Златното фенерче на летото

20.12.2024 16:35
Златното фенерче на летото

Од новата сликовница во едицијата „Старо купувам“ пренесуваме пет песни и илустрации.

Промоцијата на книгата ќе се случи на 28.12.24. во 12.00. во Јадро, во рамките на петнаесеттиот Новогодишен Темплум саем.

За книгата ќе зборуваат Билјана Ѓонеска и Елена Ончевска Агер.

 

ЛЕТО

Во ливадите како печурки

од сено никнат копи,

а полето некој црвен пламен

несетно го топи.

 

Жетварите во нивите

како српови се сведнати,

по гумната сноповите

како гости се поседнати.

 

Коњот со златни потковици

се врти околу стожер,

се растрчале изворите

да го згаснат големиот пожар.

 

ЛИВАДИ

Кога ќе сетиш тесно во градите —

појди во широко, во ливадите.

 

Кога од замор увото ти ѕуни —

излегувај во ливадите, во јуни.

 

Кога од пот челото ти роси —

во ливада појди кај што косач коси.

 

Штом ќе видиш косачи со коси на рамо,

зад ридот се тркала денот полн со замор.

 

ДЕТЕ НА ЛИВАДИТЕ

Јас сум дете на ливадите

со божурика на градите,

со треви во косата

и сребро од росата.

 

Два извора во очите имам нежни

и две раце од две брези снежни.

 

Гласот ми е позајмен од птица

што слетува на дланкава моја!

Ој, ливадо, од раното детство,

се растопив во твојата боја!

ЧЕТИРИ СВЕТУЛКИ

Четири малечки светулки

на мојава дланка:

ги раширија крилцата лесни

и со запалени фенерчиња

одлетаа...

Меѓу задоцнетите жетвари в поле

како златни цветови процветаа!

 

ЗЛАТНОТО ФЕНЕРЧЕ НА ЛЕТОТО

Како златно фенерче од детството,

како паричка стара —

така на ридот потсветнува

светулка нежна, мала.

 

Во ноќта како некој златар

ридот го позлатува,

а во мугрите, на спиење —

кон житата се упатува.

 

Светулке, златно фенерче на летото,

велат дека среќа носиш.

Штом е така, свиткај ѝ на ќерка ми

во нејзините расплетени коси!

Белешка за авторот и авторката

Рајко Јовчевски (1937-2001), македонски писател, преведувач и новинар, е роден во село Луково, Струшко. Во родното место го завршил основното образование, во Битола завршил средно земјоделско училиште, а потоа дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје на групата југословенска книжевност. Бил уредник во списанието за деца „Развигор“ и во редакцијата „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“.
Од 1967 до 1999 објавил дваесетина книги, повеќето за деца. Пишувал и раскази и романи. Стихозбирката „Златното фенерче на летото“ ја објавил 1973 година. Оригиналното издание, кое кај нас долго беше лектира за четврто одделение, содржи 56 песни. Во сликовницава се застапени 18 песни.

Татјана Миљовска (1966) е македонска уметница. Во 1992 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство. Во 2020 ја одбранила докторската дисертација со наслов „Ревитализација на духовното во апстрактното сликарство“. Во досегашната уметничка кариера имала десетина самостојни и десетина групни изложби. Објаавувала текстови и научни трудови со теми од областа на уметноста, екологијата, естетиката, духовноста, активизмот... Се занимава и со дизајн. Во 2021 година ја илустрираше книгата „Сонот на моливот со жолто срце“ од Владимир Шопов.

 

Слични содржини

Книжевност / Настан
Книжевност / Култура / Уметност / Настан
Книжевност / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото