1017 hPa
70 %

3 °C
Скопје - Нед, 16.02.2025 05:59
Викторија Харисон веќе три месеци успешно ја води Британската амбасада во Љубљана. Ова интервју е направено непосредно пред да биде акредитирана за својата историска функција.
Првата целосно слепа амбасадорка на Обединетото Кралство во странство изјави за Би-Би-Си дека нејзиниот инвалидитет ѝ помогнал да изгради врски со влијателни луѓе низ целиот свет, пред да биде назначена за амбасадорка во Словенија.
Викторија Харисон има уште малку од летото да научи течно словенечки пред да појде на својата нова работа во главниот град Љубљана.
Учењето странски јазици спаѓа во надлежностите на странските дипломати – „подготовките за инвалидитет“ како што ги нарекува таа се единствени само за нејзината ситуација.
Навикнувањето на новиот дом и запаметувањето на новите патишта до работа и локалните кафулиња со нејзиниот пес водич Ото, се само некои од задачите што Викторија ги има во својот список заедно со нејзините работни обврски.
„Кога за првпат бев назначена во странство, не сфатив дека постои прекрасно кафуле близу до мојот дом – бидејќи поминував покрај него без да знам“, вели таа.
Родена со нормален вид, Викторија развила очна болест што постепено ѝ го влошувала видот во средношколските години. Конечно го изгубила видот по завршувањето на универзитетот.
„Не беше секогаш лесно да се расте со полош вид од другите луѓе“, вели таа, но никогаш не помислувала дека нејзината состојба можела да ја спречи да се остручи за работата од нејзините соништа, дипломатијата.
Кога била тинејџерка, телевизиските извештаи за Падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, кај Викторија го разгореле интересот за светската и странска дипломатија.
Таа го прашала татка си што работат дипломатите и дознала дека „ги плаќаат за да патуваат низ светот, да учат јазици и да ги претставуваат своите земји.“
„Toa ми звучеше фантастично“, вели Викторија.
„Голема конкуренција“
Во 1995 година, Актот против дискриминација поради инвалидитет, оттогаш заеменет со Актот за еднаквости, бил воведен за да се отстранат пречките со кои се соочувале луѓето со инвалидитет при вработувањето.
Една година подоцна, првата шанса да се вработи во Министерството за надворешни работи Викторија ја добила преку шемата за работно искуство за додипломци. Била загрижена дали ќе може да ја врши таа работа не поради својот инвалидитет, туку поради нејзината несигурност.
„Мислев дека можеби не сум доволно паметна, не студирав на Оксбриџ. Конкуренцијата е навистина голема“, вели таа.
Министерството за надворешни работи и Комонвелтот ѝ понудиле на Викторија приправничко место во Москва, но кога открила дека е регистрирана како слепа, „настапи молк… од другата страна на линијата.“
„Потоа ми рекоа, „ние немаме слепи луѓе во нашата организација“, вели таа.
Викторија се сеќава дека се почувствувала повеќе „изненадена“ отколку „обесхрабрена“ од тој телефонски повик. Отсекогаш мислела дека тоа што е млада и неискусна и жена повеќе ја забавувало во кариерата отколку тоа што е слепа.
Приправништвото ѝ било потврдено по неколку денови.
„Новина“
Во 1997 година, Викторија добила трајно вработување во Министерството за надворешни работи – станувајќи првата личност со деклариран инвалидитет што се вработила по стапувањето во сила на Актот против дискриминација поради инвалидитет.
„Јас бев новина.Немаше други луѓе со инвалидитет“, вели Викторија.
Министерството за надворешни работи сè уште се снаоѓало со промените што ги донесе Актот и им требале шест месеци пред да ѝ најдат компјутер што таа можела да го користи.
„Не стануваше збор за тоа дека луѓето не сакаа да ме поддржат. Се работеше за тоа дека ова беше организација каде што ние… всушност го градевме авионот додека истовремено го летавме“, вели таа.
Чувствата на сомнеж во себеси почнале повторно да ѝ се враќаат кога Викторија почнала да забележува многу голем напредок кај колегите околу себе.
„Се чувствував фрустрирано бидејќи мислев дека нема да можам да им покажам на луѓето дека сум всушност исто онолку добра колку и другите. И навистина немав шанса да покажам дека оние што велеа дека не можам не се во право“, вели таа.
Некои луѓе дури и ѝ сугерирале дека работата ѝ била дадена поради „токенизам“ или за да се подобри статистиката на еднаквите можности.
Ставовите во Обединетото Кралство полека почнале да се менуваат – но две години подоцна, кога Викторија се обидувала да го добие своето прво назначување во странство, некои од странските амабасади реагирале изненадувачки на нејзиниот инвалидитет.
Се сеќава дека некој рекол: „Оваа личност треба да го знае јазикот на земјата – а очигледно, бидејќи е слепа, нема да може да го научи.“
Оттогаш, Викторија била испратена во Хелсинки и Сараево и вели дека секоја земја поставува свои уникатни предизвици.
Но осознала дека луѓето често покажуваат природна љубопитност во врска со неа – и тоа што е слепа ѝ помага да воспостави лични врски додека се справува со деликатната умешност на преговорите.
„Можеби ќе треба да фатам некого за рака за да ме изведе од салата за состаноци. Таквите моменти доведуваат до поврзување на човечко ниво што всушност може многу да помогне во градењето на односите“, вели таа.
Тоа поврзување може исто така да ѝ помогне на Викторија во работата и на инакви начини.
Нејзе честопати ѝ е незгодно на работни настани кои вклучуваат вечери – и знае да се преокупира со грижи за тоа да не преврти некоја чаша за вино.
При една таква вечера, некој од тимот на Министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство забележал дека таа зела нож и вилушка за предјадењето.
Потоа ѝ шепнал дека е послужена супа, за да може да ја земе лажицата.
„Си помислив, „Фала му на Бога за тоа“, вели Викторија.
„Но тоа исто така ми овозможи да се фокусирам на фактот дека всушност треба подобро да го следам разговорот за да го напишам извештајот.“
„Само ми е непријатно“
Викторија е првата слепа личност што се вработила во Министерството за надворешни работи, првиот слеп дипломат назначен во странство, и сега по добивањето на амбасадорското место во Словенија, таа е и првата слепа личност што станала амабасадор.
Но кога ќе ја прашаат како е да се биде пионер, таа се смее, велејќи:
„Само ми прави да ми е непријатно кога ќе помислам на тоа.Технички, да, сум собрала многу такви „првпат“.
Но потоа додава: „Не го сакам зборот пионер, бидејќи ми звучи како намерно да сум сакала да станам тоа, а нештата едноставно само се случија.“
Превод: Марија Џонс
Извор: ВВС