Цензура, бојкот и намалување на просторот за делување на ЛГБТИК активистите и на уметниците како резултат на говорот на омраза

19.12.2024 00:38
Цензура, бојкот и намалување на просторот за делување на ЛГБТИК активистите и на уметниците како резултат на говорот на омраза

1. Говорот на омраза – резултат на растот на антиродовите мобилизации и институционалното непостапување

За да го разгледаме феноменот на говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација, неопходно е да се осврнеме на два клучни аспекти кои го дефинираат поширокиот социокултурен и институционален контекст.

Првиот аспект се однесува на засилувањето на антиродовите мобилизации во Македонија, кои поттикнуваат јавен линч и не само што ја зајакнуваат дискриминацијата и говорот на омраза, туку и ја трансформираат јавната комуникација, воведувајќи реторики кои ги легитимираат овие дискурси како социјално прифатливи. Овие неформални структури, кои се блиски до „племенските“ практики, создаваат атмосфера на нетолеранција и ја засилуваат културата на омраза во општеството.

Вториот аспект се однесува на долгорочната институционална инертност, занемарување и понекогаш охрабрување на дискриминацијата и говорот на омраза од страна на институциите, особено кога се тие насочени кон ЛГБТИК. Оваа состојба е резултат на традиционално институционално непостапување, кое создало култура на неказнивост и нормализирање на практиките што ги нарушуваат човековите права. Институциите не само што ги игнорираат овие проблеми, туку и се пасивни во обезбедувањето на механизми за заштита на маргинализираните групи, што овозможува задржување на социјалните нееднаквости[i].

Историскиот континуитет на институционалното непостапување, особено во полицијата, обвинителството и судството, директно придонесува за одржување на родово заснована дискриминација и говор на омраза. Овие три институционални столба покажаа повторливи обрасци на игнорирање, непостапување и пристрасност, што зацврсти непријателството кон ЛГБТИК заедницата и ја легитимираше социјалната нееднаквост. Со тоа, институциите не само што не ги санкционираат сторителите на говор на омраза, туку активно ја репродуцираат неправдата преку својата инертност и пристрасност. Овие феномени не се пасивни резултати на „незаинтересираност“, туку се дел од свесно спроведувана и институционално интернализирана логика на опресија која ги поткопува напорите за инклузија и еднаквост.

Покрај тоа, антиродовите мобилизации[ii] од 2021 година значително ги зајакнаа своите наративи, кои влијаеа врз работата на институциите и го зголемија говорот на омраза преку стратегискo таргетирање на ЛГБТИК активисти и уметници. Овие движења се присутни на социјалните мрежи, каде активно поттикнуваат говор на омраза насочен кон оние што ги обработуваат ЛГБТИК темите во своите дела. Нивното присуство на овие платформи го зголемува стравот и цензурата, намалувајќи го просторот за слободна изразеност и критички дискурс.

Текстот користи комбинирана квалитативна методологија, која вклучува дескриптивна и критичка херменевтичка и дискурзивна анализа. Овој пристап ја разгледува улогата на јазикот во создавањето и одржувањето на општествените односи на моќ, нееднаквости и идеологии, а истовремено истражува како општествените движења и институции ги легитимираат или потиснуваат различните дискурси. Примарните податоци се прибрани преку платформата за документирање на случаи на Коалицијата МАРГИНИ, јавни реакции и претходно спроведени истражувања, со фокус на настаните во 2024 година и нивната меѓусебна поврзаност.

2. Говорот на омраза и намалувањето на просторот на делување на лгбтик активистите

2.1. Откажано присуство на трансродова активистка во јавноста поради говор на омраза

Во април оваа година, Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) организираше настан насловен „Патот на транзитирање“, со цел да ги приближи здравствените аспекти на медицинската транзиција на трансродовите лица до студент(к)ите на Медицинскиот факултет. Главна говорничка на настанот требаше да биде активистката за права на трансродовите лица, Лила Милиќ, која преку своето лично искуство требаше да ја презентира сложеноста и потребите што ги подразбира процесот на транзиција.

Сепак, настанот беше откажан еден ден пред неговото одржување, како резултат на притисоци од антиродови структури. Овие структури, предводени од јавни фигури со улоги во политички и граѓански организации, и попрецизно од Гордана Гоџо, претставничка на групата „Коалиција за заштита на децата“ и членка на претседателството на десничарската и проруска партија Родина, го насочија својот антагонистички дискурс кон делегитимирање на темата и спречување на нејзината дебата во академски контекст. Оваа реакција ја исклучи можноста за плодна и конструктивна дискусија во рамки на академската заедница, заменувајќи ја со реторика која го засилува маргинализирањето на трансродовите лица и нивните здравствени потреби.

Откажувањето на настанот ја отслика подложноста на институциите кон надворешни притисоци и отвори сериозни прашања за способноста на академските простори да останат автономни терени за критичка мисла и општествена еманципација. Наместо да послужи како можност за запознавање со сложените здравствени и социјални предизвици со кои се соочуваат трансродовите лица, јавниот дискурс се преобрази во арена за потиснување на отвореноста и дијалогот. Дополнително, антиродовите актери во оваа прилика ги повикаа и инструираа родителите и граѓаните да како да реагираат, со ветување дека нивните реакции ќе бидат проследени до Медицинскиот факултет. Нивните повици за „пристојност“ беа привидна декларација за умереност, додека реториката што ја користеа свесно поттикнуваше омраза, создавајќи токсична атмосфера во јавниот простор.

„Ние, како совесни граѓани и родители, одбиваме нашите деца да присуствуваат на предавања во организација на родови активисти и го повикуваме тимот на MMSA Macedonia на одговорност за овој потфат, со кој се трасира патот за нормализирање и воведување на трансродови норми во општеството. (…) Со оглед на тоа што блокирале да не можете да коментирате, ве охрабруваме да напишете пристоен коментар, без навреди и без насилен говор, но со јасно и концизно несогласување со анти-научните лаги што се пласираат по нашите факултети, во коментари на нашава реакција.“ („Коалиција за заштита на децата“, Фејсбук, април, 2024)

Притисоците од антиродовите движења беа клучен, но не и единствен фактор за откажувањето на настанот. Голем дел од одговорноста лежеше кај организаторите, кои не подготвија соодветна стратегија за справување со очекуваните реакции во конзервативна средина. Наместо да потклекнат на самоцензура, требаше да обезбедат одговор што ќе го зачува достоинството и правото на трансродовите лица за јавно појавување. Всушност, по реакциите во јавноста, ММСА се извинија на нивните социјални мрежи, обраќајќи се до јавноста и Деканатот на Медицинскиот факултет, појаснувајќи дека првичниот наслов на настанот, „Инклузивно здравје за сите“, предизвикал забуна кај факултетските власти за неговата вистинска тема, опишувајќи го откажувањето како „недоразбирање“.

„Јавно се извинуваме за недоразбирањето и се оградуваме од контроверзноста. Настанот не бил соодветно прегледан внатре и бил неточно пријавен во Деканатот. Како резултат на тоа, предавањето е откажано, а сите поврзани објави се отстранети“ (Македонска медицинска студентска асоцијација – ММСА, Фејсбук, април 2024)

Во хаосот на дезинформации и говор на омраза, најпогодени од цензурата не беа ниту Деканатот ниту студентите, иако и тие беа лишени од важно знаење, туку поканетата говорничка и пошироката трансродова заедница. Ним им беше испратена јасна порака, дека трансродовите тела и идентитети не припаѓаат во јавниот простор. Ова беше чин на исклучување и симболичко насилство што ја зацврсти нивната маргинализација, потиснувајќи ги трансродовите наративи и одржувајќи го јавниот простор како поле на нееднаквост.

Впрочем, во рок од само еден час, активистката доби стотици вознемирувачки коментари исполнети со говор на омраза, насочени директно кон неа. Случајот беше документиран од Коалиција Маргини и пријавен во Хелсиншкиот комитет за човекови права, а подоцна и во Јавното обвинителство. Последиците од оваа онлајн агресија беа длабоко трауматски за Милиќ, која доживеа силна психолошка болка, вклучувајќи страв, срам и чувство на нарушено достоинство. Ова искуство го зголеми нејзиното ниво на анксиозност и ја принуди на значајно повлекување од јавниот простор. Таа се самоцензурираше и го избриша својот Фејсбук-профил како последен обид за заштита од понатамошни напади. Оваа ситуација покажа како дигиталниот простор, кој би требало да служи за слободна размена на мислења, може да стане алатка за насилство што ги ограничи и згасна правата на поединците, особено на оние кои се борци за човекови права. Преку систематското исклучување на жртвите, ваквите напади го затворија просторот за јавна дебата и го нормализираа стравот како метод за замолчување.

Оваа реторика ја стигматизираше трансродовата заедница и ги одврати институциите од теми што ги преиспитуваат традиционалните родови норми. Со подлегнувањето на овие притисоци, академските институции ја легитимираа исклученоста и нееднаквоста, дополнително стеснувајќи го веќе ограничениот простор за застапување на трансродовите права. Овој чин создаде застрашувачки ефект, обесхрабрувајќи ги студентите и професорите да се занимаваат со критични прашања за родот и здравјето, дополнително загрозувајќи ги напорите за родова еднаквост во непријателски настроена општествена средина.

Од друга страна, откажувањето на настанот беше осудено од Институтот за родови студии и активист(к)ите за човекови права, кои го оценија како напад врз академската слобода и научниот дискурс. Тие ја истакнаа одлуката како симптом на поширока цензура и маргинализација на здравствените теми за трансродовите лица во медицинското образование, под влијание на антиродови идеологии кои ги претставуваат трансродовите права како контроверзни и штетни.

Случајот беше пријавен и во Јавното обвинителство преку Хелсиншки комитет за човекови права, кој поднесе кривична пријава против правното лице „Здружение Коалиција за заштита на децата“ и против Гордана Гоџо, за ширење на расистички и ксенофобични материјали преку компјутерски систем, според член 394-г од Кривичниот законик. Пријавата се однесуваше на објавите и коментарите кои содржеа говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук и повикуваа на дискриминација и непријателство кон транс заедницата. Сепак, во случајов, Основното јавно обвинителство заклучи дека нема доволно докази за да се потврди дека е сторено кривичното дело, односно дека објавите на социјалните мрежи не содржеле елементи кои би можеле да го исполнат законското битие на делото Ширење на расистички и ксенофобични материјали и дополнително утврди дека „транс заедницата формално-правно не е регулирана во националното законодавство“. Следствено на тоа, ОЈО заклучува дека Фејсбук објавите немале намера да шират омраза, дискриминација или насилство кон оваа заедница. Накусо, кривичната пријава е отфрлена од Основното јавно обвинителство поради недостиг на елементи за кривично дело и основани докази.[iii] Истото ова мислење е подоцна потврдено и од Вишото Јавно обвинителство, кое ја одбива пријавата и го потврдува решението на ОЈО.

Овие две одлуки симболично покажуваа дека во општество каде што правата на одредени групи не се експлицитно признати во закон, нивното постоење може да биде непрепознаено и негирано, што експлицитно го нормализираше нивното исклучување и насилството врз нив. Откажувањето на „Патот на транзитирање“ ја разоткри растечката доминација на антиродовата политика, која се инфилтрираше не само во јавниот дискурс, туку и во институционалните процеси на одлучување.

Овие политики, кои имаат корени во опозициските ставови кон родовата еднаквост и ЛГБТИК+ правата, активно ги замолчија дискусиите за родовиот идентитет и го потиснаа напредокот на трансродовите права. Откажувањето на предавањето не беше изолиран настан, туку стана дел од поширокиот тренд на институционализирано исклучување што го стеснува просторот за критички дијалог и напредок во однос на родовите прашања. Овој чин рефлектираше на структурна стратегија за одржување на хегемонијата на традиционалните норми, со цел да се задушат алтернативните гласови и да се минимизира легитимноста на трансродовите наративи во јавната сфера.

2.2. Обиди за негација на успехот на трансродовите луѓе поради говорот на омраза

Во декември 2024 година, по повод Меѓународниот ден на човековите права, во Собранието на Република Северна Македонија беше доделена државната награда „Мето Јовановски“. Признанието, кое ја симболизира заложбата за унапредување на човековите права, им беше врачено на Здружението „Центар за граѓански комуникации (ЦГК)“ и на активистката Лила Милиќ. Милиќ беше избрана за добитничка на оваа награда поради нејзиното залагање за правата на трансродовата заедница и таа за нејзе беше повеќе од симболичен чин – тоа беше политички акт што отвори простор за поголема видливост на маргинализираните заедници, и особено за трансродовите лица во нашата земја.

„Оваа награда не е само признание за моите напори, туку и порака дека правдата, еднаквоста и инклузивноста се можни. Таа е доказ дека секој човек, независно од идентитетот, може да биде дел од општествениот прогрес. Иако денес не сум физички присутна, мојот глас секогаш ќе биде со оние кои се борат за правда и еднаквост, па затоа од овој момент пишуваме нова историја – историја на видливост, гордост и препознавање“, изјави Лила Милиќ во нејзиниот говор кој беше прочитан во Собранието на денот на доделувањето.

Реакциите од антиродовите движења, изразени преку социјалните мрежи и писма до институциите, ја разоткрија длабоката отпорност кон трансродовите права. Нивното незадоволство, особено во однос на паричниот фонд на наградата, го истакна судирот помеѓу напорите за инклузија и доминантниот конзервативен дискурс. Овој настан ја одрази постојаната борба за легитимација на маргинализираните групи во општество кое сè уште се спротивставува на промени, додека реакциите дополнително ја засилија стигматизацијата и го стеснија просторот за критичка дебата и социјална трансформација.

„Буџетот беше осиромашен за 600 000 денари кои им се искеширани на Лила Милиќ и на Центарот. Народот масовно се спротистави на оваа маскарада, но властите немаа слух. За болни пациенти нема пари, за нови чизми за пожарникарите нема пари, за воена опрема нема пари, ама затоа за активисти, платени од Сорос кои ја рекламираат проституцијата како ексклузивна работа и психичките нарушувања како нешто нромално, државата има пари.“ („Преземи одговорност“, Фејсбук, 10 декември, 2024)

Коментарите упатени кон трансродовата активистка која доби државна награда откриваат длабоко вкоренет презир и отпор кон нејзиниот идентитет и работата која ја претставува. Овој јазик е одраз на потребата за враќање кон некои „традиционални“ вредности, претставени преку идеализирана слика за минатото, каде нејзиниот идентитет би бил исклучен или отворено осуден. Накратко, признанието на Милиќ се третира како срам за државата, што го одразува не само нивото на нетолеранција туку и неспособноста на дел од општеството да ја прифати борбата за човекови права и еднаквост како легитимна и вредна. Слично, и коментарот „сѐ е забегано во нашево државиче“ ја сумира оваа негативна перцепција за современите општествени трендови. Овој израз е одраз на чувство на беспомошност и разочараност, каде општествените промени се доживуваат како „штетни“ и „болни“. Ваквите ставови укажуваат на длабока поларизација во општеството, каде еден дел гледа на прогресот како на отстапување од хетеронормативната „нормалност“ и традиционалните вредности, што говори за потребата од подлабока општествена едукација и напори за намалување на предрасудите кои ја поттикнуваат оваа омраза.

„Нам, на родителите и сите здраворазумни граѓани на РМ не ни останува ништо друго, освен да се спротивставиме преку јавно разобличување на тие структури, влијанија, активности и финансии. Ако не го сториме тоа, тогаш циркусот што ќе го гледаме на 10-ти декември во Собранието преку ликот и делото на Лила Милиќ, маж кој се чувствува како жена, се залага за рана сексуализација на нашите деца во образованието, легализација на безброј родови идентитети, се бори за декриминализација на проституцијата и нејзино изедначување со останатите професии за де биде еден од животните избори што легитимно може да ги направат нашите деа и така ‘чесно’ со продавање на нивните тела да си го печалат лебот. (…)“ („Родителски фронт“, Фејсбук, 6 декември, 2024)

Коментарите под објавите на Родителски фронт и Преземи одговорност кои се однесуваат на работата на активистите за човекови права претставуваат јасен израз на длабока омраза и отпор кон нивната работа, со стереотипи, обвинувања и директни закани. Преку употребата на метафори како „канцерогено ткиво“ и „Гордиев јазол“, овие реакции се обидуваат да ги делегитимираат активистите, претставувајќи ги како општествена опасност. Овие изрази не само што ги етикетираат активистите како деструктивни, туку ја создаваат илузијата дека нивната работа има скриени намери што наводно ги поткопуваат традиционалните вредности и интересите на обичните граѓани.

Дел од коментарите дури се движат кон отворен говор на омраза и насилство, со што сериозно ја загрозуваат безбедноста на активистите и ја разгоруваат тензијата во јавната сфера. Дополнително, обвинувањата дека невладините организации се финансирани од странски извори како „Сорос“ или „ЕУ“ ги портретираат активистите како инструменти на надворешни влијанија. Ова ја подгрева перцепцијата дека тие не застапуваат локални интереси, туку работат во служба на некоја глобална агенда која е наводно спротивна на националниот интерес. Изрази како „петта колона[iv]“ и „продаваат интересите на најранливите“ укажуваат на длабоко вкоренета недоверба и чувство на социјална изолација. Овие зборови покажуваат колку лесно јавноста може да се подели и мобилизира преку реторика која поврзува борбата за човекови права со заговори против „традиционалните“ општествени вредности. Ваквите реакции укажуваат на поголем културен конфликт во општеството, каде стравот од промени и загуба на традиционалните вредности доминира во перцепциите на дел од јавноста.

Агресивниот јазик во коментарите, кој вклучува деградирачки квалификации и дури повици за насилство, е одраз на насобрани фрустрации и социјална несигурност. Наместо рационална критика, ваквата реторика претставува симптом на општествени тензии, кои се засилени од политичка и медиумска манипулација. Сето ова ја нагласува потребата од подлабоко разбирање и промоција на вредностите на човековите права, како и од јакнење на јавната свест за нивната суштинска улога во развојот на општеството.

2.3. Зголемен надзор и преместување на Школа за ЛГБТИК млади и стрејт/цис-родови сојузници поради говор на омраза

На почетокот на јуни 2024 година, невладината организација „Еквалис“ најави одржување на Летна школа за ЛГБТИК млади во Кратово. По објавувањето на повикот за учесници, настанот се соочи со интензивен говор на омраза и закани на социјалните мрежи, предизвикани од објави на јавни личности како Љупчо Ристовски, лидер на десничарската партија „Интегра“, и Гордана Гоџо, веќе спомената во случајот со Медицинскиот факултет, познати по нивните антиродови ставови и активности. Заканите, меѓу кои имаше и закани за физичко насилство, доведоа до зголемена тензија во локалната заедница во Кратово, со која „Еквалис“ имаше долгогодишна позитивна соработка, и ги принудија организаторите да ја преместат школата во друг град и да обезбедат 24-часовно обезбедување за учесниците и обучувачите. За овој случај, „Еквалис“ со посредство од Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе кривична пријава против Ристовски, Гоџо и други непознати лица за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем и загрозување на безбедноста, според Кривичниот законик.

Во кривичната пријава, како главен доказ за ширење говор на омраза „Еквалис“ го дале Фејсбук статусот на Љупчо Ристевски. Во неговата објава, тој го коментира неформалниот дел од Школата, насловен како „Гатање на квир тарот, друштвени игри и гледање во ѕвезди“.

„Според Библијата, сите овие наведени ‘игри’ се дело на ѓаволот лично и за таквите се превидува [sic] страшен крај, но и за сите оние што ги поддржуваат, промовираат и практикуваат… тоа се делата на злото.“ (Љупчо Ристовски, Фејсбук, јуни 2024)

Во продолжение на статусот, тој го повикува и „црковното лидерство на МПЦ-ОА“ заедно со останатите христијански институции и заедници во Македонија „жестоко да реагира[ат]“ за овој настан. (Ристовски Љ. 2024)

Овие повици за „жестоки“ реакции од бројните конзервативни актери во нашето општество, неминовно имаа големо влијание врз пошироката јавност, како и врз нивните следбеници. Како резултат на тоа, вработените во „Еквалис“ беа до таа мера нападнати од говор на омраза и повици за насилство, што добиваа и закани по живот, а во еден период, не смееја ниту да излегуваат од дома поради страв за личната безбедност.

За психолошкиот, но и телесен товар од овој лов на вештерки јавно зборуваа и Ангел Димитриевски, извршен директор на „Еквалис“, и Елена Данова, претседателка на „Еквалис“. Димитриевски го сподели своето искуство со говорот на омраза како нешто што се „заглавува длабоко во клетките“ и предизвикува згрченост, страв и телесни манифестации, додека Данова зборуваше за колективната психолошка траума што настанот ја има предизвикано кај организаторите, обучувачите и учесниците.

„Секое утро, будејќи се со организацијата на овој настан, стравував да го подигнам телефонот и да ги прочитам пораките, мејловите и заканите што го добивавме секојдневно. Тие коментари се заглавени во мене.“ (Ангел Димитриевски, Заглавено во клетките, Медуза, 2024)

„Психолошката траума останува и кај обучувачите и кај учесниците. Тие беа свесни за реакциите и заканите по живот. Ова е најекстремниот случај, претходно добивавме од непознати имејл адреси закани по живот, сме добивале говор на омраза и преку коментари, пораки на социјалните мрежи. Особено во месец јуни, кога се одржува Парадата на гордоста. Тоа е рутински, тој говор на омраза се интензивира со текот на годините и сега добивме закани на живот. И не смеевме еден период од дома да излегуваме за да се заштитиме.“ – изјавува Елена Данова за Радио Слободна Европа (Петар Клинчарски, Ехо на омразата – кога онлајн говорот поттикнува насилство кон ЛГБТИ луѓето, РСЕ, 2024)

Како што спомнавме погоре, за среќа, Школата сепак се одржува, на друга, тајна локација, под постојано обезбедување. Јасно е дека ова не смее да биде иднината на организирањето и остварувањето на ЛГБТИК настани. Во духот на активизмот и неоткажувањето, еден месец по овој немил настан, тимот на „Еквалис“ изјави дека не се повлекува од своите заложби и напори за подобар живот за секој ЛГБТИК млад човек во оваа земја, кој заслужува да живее „достоинствен и автентичен живот без насилство и омраза.“ (Еквалис, 2024, јули)

Сепак, покрај сериозните психолошки последици од говорот на омраза, од институциите нема одговор. Од јуни 2024, кога е поднесена пријавата во МВР, се поминати шест месеци и до ден денес тимот на „Еквалис“ сѐ уште нема добиено никаков одговор од институциите одговорни за поднесената кривична пријава. Оттаму станува јасно дека овој инцидент, како и низа други слични инциденти – дел од нив спомнати и во овој текст, ја истакнува потребата од поефикасна заштита и правна реакција против говорот на омраза кон ЛГБТИК заедницата во Северна Македонија.

3. Говор на омраза кон квир уметноста и уметниците кои се занимаваат со ЛГБТИК теми

3.1. Цензура во уметноста во современите културни институции поради говорот на омраза

Културата и уметноста често се мета на напади од антиродовите мобилизации, бидејќи тие ја истакнуваат важноста на различноста, толеранцијата и еднаквоста, со што ги предизвикуваат традиционалните вредности. Овие актери ја сметаат уметноста за закана, бидејќи таа отвора простор за критичко размислување и промоција на алтернативни перспективи, кои поддржуваат еднаквост и права за сите. Со нападите врз овие сфери, тие се обидуваат да ја контролираат културната продукција, слично како и нивниот интерес за образованието, да ги замолчат различните идеи и да ги зачуваат постојните и назадни општествени структури.

Така, во текот на 2023 година, се случија два значајни случаи на говор на омраза и обиди за цензура насочени кон книжевната уметност со ЛГБТИК теми, кои ја одразија растечката културна поларизација која ескалираше во 2024 година. Во контекст на зголемените антиродови напади, уметничките и интелектуалните изразувања станаа цел на реторика што се обидува да ги наметне конзервативните вредности преку говор на омраза, поткопувајќи ја слободата на изразување. Овие настани ја нагласија тензијата помеѓу демократските вредности и реакционерните обиди за маргинализација на родовата и сексуалната различност.

Во првиот случај, библиотекар од Националната универзитетска библиотека (НУБ) доби закани за време на подготовката на своето предавање „ЛГБТИК и јавните библиотеки“. Заканите вклучуваа демонизирачки наративи што ја истакнаа ранливоста на професионалците кои се обидуваат да поттикнат инклузивни и демократски вредности. Овој инцидент откри како културните институции стануваат бојни полиња за антиродови идеологии, кои ги таргетираат поединците што ја поддржуваат инклузивноста.

Во вториот случај, антиродова неформална група повика на бојкот на издавачката куќа „Полица“ поради нејзината поддршка за Парадата на гордоста и промоцијата на дела од францускиот писател Едуар Луи. Иако бојкотот беше замислен како обид за замолчување, реакцијата на јавноста беше спротивна – книжарницата доби голема поддршка, потврдувајќи ја солидарноста на граѓаните со слободата на изразување и културната инклузивност.

Овие настани не само што ја разоткрија неспремноста на културните простори да се заштитат од притисокот кој надоаѓа од антиродови реторики, туку и покажаа како јавната солидарност може да послужи како одговор на цензурата и нападите врз уметничката слобода. Во исто време, тие ја нагласија потребата културните институции да преземат активна улога во заштитата на слободата на изразување и промоцијата на инклузивни вредности.

После овие две искуства во 2023 година, на почетокот од 2024 година, во јавноста беше силно продре уште еден случај на говор на омраза поврзан со затворањето на проектот „Горчлив шеќер“ на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ. Изложбата, одржана во Музејот на современата уметност во Скопје под кураторство на Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец, беше мултидисциплинарен проект кој преку просторна инсталација и анимирани куклени претстави ја истражуваше игноранцијата и општествените маргини и ги деконструираше стереотипите, поттикнувајќи критички дијалог за слободата на изразувањето.

Дел од јавноста, мотивирана од истите стереотипи што изложбата ги преиспитуваше, го нападна проектот и тоа пет месеци по отворањето на изложбата. Првата реакција произлезе од лице кое објави видео од просториите на музејот, насочувајќи го вниманието кон просторија означена со „16+“, каде беа прикажани делови од видеа, вклучувајќи и експлицитна сцена од расказот „Шумлива таблета“ од Петар Андоновски. Видео-снимката, во која беа извадени од контекст неколку секунди од едночасовната анимација, беше објавена на Фејсбук со тврдење дека музејот „намерно изложува деца на сексуални содржини“. Не долго после оваа објава, друг корисник објави сличен статус, во кој изложбата беше лажно претставена како содржина за деца со порнографска геј содржина, поврзувајќи ја со организираните детски тури кои се одржуваат во музејот.

Овие реакции, базирани на намерно искривени интерпретации и морална паника, ја открија длабоката отпорност на дел од јавноста кон ЛГБТИК темите и критичките наративи што ја преиспитуваат хегемонијата на традиционалните норми. Наместо да поттикнат конструктивна дебата, ваквите реакции функционираа како инструмент за дискредитација на современата уметност, смалувајќи го просторот на идно делување на квир уметниците во локалната средина, но и на оние кои би се занимавале во нивната уметност со ЛГБТИК тематика. Настанот не само што ги осветли предизвиците со кои се соочува уметноста што се занимава со маргинализираните теми, туку и ја покажа неподготвеноста на институциите пред јавното искривување на уметничките намери и содржини.

„Ovde ima crtani so pornogravska gej sodrzina. Samo sto vlegov vo muzeot gledam dete iskaca od vnatre. Mu vikam na tatkovo, ne vide deka ima znak? Me ignorirase. Za 2 minuti pet deca spreciv da vlezat. Esna mi vika, deset deca bea vnatre preeska. Razgovarav so direktorot i so umetnikot I go izgasia prozektorot ama toa ne e resenie. Tamu se organiziraat i detski turi btw.“ (Недан Пановски, Фејсбук, декември, 2023)

Овие две тенденциозни објави предизвикаа неконструктивна дискусија од лица кои не ја посетиле поставката, при што коментарите се претворија во говор на омраза кон авторот Ѓорѓе Јовановиќ и кураторката Бојана Јанева. Тие беа нарекувани „мрднати“, „манијаци“, „педофили“, „болни“, а Јовановиќ доби и закани по живот и мина низ процес што тој го опиша како „лудило и тотална хистерија“. Првичната видео-објава беше преземена од антиродовата страница „Преземи одговорност“ и јавни личности, кои дополнително го зголемија притисокот врз музејот и авторот, кога требаше да се одржи завршен промотивен настан пред затворањето на проектот. Случајот ја нагласи токсичноста на јавниот дискурс, каде уметноста, наместо да поттикнува дијалог, стана цел на манипулативни кампањи кои ја ограничија слободата на изразување.

