Што пропуштивме во Сирија?

18.12.2024 04:31
Што пропуштивме во Сирија?

Падот на режимот на Башар ал-Асад во Сирија ги изненади дури и опозициската организација Хајат Тахрир ал-Шам и нејзиниот лидер Абу Мухамад ел Џулани, создавајќи плодна почва за теории на заговор. Економистот Гилермо Ортис верува дека земјата и нејзиниот нов претседател би можеле да имаат корист од враќањето на преговарачката маса со САД.

Каква улога во овој ненадеен пресврт одиграа Израел, Турција, Русија и САД? Дали Русија се воздржа од интервенција во име на Асад само затоа што не може да си дозволи уште една воена операција надвор од украинскиот фронт или пак можеби постоел некој договор зад сцената? Дали САД повторно паднаа во замката на поддршката на исламистите против Русија, игнорирајќи ги поуките од Авганистан во осумдесеттите? Што направи Израел? Секако му оди во корист тоа што светот го сврте вниманието од Газа и Западниот Брег, па зазеде територија во јужна Сирија.

Како и повеќето коментатори, јас едноставно не ги знам одговорите на овие прашања и затоа повеќе сакам да се фокусирам на пошироката слика. Главната карактеристика на оваа приказна, исто како во Авганистан по повлекувањето на САД или во Иран за време на револуцијата во 1979-та година, е отсутноста на голема, решавачка битка. Режимот едноставно се урна како куќа од карти. Победи страната која всушност беше подготвена да се бори и да умре за својата цел.

Фактот дека за Асадовиот режим владееше универзален презир не го објаснува она што се случи. Зошто исчезна секуларниот отпор кон Асад, оставајќи само муслиманските фундаменталисти да ја искористат шансата? Истото прашање може да се постави и за Авганистан. Зошто илјадници луѓе беа подготвени да ги ризикуваат животите за да побегнат од Кабул, но не и да се борат против талибанците? Воените сили на стариот авганистански режим беа подобро вооружени, но едноставно не беа посветени на таа борба.

Сличен сет на факти го фасциниралe филозофот Мишел Фуко кога го посетил Иран (два пати) во 1979-та година. Го вџашила рамнодушноста на револуционерите кон сопствениот опстанок. Нивниот начин на кажување на вистината бил „партиски и агонистички“, објаснува филозофот Патрик Гамез. Се стремеле кон „трансформација преку борба и искушение, за разлика од модерната западна моќ која пацифизира, неутрализира и нормализира. […] Во разбирењето на таа разлика клучен е концептот за вистината на дело... концептот на вистината како парцијална, резервирана за приврзаниците.“

Како што вели Фуко: „...ако субјектот што зборува за правото (или подобро речено, правата) ја кажува вистината, таа вистина веќе не е универзална вистина на филозофите. ... Таа е заинтересирана за целокупноста само до онаа мера во која може да ја согледа еднострано, да ја изобличи и да ја согледа од својата перспектива. Со други зборови, вистината е вистина која може да се примени само од нејзината борбена позиција, од перспектива на бараната победа и најпосле, како што вели, од опстанокот на самиот субјект што зборува.“

Дали оваа перспектива може да се одбие како доказ за предмодерното „примитивно“ општество кое сè уште не го открило модерниот индивидуализам? Одговорот е јасен за секој кој барем малку го познава западниот марксизам. Како што тврдеше унгарскиот филозоф Ѓерѓ Лукач, марксизмот е „универзално вистинит“ токму затоа што е „парцијален“ во однос на одредена субјективна позиција. Она што Фуко го барал во Иран – агонален („воен“) облик на кажување вистина – постоел уште кај Маркс, кој знаел дека учеството во класната борба не е пречка, туку предуслов за стекнување „објективно“ знаење за историјата.

Позитивистичката концепција на знаењето како „објективен“ израз на реалноста – она што Фуко го карактеризирал како „пацифизирачки, неутрализирачки и нормализирачки облик на модерната западна моќ“ – е идеологија за „крајот на идеологиите“. Од една страна, имаме наводно неидеолошки експертски знаења; од друга, расфрлани индивидуи, од кои секоја е фокусирана на својата идиосинкретичка „грижа за себеси“ (термин на Фуко) – мали нешта кои донесуваат задоволство во нечиј живот. Од тој аспект на либералниот индивидуализам, секое универзално определување, особено ако вклучува ризик по животот и здравјето, е сомнително и „ирационално“.

Тука наидуваме на еден интересен парадокс: додека традиционалниот марксизам веројатно не може да понуди убедливо објаснување за успехот на талибанците, сепак може да го разјасни она што Фуко го барал во Иран (и што треба да нè фасцинира во Сирија). Во времето кога триумфот на глобалниот капитализам го потисна секуларниот дух на колективното ангажирање во потрага по подобар живот, Фуко се надевал дека ќе најде пример на колективно ангажирање кое не се потпира на верскиот фундаментализам. Не го нашол.

Најдобро објаснување за тоа зошто се чини дека религијата сега има монопол на колективната посветеност и саможртвувањето даде Борис Буден, кој тврди дека религијата како политичка сила ја одразува постполитичката дезинтеграција на општеството – распад на традиционалните механизми кои гарантираа стабилни врски во заедницата. Фундаменталистичката религија не е само политичка; таа е политика самата по себе. За нејзините приврзаници таа веќе не е само општествен феномен, туку структура на општеството.

Така веќе не е можно да се разликува само духовниот аспект на религијата од нејзината политизација: во постполитичкиот универзум религијата е канал низ кој се враќаат антагонистичките страсти. Неодамнешните настани кои изгледаат како триумфи на верскиот фундаментализам не претставуваат враќање на религијата во политиката, туку едноставно враќање на политичкото како такво.

Тогаш, прашњето е што се случи со секуларната радикална политика – заборавеното достигнување на европската модерност? Во нејзино отсуство, Ноам Чомски верува дека се приближуваме кон крајот на организираното општество – точка од која нема назад и по која не сме во можност дури ни да усвоиме здраворазумски мерки за да го „спречиме катастрофалното уништување на животната средина“. Додека Чомски се фокусира на нашата рамнодушност кон околината, јас би ја проширил неговата поента со нашата општа неподготвеност да се впуштиме во политичка борба. Донесувањето колективни одлуки за да се спречат предвидливи несреќи е изразено политички процес.

Проблемот на Западот е во тоа што не е подготвен да се бори за голема заедничка цел. На пример, „мировниците“ кои сакаат да се прекине руската војна во Украина под какви било услови, на крајот ќе ги бранат своите удобни животи и ќе бидат подготвени да ја жртвуваат Украина. Италијанскиот филозоф Франко Берарди е во право. Сведоци сме на „дезинтеграција на западниот свет“.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Emad Hajjaj

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото