1022 hPa
70 %

7 °C
Скопје - Чет, 13.02.2025 18:59
Офанзивата на опозицијата со која за дванаесет дена беше соборен режимот на Башар ал-Асад, претставува пресвртница во историјата на Сирија. Покрај тоа, таа покрена верига настани кои ќе ја преобликуваат геополитичката слика на голем дел од Блискиот исток. Победата на опозицијата и бегството на Асад во Москва произлегуваат од синергијата на повеќе процеси на сириско, регионално и глобално ниво. Династијата Асад жестоко владееше 54 години, односно уште од 1970 година кога командантот на авијацијата, Хафез ал-Асад, со воен удар ја презеде власта.
Во март 2011-та година, пред повеќе од 13 и пол години, како дел од „Арапската пролет“, избувнаа масовни немири, а потоа и вооружен бунт кој брзо прерасна во исклучително сурова граѓанска војна. Според проценките, од предвоената популација од приближно 22 милиони Сиријци, убени се помеѓу 400.000 и 600.000 луѓе, повеќе од половината се цивили. Околу 13 милиони граѓани побегнаа, половина од нив надвор од земјата. Во војната се вмешаа низа светски и регионални сили – САД на чело со поголем број западни земји, Саудиска Арабија и другите заливски монархии, Турција, Израел, Русија, Иран. Затоа извонредно комплексниот конфликт беше соодветно опишан и како „мини светска војна“, која помина низ неколку фази.
Државата се распадна на територии под контрола на меѓусебно спротивставени фракции и стотици различни паравојски, вклучувајќи го и морбидниот калифат „Исламска држава“, кој во еден момент опфаќаше голем дел од Сирија и Ирак. До средината на 2015-та година изгледаше дека режимот на Асад тешко ќе преживее, меѓутоа, до 2020-та година, владини единици, благодарение на поддршката од руската авијација, Иран и прoиранските паравојски, повторно зазедоа приближно три четвртини од земјата, а антирежимската опозиција беше истерана во дел од провинцијата Идлиб. Таквата ситуација, повеќе или помалку, траеше до 27-ми ноември, кога опозициските сили – пред сè исламистичката Хајат Тахрир ал-Шам („Организација за ослободување на Левант“ или ХТС) и прoтурската Сириска национална војска, заедно со уште неколку групи, започнуваат молскавичен напад и влегуваат во Дамаск.
Во западната јавност доминантните конзервативни и либерални интерпретации го нагласуваат исклучително бруталниот и масовен терор со кој таткото и синот го одржуваа своето владеење, а причините за бунтот ги сведуваат на стремежите на населението за слобода. Меѓутоа, дел од левицата во режимот гледаше „помало зло“, главно поради две причини. Бидејќи Асадови припаѓаат на малцинската, периферна шиитска секта алавити, со мнозински сунитската земја владееја исклучително секуларно. Тоа значеше религиска толеранција во земја во која приближно една четвртина од населението се верски малцинства – околу 13 проценти шиити, десетина проценти разни христијански деноминации, а остатокот Друзи.
Идеологијата на владејачката партија Баас (Арапска социјалистичка партија) изворно моќно ги истакнуваше антиимперијализмот, неврзаноста и арапскиот социјализам. Баас буквално значи воскреснување, а партијата основана 1943-та година вклучуваше модернизациски тенденции и претендираше на лидерска улога во целиот арапски свет. Најпосле, токму Вашингтон со своите акции од Авганистан до Либија го поттикна, па и поддржа, подемот на џихадистите. Реално, и двете наведени гледишта - и доминантното и она што е присутно кај дел од левицата - содржат само дел од вистината. Тие ја поедноставуваат исклучително комплексната слика со многу контрадикции и пропуштаат важни фактори, пред сè економски, но и други.
Како и голем дел од алавитите и Сиријците воопшто, Хафез ал-Асад потекнуваше од сиромашен крај. По доаѓањето на власт спроведуваше обемни општествени и економски реформи, вклучувајќи национализација на големите компании, експропријација и прераспределба на земјиштето и подобрување на животните услови на селаните. Исто така, ја нагласуваше еманципацијата на жените. И покрај некои почетни успеси, режимот се карактеризираше со корупција и репресија. На позициите на моќ, согласно критериумот за лојалност, надпропорционално се поставуваа алавити и сунити од пониските класи, на штета на традиционалните урбани конзервативни елити. Огромен дел од националните ресурси ги проголта армијата, која за петнаесет години се зголеми за десеткратно.