„Инспиративните постави на Музејот за современа уметност под раководство на министерот Бисера Костадиновска-Стојчевска, другарката на поранешниот министер за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. И мали деца биле видени во оваа просторија, цела група! Тука и родителите се виновни ако го виделе знакот, и сепак ги пуштиле децата да влезат. Но, министерот Бисера треба да одговара за дозволување слободен пристап на мали деца во објект под нејзиното раководство каде што се прикажува порнографска содржина!“ („Преземи одговорност“, 15 февруари 2024, Фејсбук)

Случајот на Јовановиќ јасно се поврза и со претходните инциденти на говор на омраза, кои беа под влијание од антиродовата реторика. Конзервативните сили, кои систематски ги демонизираа истите личности и групи, продолжија да промовираат цензура, како што тоа го правеа со книжевните преводи и фондовите во јавните библиотеки и книжарниците. Но, во овој случај, антиродовите актери го искористија веќе постоечкиот гнев во јавноста за да поттикнат нов бран на морална паника, насочен кон културните и уметничките содржини. Овој циклус на оцрнување и повикување на цензура не само што го отежна просторот за слободно културно изразување, туку и ја зацврсти хегемонијата на традиционалните вредности, замолчувајќи ги алтернативните уметнички и културни наративи.

„Ликови кои бранеа порнографски книги каде деца од 9-10 години имаат групен секс и сонуваат за некрофилија, сега се во одбрана на порнографски цртани кои ги гледаат мали деца во Музејот за современа уметност. И се фали дека тоа било неговата ‘уметност’!“ („Преземи одговорност“, 16 февруари 2024, Фејсбук)

Преку ефектот на засилување, антиродовите актери систематски ги овековечија дезинформациите, манипулирајќи го јавното чувство на анимозитет и анксиозност. Користејќи евокативен јазик и фабрикувани докази, тие поттикнаа говор на омраза врз основа на претпоставената сексуалност на уметникот и на сите поврзани со него. Овој дискурс, веќе препознатлив по својата сатурација во наративите за „закани“ од ЛГБТИК популациите и различните родови идентитети, беше селективен и тактички насочен. Како што забележува и самиот Јовановиќ, „интересен е фактот дека во анимацијата според приказната на Румена Бужаровска има[ло] [и] хетеросексуална секс сцена, за која никој не се побунил“ (Јовановиќ, декември, 2024). Со внимателен избор на содржини што ги презентираат, тие го зацврстија својот наратив, користејќи ја изложбата како инструмент за легитимирање на стигматизацијата кон ЛГБТИК луѓето и задушувањето на критичките културни и уметнички изрази.

Дополнителен аспект на овој случај беше искористувањето на проектот „Горчлив шеќер“ на Јовановиќ како погодна можност за засилување на аргументите на антиродовите актери. Употребениот стил, со цртежи и анимации налик детски илустрации, беше намерно искривено интерпретиран низ тесноградата антиродова логика. Наместо како уметнички израз со комплексни пораки, содржината беше претставена пред јавноста како материјал наменет за деца. Оваа манипулација не само што ги поттикна дезинформациите, туку и го искористи самиот естетски израз на проектот за да легитимира морална паника, дополнително поларизирајќи го јавниот дискурс и дискредитирајќи го уметникот и неговото дело.

„Целиот концепт на изложбата имаше иконографија која е блиска и до стрипот и до илустрацијата, поради што дополнително одреден дел од публиката навлече гнев, мислејќи дека тоа е наменето за деца. Секако, тоа не беше намерата“, изјави Јовановиќ за оваа анализа.

Иако детските тури во Музејот на современа уметност никогаш не вклучувале материјали за зрела публика, туку внимателно курирани содржини соодветни на возраста и образовните потреби, знаењето и професионализмот на кураторите, уметникот и самиот музеј беа ставени под јавна осуда. Тие беа обвинети за „дегенерација“ и станаа цел на јавни повици за штета и дискредитација. Ситуацијата ескалираше кога антиродовите страници почнаа да споделуваат манипулативни монтажи и колажи од фотографии на детски посети во музејот, поврзувајќи ги со материјали од изложбата на Јовановиќ. Овие монтажи создадоа лажен впечаток дека проектот е наменет исклучиво за деца, со што дополнително се засили моралната паника и се поткопа легитимитетот на културната институција. Овој чин откри намерна стратегија на искривување на фактите со цел да се дискредитира уметничката слобода и професионализмот, истовремено гушејќи го просторот за критички дијалог и јавна рефлексија.

„На социјалните мрежи се креираа лажни вести и говор на омраза насочени кон авторот поради претпоставена сексуална ориентација. Забележани беа коментари и статуси кои ја демонизираат ЛГБТИ заедницата како и коментари кои поттикнуваат насилство и дискриминација. Хелсиншки комитет смета дека ваквиот говор дополнително ја стигматизира заедницата и поднесе две кривични пријави за три лица за извршен кривично дело ‘Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем’ опишан во член 394г од Кривичниот Законик.“ (Хелсиншки комитет за човекови права, 2024)

Овој наратив за морална корупција на децата, закотвен во тврдења за изложување на несоодветна содржина, не е оригинален, туку е дел од глобалните антиродови стратегии за поткопување на прогресивните општествено-политички политики. Пораките и барањата на антиродовите актери беа насочени кон Министерството за култура и Музејот на современата уметност, искористувајќи го нискиот степен на доверба во институциите за да го неутрализираат ставот на музејот и да ги заглушат објаснувањата на Вистиномер и самиот Јовановиќ.[v]

Сегашната владина соработка со антиродовите организации и нивното искористување на нападот врз културните простори, особено во предизборниот период како тогашна опозиција, дополнително ја радикализираа јавноста и ги зајакнаа нејзините конзервативни сфаќања. Како резултат на сето ова, на денот на затворањето на проектот „Горчлив шеќер“, во страв од реакциите, музејот постави обезбедување пред просторијата каде што се проектираа видеата, кои беа цензурирани и исклучени. Исходот ја откри длабоката ерозија на уметничката слобода и интегритетот на кураторите, и резултираше со хипернадзор и контрола врз проектот – како механизми за смирување на јавната реакција. Наместо да се заштитат културните простори, тие станаа жртви на политички агенди, што го поткопа интегритетот на уметноста и критичкиот дијалог.

И покрај стресот и лутината што му ги предизвика случајот, Јовановиќ носи со себе перспектива која внесе надеж и охрабрување за идни предизвици. Тој го става овој настан во поширок контекст, и истакнува дека накратко ги искусил секојдневните проблеми со кои се соочуваат ЛГБТИК луѓето. Неговата рефлексија ја нагласува врската помеѓу историските опресии и современите антиродови наративи, повикувајќи на емпатија и отпор. Ова согледување останува како потсетник дека, и покрај притисоците, уметноста и критичкиот дискурс имаат моќ да предизвикаат хегемонија и да поттикнат општествени промени.

„Не ми е првпат да се најдам во таква ситуација, бидејќи во многу од моите дела провокацијата била составна компонента. Но, ова е прв случај каде направив содржина со експлицитна геј тематика. И, покрај тоа што имам геј пријатели и уметници и тие имаат моја поддршка, првпат навистина до крај сфатив низ какви сè трауми поминува ЛГБТИ заедницата. Првпат во целост почувствував како е да се биде во нивните чевли. Сум бил свесен и претходно низ какви сè драми поминуваат. Со години ја поддржувам заедницата. Прашањето е дали нив им пречеа експлицитните сцени, или темата пер се’, нели“, вели Јовановиќ.

По случајот на говор на омраза, кај музејските работници беше забележлив страв и задршка кон поставување уметнички дела со поексплицитна тематика. Некои уметници, анонимно, посочија дека почувствувале промени во пристапот и комуникацијата од страна на вработените во јавните културни институции, како директен одраз на јавниот говор на омраза и цензурата во дигиталната комуникација.

Други уметници, размислувајќи за можниот третман што би го доживеале доколку постават квир дело, било во институционални или независни простори, изразија амбивалентност помеѓу желбата за отпор и отвореност и стравот од омраза, насилство и погрешно толкување на нивната работа. Додека некои велат дека е можно после овие случувања да се цензурираат и да се повлекуваат во поотворени и независни простори, други гледаат на искуствата како на мотивација за продолжување, и покрај фрустрациите и предизвиците. Говорот на омраза, во таа смисла, предизвикува и ширење на ефектот на стигматизација, кој ја поткопува слободата на изразување и го редефинира јавниот културен простор како подложен на контрола и само-наметната тишина.

„Од една страна, се чувствувам солидарно, одлучно и поуверено од било кога дека не сакам да се цензурирам и да се повлечам. Напротив, сакам да бидам уште погласна и поотворена. Од друга страна, се плашам од омразата, насилството и гадењето со кои јавноста понекогаш реагира, особено затоа што сум ги почувствувала и во кругови кои се многу помали и поблиски. Би сакала да кажам дека лесно и храбро се соочувам со ова, но вистината е дека продолжувам да се цензурирам и скротувам, иако веќе одамна тоа почна да ми станува неподносливо.“ (X.X.)

„Следењето на случувањата поврзани со изложбата Горчлив шеќер беше крајно застрашувачко искуство, не само заради содржината на пораките и изјавите, туку и брзината со која се проширија по социјалните мрежи. Оваа ситуација само ми го потврди сомнежот дека во иднина квир уметнички дела и дела на квир уметници ќе бидат толкувани, изложени и објаснети со термини кои ќе ги заобиколуваат намерите на уметниците и значењата на делата. Јас како уметник, заради оваа ситуација исто така би бил резервиран во начинот на кој ги предложувам делата, текстовите со кои аплицирам за изложби или финансирање на проектите, јавните изјави кои ги давам за делата, особено кога изложувам во национални установи. Просторите кој ги сметам за поотворени и послободни за квир уметноста и квир уметниците кај нас се вонинституционалните и независните уметнички простори.“ (Y.Y.)

„Проблематично што музејот како простор станува уште еден battleground на кој треба да се соочуваш. Не е примарната мисла во музејот колку ти остануваш до себе, туку што они би сакале да направат од тебе, во кој контекст би сакале они да те постават. На многу начини сум бил исклучен и исмејуван за моето квир постоење и творење, почнувајќи од галерија, па после и јавно критикуван по социјални медиуми за мојата уметност. Во ниту еден момент тоа не ме демотивирало, можам да кажам дека ме фрустрирало во моментот, во процесите. Но, никогаш не ме демотивирало.“ (Z.Z.)

Цензурата во културните институции, поттикната од антиродовите влијанија, претставува тивка, но длабоко вкоренета појава која ретко станува предмет на јавна дебата. Музеите, затоа, мора да преземат проактивна улога во поддршката на провокативни и критички теми, застанувајќи зад уметниците како тим што ќе ги отфрли практиките на цензура. Компромисите не само што ги изобличуваат уметничките дела и нивната оригинална замисла, туку испраќаат порака дека цензурата е легитимен механизам што треба да се сноси за да се биде видлив во јавниот простор. Во ваков контекст, солидарноста и поддршката од културната заедница и институциите се клучни за охрабрување на уметниците да создаваат критичка и трансформативна уметност.

3.3. Родовото изразување и сексуалноста на уметниците – предмет на говор на омраза во медиумите

Случаите на говор на омраза насочени кон младите уметници, за кои во јавноста се дискутираше нивното претпоставено родово и/или сексуално изразување, открија длабоко вкоренета општествена нетолеранција и претставуваат огромни бариери за слободата на изразување. Еден од овие случаи е поврзан со видео-интервјуто на уметникот Христијан Нашуловски за Слободен печат, кое наиде на бројни навредливи и заканувачки коментари на социјалните мрежи. Коментарите, насочени кон неговиот изглед, родов идентитет и уметничка изразност, содржеа хомофобични и дехуманизирачки пораки како „Pederu mrs u grcija“ и „Оди обесисе“, кои не само што го таргетираа уметникот, туку и пошироката ЛГБТИК заедница. И покрај поддршката од пријателите и позитивните реакции, Нашуловски не го пријави случајот пред надлежните органи, а коментарите под објавата се сè уште оставени активни, иако тој самиот го има посочено проблемот кај медиумот.

Овие коментари ја одразуваат не само личната омраза туку и системските предрасуди кои се засилуваат преку дигиталниот простор. Радикалните коментари, како „Хитлере, врати се побогу, све ти е опростено“, дополнително поттикнуваат опасни идеологии и го нормализираат насилството врз маргинализираните групи. Нивната содржина не само што ја загрозува личната безбедност на уметниците, туку и ги демотивира уметниците да создаваат дела што преиспитуваат општествени норми и вредности. Ваквите настани создаваат токсична јавна атмосфера, каде агресивниот дискурс станува средство за замолчување на креативните гласови и нивно истерување од државата.

Сличен случај е забележан и со интервјуто на уметникот Крсто Анастас Глигоријадис, кое адресираше прашања за машкоста и родовиот идентитет. Иако коментарите со говор на омраза под објавата беа веднаш отстранети, негативните реакции продолжија да се шират, рефлектирајќи иста нетолеранција и отпор кон различностите.

Овие случаи јасно покажуваа дека уметноста која го преиспитува традиционалниот поредок е честопати цел на говор на омраза и напади, што не само што ги загрозува уметниците, туку и го поткопува културниот и креативниот развој на заедницата. Говорот на омраза не е само индивидуален израз, туку и структурен проблем што го нарушува јавниот простор и ја намалува видливоста на маргинализираните идентитети. Ова укажува на итна потреба за институционални и општествени напори за заштита на слободата на изразување и промоција на толеранција. Институциите, медиумите и граѓанското општество треба да преземат активни мерки за создавање безбедна и инклузивна средина, во која уметниците можат да творат без страв од насилство и дискриминација, без оглед на нивната сексуалност и родов идентитет.

Заклучни согледби

Демократската стабилност на Северна Македонија е нераскинливо поврзана со заштитата на граѓанскиот простор, културните работници и уметниците и унапредувањето на родовата еднаквост и човековите права. Подемот на антиродовите мобилизации и нивниот влијателен дискурс претставуваат длабока закана не само за маргинализираните заедници, туку и за самите темели на демократските вредности и владеењето на правото. Овие движења не се само обичен израз на конзервативни ставови, туку регресивна сила која го поткопува јавниот простор и институционалните заложби за инклузивност.

Заштитата на засегнатите страни кои изминатата година беа под напад од антиродовата реторика е повеќе од одбрана на човековите права; таа е суштинска за одржувањето на демократската издржливост пред растечките авторитарни и дискриминаторски сили. Усвојувањето на интерсекциски пристап, кој ги препознава преплетените форми на угнетување, и пристап заснован на права е неопходен за да се спротивстави на регресивниот наратив и да се потврди посветеноста на земјата кон инклузивна и партиципативна демократија.

Во услови на намалување на граѓанскиот простор и засилување на антиродовите движења, критичкиот одговор мора да биде повеќеслоен и интерсекционален. Таквиот пристап мора да даде приоритет на видливоста и заштитата на маргинализираните гласови, особено на уметниците и изведувачите кои се занимаваат со квир уметност, чии креативни придонеси честопати се замолчувани преку цензура и бојкот. Тие гласови не само што го збогатуваат културниот и општествениот дискурс, туку и ја претставуваат суштинската точка на отпор против хегемониските структури што ја поткопуваат општествената кохезија.

Во овој контекст, потребно е систематско и колективно дејствување. Тоа подразбира институционални заложби, изградба на колективен став основан на прогресивни идеи и вредности, и активно создавање и применување на стратегии за заштита од цензура, бојкот и маргинализација. Преку овие заложби, може да се осигура дека јавниот простор останува место за инклузивен дијалог и демократија, отпорен на заканите од дискриминација и угнетување.

Препораки

Домашните механизми за заштита на човековите програма, особено полицијата, обвинителството и судството, треба да обезбедат правна и институционална заштита што недвосмислено ги штити слободите на здружување, собирање и изразување, особено за маргинализираните групи како жените и ЛГБТИК активистите. Потребни се јасни механизми за справување со дезинформациите, говорот на омраза и заканите, вклучително и одговорност за сторителите, за да се зачува граѓанскиот простор.

Националните политики мора да интегрираат родови перспективи и да ги адресираат меѓусекторските ранливости на маргинализираните заедници. Реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ треба да го нагласат вклучувањето на жените и ЛГБТИК+ лицата преку партиципативни процеси што ја поттикнуваат инклузивноста и демократската отпорност.

Спротивставувањето на антиродовите наративи бара стратешка комуникација што ќе ги промовира точните пораки за родовата еднаквост и човековите права. Јавните институции и граѓанското општество треба да создаваат наративи што ќе ги адресираат локалните социо-економски и културни предизвици, особено преку поддршка на квир уметниците и изведувачите како важни гласови во борбата за инклузија и дијалог.

Меѓународните партнери, вклучително и ЕУ, треба активно да поддржат заштита на човековите права и граѓанскиот простор во Северна Македонија преку следење на владините дејства и поддршка на уметноста и културниот плурализам. Солидарноста и отчетноста на меѓународно ниво се клучни за поттикнување на трансформативната улога на квир уметноста и заштита на културните и човековите права.

Фото: Драгана Басекиќ

Текст: Мања Величковска, Грација Атанасовска и Сара Миленковска

(Авторките се истражувачки во Коалиција МАРГИНИ)

Слични содржини

Општество / Активизам / Квир / Историја
Општество / Активизам / Квир / Теорија

ОкоБоли главаВицФото