„Уметничко (По)стоење“ - изложба на Јулијана Гешоска

17.12.2024 10:10
„Уметничко (По)стоење“ - изложба на Јулијана Гешоска

Вечерва, на 17 декември (вторник), со почеток во 20 часот, во ликовниот салон на Младинскиот културен центар, ќе биде отворена изложба на уметницата Јулијана Гешоска насловена „Уметничко (По)стоење“.

Јулијана Гешоска е родена во 1961 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство, 1990, додека постдипломски студии завршила на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, отсек графички дизајн, со магистратура од мултимедијален арт, 2008 година.

Нејзини самостојни претставувања се: „Самостојна изложба на слики и инсталации“, Даут-пашин амам – Скопје 1992; „Слика во слика„ Скопје, 2008; „Играта на актот“ Пула, Хрватска, 1991; „Остави го шеширот и оди“ Скопје, 1998; „Измислен пејзаж“ Љубљана, Словенија, 1999; Интерактивна изложба со минувачи, Рогашка Слатина, Словенија, 1999; Мултимедијална изложба „Зад лицето – лик“ Мала станица, Национална галерија на Македонија, Скопје 2005; Мултимедијална изложба „01.01.200…? 12:00 часот“ Мала станица, Национална галерија на Македонија, Скопје 2009, самостојна изложба Приштина 2008.

Досега се има претставено во над триесет групни изложби надвор од границите на земјава, во Франција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Турција, Бугарија и била учесник на над триесет ликовни колонии проследени со изложби.