи низа статистички податоци за да го поткрепи своето тврдење. Пишува дека просечно домаќинство водено од миленијалци сега заработува повеќе отколку што заработувале претходните генерации во истите години. Речиси исто толку миленијалци поседуваат свои домови (48 проценти) како и бумерите (50 проценти). Меѓутоа, штетата во начинот на размислување на многу млади луѓе очигледно веќе е направена.
Обвинувајте ги социјалните мрежи
Сепак, од Големата рецесија се случија многу нешта. А оваа приказна за еден вид финансиска анксиозност која се јавува по претрпен стресен настан, не се однесува на генерацијата Зед, од кои најстарите имале 11 години во 2008 година. Значи, очигледно се вклучени и други фактори, а стручњаците немаат проблем да го идентификуваат точниот извор на проблемот.
„Ова е проблем кој трае долго време, но социјалните мрежи го подигнаа на сосема ново ниво,“ изјави за Си Ен Би Си финансиската советничка Керолин Мекленахан.
„Откривме многу силна врска помеѓу чувството на незадоволство во врска со нечија финансиска ситуација и времето поминато на социјалните мрежи,“ изјави Изабел Бароу, директорка за финансиско планирање во Edelman Financial Engines, во истиот текст.
Луѓето не ги објавуваат своите неплатени сметки или огромните студентски кредити на Инстаграм, но сакаат да споделуваат луксузни одмори или нови, скапи автомобили. Ова не само што создава извитоперени очекувања за сопствениот животен стил, туку и сосема погрешни идеи за тоа како живеат другите луѓе.
Борба со паричната дисморфија
Дали решението е помалку да се користат социјалните мрежи? Според бројни студии за менталното здравје и однесувањето на интернет тоа сигурно би помогнало. Но, се предлагаат и други чекори ако се сомневате дека сте меѓу речиси половината западњаци кои никогаш не чувствуваат финансиска сигурност.
Еден предлог како решение е отворениот разговор. Социјалните мрежи се машина за измама. Но искрените разговори со блиските луѓе можат секому да му помогнат да ја погледне ситуацијата реално и да се потсети дека реалната финансиска ситуација на повеќето луѓе е многу покомплицирана отколку што изгледа на нивните профили на Инстаграм. Ако реалните разговори можат да помогнат, истото важи и за основното финансиско планирање. Ако можете да исполните неколку основни цели (на пример, да заработувате повеќе отколку што трошите, да ја разбирате разликата помеѓу добриот и лошиот долг и да имате разумни финансиски очекувања), веројатно сте на вистинскиот пат.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Myriam Wares
Извор: https://bonitet.com/