1011 hPa
66 %

10 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 09:12
Некој упорно се крие во мене
тука е од моето раѓање
а можеби и пред тоа
чекал во болничката соба
се мушкал меѓу влакнестите колена на сестрата во бело
спиел во расквичените федери под душекот
слушал како старицата во соседната соба се превртува во сонот
плука црна крв
А еве, скоро половина век
не сака да ми го покаже лицето
го замислувам со искривена брада, изедени коски
а можеби има прозрачни стапала и бледи, раширени раце
Не кажува многу
само еднаш прозборе
со глас на распукана икона
дека е сам
и дека е секаде
Знае да се претвори во благ, морски ветер
да мириса на топло пристаниште, на свежи лигњи
некогаш пак, на барут, на потта од капата на војникот
рамнодушно клекнат зад вратата
Знам дека кога мене ќе ме снема
тој нема да си замине
И изгледа ќе немам
што да му оставам
Можеби живата жар
закопана како јајце во песокот
или првиот цртеж со парче сонце
во аголот