„Земја за нас“- Поврзување низ слоеви и афекти 2.0

23.12.2024 02:01
„Земја за нас“- Поврзување низ слоеви и афекти 2.0

Денес, 23 декември, со почеток во 18 часот, во рамки на фестивалот Прво па женско 12, ќе биде претставена интердисциплинарна програма која вклучува панел дискусија на тема „Живот без капитализам: „Како дотаму?“, проекција на филмот „Земја за нас“ и разговор со авторката Карла Црнчевиќ.

18:00 Панел дискусија

Живот без капитализам: Како дотаму?

Преку дискусијата што ќе ѝ претходи на филмската приказна за „Земја за нас“ на Карла Црнчевиќ, ќе размениме размисли за тоа дали е можен свет надвор од цивилизацијата, поинаков од сегашниот. Дали и како можеме да го смениме нашиот однос кон природата, производството, заедничкиот простор? Како, среде пирејот на индивидуализмот и отуѓеноста, да ги развиваме капацитетите за заедништво? И конечно, што практично значи да се живее во заедница?

Говорничк/ци: Вики Младенова, Здравко Савески и Ленче Деспотоска

Модераторка: Андријана Папиќ Манчева

Вики Младенова е истражувачка на Универзитетот во Болоња. Докторирала на Универзитетот Ориентале во Неапол, на Меѓународни студии (Studi Internazionali). Претходното образование го завршила во Скопје и Пиза. Работела на повеќе проекти поврзани со човекови права, дискриминација и говор на омраза во Хелсиншкиот комитет за човекови права. Како асистентка-истражувачка, била ангажирана на Правната клиника за права на бегалците, на Правниот факултет во Скопје. На истиот факултет, околу пет години ја координирала и неформалната иницијатива Критичко преиспитување на правото. Нејзините главни истражувачки интереси се позиционирани во рамки на критички правни студии, политичка филозофија и миграциски студии.

Здравко Савески е екосоцијалист, борец за еколошка и социјална правда, велосипедист, градинар, човек што се грижи и ги сака животните, активист против пластичното загадување. Доктор е на политички науки, а се занимава и со превод. Меѓу другото, во насока на ослободување на имагинацијата од стегите на капиталистичкиот реализам, оваа година ја преведе „Вести од никаде“ од англискиот социјалист и уметник на живеењето Вилијам Морис.

Ленче Деспотоска е членка на здружението „Зелената арка“ која градинари во општествената градина „Бостание“. Таа е градинарка и економистка која ги спојува љубовта кон природата во сите нејзини форми со практичните аспекти од работата во економската област. Верува дека одржлив раст во двете области е можен само со љубов,трпеливост, правилно планирање и мирно прилагодување на непредвидливите околности.

Андријана Папиќ Манчева е преведувачка, поборничка за репродуктивна слобода и дел од Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Нејзината страст за нула отпад и за справувањето со ѓубрето што се совпадна со станувањето родител пред речиси цела деценија, низ годините се претвори во неисцрпен интерес за продлабочување на знаењата за екофеминизмот и интерсекционалноста.

19:00 Проекција на документарен филм

Земја за нас

Оригинален наслов: Zemlja za nas

Година: 2024

Продукција: Загреб филм (Zagreb film)

Траење: 65 мин.

Режија: Карла Црнчевиќ (Karla Crnčević)

Сценарио: Карла Црнчевиќ (Karla Crnčević)

Монтажа: Хрвослава Бркушиќ (Hrvoslava Brkušić)

Камера: Јакоб Кресе (Jakob Krese)

Во срцето на островот Брач група жени живее во необична заедница. Не веруваат во приватен имот ни во хиерархија, со заедницата управуваат со директна демократија и се занимаваат со земјоделство на еколошки начин. Секоја членка на комуната има избегано од некој минат живот и заедно се обидуваат да ја изградат својата мала самоодржлива оаза. Но кога ќе биде поставено прашањето на впишување на сопственоста во катастарските книги, во прашање доаѓа самиот опстанок на заедницата.

20:15 Разговор со авторката 

По проекцијата ќе следи разговор со Карла Црнчевиќ, авторката на филмот кој ќе го води Ѓорѓи Пулевски.

Карла Црнчевиќ е драматург и филмска работничка која ја истражува политиката на сликите (images) и звукот низ различни формати и услови за работа. Нејзините видео и филмски дела се претставувани и наградувани во повеќе земји. Една од основачките е на фестивалот Unseen, кој се занимава со ревитализација на кино простори. Магистрирала драматургија на Академијата за драмски уметности во Загреб и филм на EQZE, San Sebastian.

Ѓорги Пулевски дипломирал психологија и магистрирал студии на политиките во Скопје и проектен менаџмент во Портсмут, Англија. Од 2013 до 2018 година бил дел од дебатното кино „Контра Кадар“ во Битола каде што ко-организирал над 120 општествено-ангажирани настани со филмски проекции и дискусии. Од 2014 до 2023 година работел на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Моментално е програмски директор на Филозофскиот филмски фестивал.