Весела песна

18.12.2024 15:14
Весела песна


Од новата сликовница во едицијата „Старо купувам“ пренесуваме пет песни и илустрации.

Промоцијата на книгата ќе се случи на 28.12.24. во 12.00. во Јадро, во рамките на петнаесеттиот Новогодишен Темплум саем.

За книгата ќе зборуваат Билјана Ѓонеска и Елена Ончевска Агер.


ВЕСЕЛА ПЕСНА

Поле, река, воденица,

јадам жолта лубеница!

 

Пат, по патот - трчаница,

возот јури кон станица.

 

Тој е птица - преселница,

јас сум песна - веселница!

 

Ќе го стигнам - ракување,

ќе се качам - патување.

 

ОБРАЌАЊЕ

Јас не сум Пушкин, ни Превер,

ни царски кум, ни девер,

јас не сум ни Његош, ни Цанкар,

ни голем богаташ, банкар,

јас не сум ни Блок, ни Гете,

но твој сум пријател, дете.

Ти имаш свој југ и север,

јас цвет од сонце на ревер!

 

КОЈ Е ШТО

Забите се овци,

јазикот е пес,

устата е трло,

усните се вез,

грлото е кавал,

песната е глас,

непцето е небо,

зборот - ждребе в кас.


 

ЛЕБЕЦ ЈАДАМ, СЛАТКО ЛИЖАМ

Лебец јадам, слатко лижам

и за ништо не се грижам!

не знам што е труд и мака,

не фаќам ни книга в рака,

не се чешлам, не се мијам,

ни со сапун лице тијам!

Зошто ми е таква нега,

тежок живот, цврста стега?!

Водата е за да тече,

како змија да се влече,

како небо да се денчи,

а не кожа да ми тенчи!

 

Лебец јадам, слатко лижам

и за ништо не се грижам!

КОГА ДВАЈЦА СЕ ЉУБАТ

Кога двајца

нежно се љубат,

што добиваат,

а што губат?

 

Добиваат нова лика,

стануваат жива слика,

се смеат ко утро чисто

и не губат ништо.



Стојан Тарапуза (1933, Злетово) е најзначајниот жив македонски писател за деца, активен и неуморен творец повеќе од 60 години. Напишал и објавил педесетина книги за деца. Првата стихозбирка ја објавил 1961 година, а со книгата Грејни сонце (1966) влегол во светот на детската литература, на која ѝ го посветил целиот живот. Работел и како новинар. Ја добил најголема југословенска награда, Змаевата, за детска книжевност, во 1982 година. Песните му се преведени на десетина јазици, за антологии и периодика, а во Југославија беа објавени неколку негови книги за деца, на српско-хрватски, словенечки и албански. Живее во Скопје.

Будимка Поповска е писателка, поетеса, сликарка... Ги објавила следниве ликовни книги: Врата (графичка поезија,1994), Ботичелиев каталог (2019), Феминистички народни песни (2021, со Д. Димитровска и М. Стефановска) и Пргавиот зајак (2023, со П. Вулкански). Објавила и неколку други прозни и поетски книги.
Живее во Скопје.

 

 

ОкоБоли главаВицФото