Амбицииите беа претворање на Сирија во водечка арапска сила, која ќе може да му одговори на Израел. Така создадената војска се претвори во поткрепа на режимот. Воениот трошок, заедно со промената на економската коњуктура, неизбежно доведоа до штедење. Штедењето, пак, во комбинација со бесот на декласираните претходни елити, огорченоста поради создавањето нов слој привилегирани, секуларни политики и фактот дека дел од населението ги гледа алавитите како еретици, доведе до оживување на Муслиманското братство. Тоа беше во согласност со општиот тренд во арапските општества, разочарани од неуспесите на модернизацијата што ја прокламираше арапскиот социјализам. Потоа, во 1982-та година избувна вооружен бунт во кој исламистите го зазедоа градот Хама. Војската безобѕирно го срамни градот, а притоа беа убиени најмалку 10 000 цивили. Потоа, режимот преку тајната служба Мухабарат и другите органи воспостави тоталитарна контрола над општеството.
Во 2000-та година, по смртта на таткото, власта ја наследи Башар ал-Асад, а изградбата на неговиот сакросанктен култ на личноста започна претходно. И покрај фејслифтот, авторитарната природа на власта не се промени. Но на економски план дојде до големи промени, кои ги опиша Џозеф Дахер, сириско-швајцарски политиколог и автор на книгата за политичката економија на Сирија по востанието, објавена на сајтот на Фондацијата Роза Луксембург. Во новиот милениум Сирија брзо ги спроведуваше неолибералните политики.
Моќта беше концентрирана во рацете на владејачот и неговиот круг. Државниот имот се користеше за одржување на моќта, а мафијашката приватизација најмногу го збогати кругот на роднините и лојалистите на Асад. Наспроти слоевите кои уживаа во луксуз, реформите го осиромашија најголемиот дел од граѓаните. Субвенциите на прехранбените производи, гасот и другите енергенси се намалуваа или се укинуваа. Се намали квалитетот и достапноста на здравството и образованието, како и на другите социјални услуги, но и стапката на вработеност. Пред избувнувањето на војната една третина од Сиријците живееја под границата на сиромаштија, а уште една третина само малку над неа.
Руралните краеви се осиромашуваа уште од осумдесеттите години, па во декадата пред војната процентот на сиромашни во селата изнесуваше 62 проценти. Егзодусот во урбаните средини го забрзаа приватизацијата на земјиштето и големите суши кои избувнаа во 2006-та година. Околу градските јадра никнаа сиромашни населби, додека шпекулациите со недвижнините, предизвикани од капиталот од Персискиот залив и укинувањето на ограничувањата за висината на трошоците за домување, доведоа до неподносливо високи трошоци за станбените услуги. Доаѓаше до „поместување во изворната социјална база на режимот, кој првобитно се состоеше од селани, владини службеници и делови од буржоазијата“, и тоа во насока на „режимска коалиција на капиталисти – односно наемнички сојуз на политички мафијаши и буржоазија и средната класа која го поддржува режимот“.
Не е случајно што губитниците на економската либерализација излегоа на чело на антирежимското движење. Така Башар ал-Асад ја уништи сопствената социјална поткрепа: „географијата на бунтовите во Идлиб, Дара и другите градови со средна големина, како и во другите рурални краеви, покажува образец, односно, сите тие беа историски упоришта на Баас, кои во шеесеттите години се збогатија од земјоделските реформи“. Во сирискиот конфликт се вмешаа низа меѓународни актери - вклучувајќи ги и САД и остатокот од Западот, кои активно го поддржаа соборувањето на Асад, вклучувајќи и вооружување на бунтовниците - но неговите изворни причини се домашни: „непостоењето демократија и растечкото осиромашување на широките слоеви на сириското општество на позадината на корупцијата и растечката нееднаквост го подготвија теренот за народно востание кое само чекаше соодветна искра“. А таа искра дојде со арапската пролет.
Италијанската новинарка Франческа Бори известува од Сирија уште од 2012-та година. Во нејзината извонредна книга „Сириска прашина“ напиша дека „за да се разбере Сирија поважен е Маркс отколку Куранот “.
-Во Европа претерано ја нагласуваме улогата на религијата, но во Арапската пролет во сите земји клучни беа економијата и социјалната исклученост. Елитите беа општествено малцинство фокусирано на својата моќ и бизнисот. Постојат идеи дека Арапската пролет била некаков вид странски заговор. Тоа е апсолутно неточно. Странските сили се вмешаа, но стануваше збор за вистинска арапска револуција која не заврши, бидејќи нејзините причини сè уште постојат – вели Франческа Бори.
Актуелните настани пресудно ја обликуваше интеракцијата на сложените регионални и глобални геополитички процеси. Можеби најмногу влијаеја интересите и натпреварот на регионалните големи сили. Режимот на Асад беше единствениот државен сојузник на Техеран. Покрај тоа, заедно со либанската шиитска организација Хезболах, претставуваше клучна географска алка на антиизраелската и антизападната „оска на отпорот“. Но, целото западно крило на иранскиот безбедносен систем, граден повеќе децении, сега е скршено, бидејќи се прекинати копнените врски со Либан. „Не постои оска на отпорот без пристап до Хезболах“, тврди аналитичарот Али Ваез од тинк-тенк организацијата International Crisis Group.
Досега се чинеше дека власта на Асад колку толку е стабилизирана, но тогаш во геополитичката равенка, како следен процес, се вмеша израелско-арапскиот конфликт. Со нападот врз Израел минатата година, Хамас покрена ланец од настани во кој Израел не само што ги уништи повеќето воени капацитети на Хамас и изврши геноцид врз Палестинците во Газа, туку и драстично го ослабна и порази Хезболах. Во исто време, уште од 2022 година, се намалуваа капацитетите на Русија. Москва ги пренасочи поголемиот дел од своите ресурси и вниманието кон агресијата врз Украина, која ја гледа како егзистенцијална битка против Западот.
Во таква констелација шансата ја искористи Турција. Некогаш Реџеп Таип Ердоган негуваше пријателски односи со Асад, но по избувнувањето на востанието Анкара многу брзо започна финансиски, разузнавачки и воено да ја поддржува Слободната сириска армија. Главно поради две причини: веруваше дека ако го соборат Асад, новите сириски власти ќе бидат идеолошки поблиску до Турција под АКП, како исламска власт, но и надворешно-политички зависни од Анкара која би добила улога на хегемон на тој дел од Блискиот исток.
Изгледаше дека руската интервенција и распадот на сириската опозиција најмногу ги спречија плановите на Ердоган, барем што се однесува до соборувањето на сирискиот режим. Но, постоеше и постои и друга причина - длабоката антитерористичка параноја на официјална Турција. Курдите се помеѓу пет и десет проценти од сириското население. Како не-Арапи, за време на националистичка власт на Баас, беа изложени на жестока репресија, што често го премолчуваат оние кои ја истакнуваат наводната толеранција на Асадовиот режим. Од 2012-та година, на курдските територии се формираше антидржавен ентитет, Рожава или „Автономна администрација на Северна и Источна Сирија“, и тоа под водство на ПИД, организација која фактички настана како сириска филијала на ПКК, која од 1984-та година води упорен бунт во Турција, каде живеат најголемиот број Курди.
Анкара се соочи со можноста на нејзините јужни граници да се создаде втор курдски ентитет, кој Турција, за разлика од ирачкиот автономен Курдистан, го смета за терористички. Затоа продолжи да поддржува разни исламски и џихадистички групи, како што е Џабат ал-Нусра, првобитно гранка на терористичката Ал-Каеда, која на крајот го зазеде подрачјето под власт на опозицијата, а во 2017-та година се трансформираше во денешниот ХТС. И уште повеќе влијаеше на формирањето и ѝ помагаше на Сириската национална армија (СНА), која фактички е алатка на Анкара. Во „соработка“ со СНА, турската војска повеќепати ги нападна сириските Курди и окупираше дел од северна Сирија како „тампон-зона“, при што изврши етничка чистка.
Токму околу северот на земјата Турција вршеше притисок врз Дамаск, условувајќи ја „нормализацијата“ со турски надзор на таа територија. Асад одбиваше да попушти, очигледно сосема погрешно проценувајќи го статусот на својот режим и можностите на своите сојузници. За време на исклучително суровата војна беа извршени бројни злосторства од сите страни. Огромен број од нив паѓаат на сметка на војската на Асад и нејзините сојузници. Амнести Интернешнел, која неодамна објави детален извештај во која го обвинува Израел за геноцидот во Газа, како и Комисијата на ОН, меѓу другото, документираа напади со хемиско оружје, намерно неселективно бомбардирање на цивилни квартови, разурнување болници и училишта, брутални мачења и масовни егзекуции на затвореници: се проценува дека само од 2011-та до 2016-та година во затворскиот комплекс Сајднаја, недалеку од Дамаск, биле убиени помеѓу 5.000 и 13.000 лица. Без оглед на сето ова, Бори истакнува дека режимот на Асад имал шанса.
-Во 2020-та година, доби примирје. Минатата година Сирија повторно беше примена во Арапската лига. Постоеше и процес на нормализација со ЕУ, бидејќи ЕУ сакаше да врати назад што повеќе бегалци. Можеше да ја искористи шансата за да започне со обнова и да стекне некаков вид легитимитет. Имаше златна шанса, но не направи ништо - објаснува новинарката, која не е изненадена од фактот што режимот и неговата војска се распаднаа како кула од карти за само десетина дена, и дека се одржуваа, нагласува, благодарение на Хезболах и Русија.
Брзината со која падна Асад веројатно го изненади и Ердоган. Турција сигурно однапред знаела за офанзивата. Во новото мешање на картите Турција е голем добитник: нејзиното влијание се зголемува, а Ердоган може да триумфира по 14 години. Ова е исто така и обнова на исламизмот како политичка сила во арапскиот свет. Губитници се Иран и Русија, но и Хезболах. По почетокот на распадот, двете земји брзо го отпишаа сирискиот режим и се обидуваат да воспостават некакви односи со новите власти, во кои доминантната улога ја игра ХТС. Кај новите сириски властодршци но и кај населението, Москва и Иран се длабоко омразени.
Последнава година Иран се покажа како тигар од хартија и можно е да се зголемува подготвеноста на Техеран за компромис со Западот. Русија е понижена пред светот, пропадна десетгодишната операција за спасување на стратешки важниот штитеник. Освен престижот и изгубениот сојузник, прашална е и судбината на големите воени бази, воздушната во Хмаимим и морската во Тартус: двете се клучни за руската способност за проекција на моќта, не само на Медитеранот, туку и во цела Африка. Сепак, не треба да брзаме со заклучоците: ХТС е исламска, но и националистичка организација и тешко ќе прифати улога на турски вазал, а Русија тука добро доаѓа како баланс.
Има многу отворени прашања и неизвесности. Едно од најважните е дали ХТС - организација која исто така направи голем број злосторства и го тероризираше населението на територијата под нејзина власт, особено жените - ќе се обиде да создаде инклузивна влада која ќе одговара на разноликоста на сириското општество. Нејзиниот лидер, Абу Мухамед ал-Џолани, кој беше во блиско сојузништво со „Исламската држава на Ирак“, претходник на „Исламската држава“, и човек за чија глава Стејт департментот распиша награда од десет милиони долари, во последно време се труди да остави впечаток на прагматичар.
-Исламските движења низ светот еволуираа. Преку примерот на Египет и државниот удар со кој беше соборен Мохамед Морси, согледаа дека не можат да владеат сами. Мораат да ги вклучат и другите, а покрај тоа, не сакаат сами да сносат одговорност. Второ, испраќаат порака дека немаат намера да напаѓаат западни цели, како што правеа Ал-Каеда или ИСИС. Сакаат да се фокусираат на сопствената земја, а во замена од Западот бараат да ги остави на мира. Покрај тоа, во Кабул видовме сцени на масовно бегство, овде гледаме дека христијаните не бегаат. Сепак, постои разлика помеѓу Идлиб, каде мнозинството ги поддржуваше ХТС и Дамаск. Времето и Сиријците ќе покажат што ќе се случи на крајот, но не очекувам многу проблеми - заклучува Бори.
Политикологот и антрополог Томас Шмидингер, автор на низа книги за Блискиот Исток, а особено за Курдите во Сирија, истакнува дека СНА во моментов претставува поголем проблем од ХТС. Додека ХТС дава барем декларативни изјави за толеранција, СНА во моментов екстремно агресивно ги напаѓа курдските подрачја како Манбиџ или Кобане. Турција е радикално против какво било вклучување на прокурдските Сириски демократски сили (СДФ) во новата власт.
Со оглед на тоа што СДФ контролира околу четвртина од Сирија, тоа може да значи само продолжување на војната. Не изгледа добро ни фактот што интернетот се полни со извештаи за убиства на алавити, и тоа не само на поранешни припадници на режимските сили. Многу ќе зависи и од потезите на САД, кои досега барем ограничено ги штитат СДФ со кои склучија тактичко партнерство пред неколку години. Во секој случај, истакнува Шмидингер, ова е можеби последната шанса Сирија да воспостави национален суверенитет и да избегне траен распад како што се случи во Сомалија или Либија.
-Тоа ќе функционира само ако навистина се воспостави инклузивна влада. Знаеме кои се Џолани и ХТС. Иако изгледа дека по освојувањето на Алепо се однесуваа коректно, нема причина да им веруваме на нивните убави зборови. Сепак, ако не се воспостави функционална влада, Турција веќе го бара северот на Сирија уште од времето на Мустафа Кемал. Мислам дека Израел исто така нема да каже „не“ на новата експанзија или на создавање марионетска држава - заклучува соговорникот.
Карикатури: Chappatte
Извор за текстот: https://www.portalnovosti.com/