Промоција на романот „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков

17.12.2024 09:47
Промоцијата на романот „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков

Вечерва, на 17 декември (вторник), во 19 часот во ДПМ ќе се одржи промоцијата на романот „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков. Промоторка ќе биде писателката, уредничка и книжевна критичарка Оливера Ќорвезироска.

„Ветрилиште е именка, којашто лесно го упатува говорителот на македонскиот јазик на една друга, почеста и повообичаена именка-синоним: ветрометина/ветромет. Наставката -иште (во ветрилиште), која заедно со наставката -ина (во ветрометина) е сигнал за аугментатив и помага во брзото препознавање на именката употребена во несекојдневна форма – ветрилиште.

Во коренот на ветрилиште (и на ветрометина) е ветрот. Впрочем, како и во ветрило (и во многу други зборови). Но ветрило е првенствено предмет (ладало, едро... нешто што функционира со помош на ветрот); а ветрилиште/ветрометина е место, локација изложена на ветар (провев) од сите страни. Во првиот случај ветрот помага, во вториот – отежнува. Ветрилата сакаат ветар, оние што се изложени на ветрилиште/ветрометина – сакаат да побегнат оттаму, од „ветрот“. Фигуративно, со преносно значење, ветрилиште/ветрометина се места изложени на многу опасности. Е токму такво е „Ветрилиште“ како збор-наслов на најновиот роман на Анѓелков: изложеност на приказната, на нарацијата, ако сакате и на животот на главниот лик Борис/Писателот (па и на авторот!)... на многу опасности. Или предизвици“.

Игор Анѓелков, објавени дела: „Кротки приказни“ (раскази, 2006), „Крај-пат“ (роман, 2010), „Фото синтеза“ (роман, 2013), „Филм.мкд“ (филмска есеистика, 2015), „Филмски град“ (филмска есеистика, 2018), „Шрапнел“ (роман, 2020), „Филмотопија“ (филмска есеистика, 2022), „Двојна експозиција“ (раскази, 2022), „Мина“ (роман, 2023).