Македонски политичари и’ помагаат на Белгија да формира влада

10.03.2011 13:17
Македонски политичати и’ помагаат на Белгија да формира влада

Брисел, Белгија – Неколку дена откако се одбележаа 265 дена откако Белгија нема влада, лидерите на спротивставените фламански и валонски партии, заедно со личната интервенција на кралот Алберт II, упатија молба до официјално Скопје да им помогне во решавање на кризата.

Идејата токму Македонија да помогне во надминувањето на една од најголемите кризи во блиската историја на Белгија потекнува од оценката дека македонската влада последниве години е составена од партии кои постојано наоѓаат заеднички јазик и дека очигледно македонските политичари познаваат одредени тајни за надминување на непремостливите проблеми.

Како што Окно.мк неофицијално дознава од извори блиски до македонската влада, веќе се остварени неформални контакти и набрзо се очекува и официјално соопштение. Иако информацијата сè уште не е потврдена, во тимот кој ќе ја спасува Белгија ќе се најдат претставници од владејачките партии, но и од опозицијата.

Политикологот Драган Латасовски смета дека основниот проблем на Белгијците е пресериозното сфаќање на политиката.

„За разлика од македонските политичари, нивните белгиски колеги и по изборите цврсто се придржуваат до партиските програми и предизборните ветувања, што значително го отежнува подоцнежното постигнување компромис. Формирањето на белгиската влада ќе зависи исклучиво од способностите на македонските политичари кои ќе треба да ги убедат дека нема причина и после изборите да се користат истиот речник и ставови. Исто така, ќе биде многу важно да им покажат, врз основа на личните примери од минатото, дека газењето на сите предизборни ветувања и влегувањата во коалиции со најголемите ривали не оставаат последици за наредната предизборна кампања“, оценува Латасовски.

Инспирирано од http://www.njuz.net/srpski-politicari-pomazu-belgiji-da-formira-vladu/.