Интервју со Александар Стеванов

23.12.2024 02:35
Интервју со Александар Стеванов

Александар Стеванов е неуморен истражувач и хроничар на македонскиот стрип, чие име постепено прераснува во синоним за упорност и систематичност во одбележувањето и промовирањето на деветтата уметност во Северна Македонија. Неговата публикација „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ е од оној редок вид на истражувачки трудови што повлекува не само хронолошки преглед на локалниот стрип, туку користи и архивски извадоци од дневниот печат и разговори со релевантни автори за да се создаде целосна слика за трендовите во ова поле во изминатите три и кусур децении. Во таа насока, повод за ова интервју е објавување на најновиот том од публикацијата, со која се опфаќа периодот 2016–2019, а кој беше за прв пат претставен во јуни оваа година на фестивалот „Стрип Трип“ во Скопје.

Како и кога се роди идејата за „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ и зошто се одлучи на ваков формат?

Почнувајќи посериозно да се интересирам за домашната стрип-сцена и за нејзината историја, пред нешто повеќе од десет години напишав повеќе текстови на овие теми, како што се тие за првата македонска стрип-ревија „Макстрип“, за забавното списание „Илустриран забавник“, за женскиот стрип во Македонија и за учествата на македонските автори на стрип-фестивалите во регионот. Како би можел бргу и едноставно да ги проверувам потребните информации кои беа раштркани во мноштво написи објавени во дневниот печат, во разни списанија, стрип-ревии, каталози и на семрежјето, решив да ги поставам на едно место. Сето она поврзано со македонскиот стрип – од стрип-изложби и работилници, преку стрип-ревии и албуми, па до учества на стрип-фестивали и освоени награди – по хронолошки редослед почнав да го подредувам во програмата Мајкрософт ворд.

По една-две години, бројот на страниците на фајлот стана речиси четирицифрен, големина поради која престана да ѝ служи на основната цел – брза и едностава проверка на информациите. За поголема прегледност, тогаш се зафатив со преработка на текстовите. Пишував енциклопедиски, задржувајќи ги најзначајните нешта, по што напишаното графички го уредував во соодветна програма – Индизајн. Во неа секоја хронолошка одредница ја издвојував типографски, а за дел од нив поставував и придружни слики. За секоја година, една по друга, тогаш почнав да пишувам воведи, а ставав и цитати од други автори со што напишаното дополнително се збогатуваше и прошаруваше.

Трудот што го вложував беше со цел да создадам публикација за моја лична употреба, база на податоци што ќе ми служи за написите и за книгите што во тоа време ги планирав. Во разговор со мојата тогашна девојка, веројатно некаде во втората половина на 2015 година, ѝ споделив дека работам на подредување на настаните од македонската стрип-историја. Се сеќавам дека ѝ покажав неколку страници од тоа што го правев, кои беа уредени речиси идентично како и оние во сега веќе објавените пет тома на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“. Ме праша дали ова што сум го изготвил е со план некогаш да биде објавено. Ѝ реков – не. Тогаш ме праша – а зошто не? На таквото прашање не знаев што да одговорам. Навистина, а зошто не?

Кои се специфичностите на создавање на една хроника на стрипот, односно каква е методологијата по која ги бираш различните изданија? Каде е фокус во текстуалното и визуелното изразување? Нешто што ми паѓа во очи е дека избегнуваш квалитативно оценување на делата... Кој е најтешкиот дел и дали станува полесно со тек на време?

Ограничен од условите и реалноста, мојата методологија се состои во истражување на она што е најзначајно и што сум во можност да го истражам. Притоа прибележувам апсолутно сѐ што е поврзано со македонскиот стрип и со стрипот во Македонија. Информациите воопшто не ги прекарувам преку сито. Па така во „Визуелната хроника на македонскиот стрип“ се објавени значајни настани како на пример освоени први места на меѓународни конкурси и објавени стрип-албуми, но и такви што се од минорно значење, како што се учества на фестивали или манифестации на кои била изложена по некоја стрип-табла. Покрај претходно споменатите два природни критериума, единствен друг предуслов за едно нешто да влезе во „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ е да е од формален, односно од јавен карактер. Во прво време ги прибележував и стриповите на странските автори што содржински имаат некаква врска со Македонија, главно историска или географска, нешто што подоцна го отфрлив, односно го префрлив како тривијалност во воведните текстови.

За потребите на првата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, која го обработува стрипот во деведесеттите, ги набавив речиси сите домашни стрип-публикации што излегле во тој период – „Макстрип“, „Клик“, „Лифт“, „Стрип арт“... Оние што не ги најдов – ги прелистував во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, за што морав да патувам од Штип. Посакувам да имав повеќе време (и средства) за истражување, но немав. Многу од подоцнежните домашни стрип-изданија, особено оние од втората декада на XXI век, веќе ги имав набавено во време кога почнав да истражувам. Во тоа време многу ми помогнаа и новинските текстови објавени на семрежјето. Многу од тие текстови денес веќе не се достапни онлајн. Сепак, речиси сите оние што се референцирани во „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ се спасени од дигиталната апокалипса затоа што ги зачував на мрежното место „Интернет аркајв“.

Од помош ми беа и неколку специјализирани мрежни места, како што се „СтрипВести“, македонскиот стрип форум „Макстрип“, електронското списание „Македонска ризница“, библиотечниот систем „Cobiss“, како и архивите на „Тајм.мк“ и „ЗаУм“. Се служев и со она што дотогаш беше напишано во македонската стрип-историографија, првенствено со книгата „Стрип – запис со човечки лик“ на Томислав Османли, како и со по некој напис. Ми помогнаа и неколку мои пријатели и членови на македонската стрип-сцена, меѓу кои Дарко Богданов и Ване Трајков. За неколку изданија што имав проблем да ги пронајдам, ми помогнаа Марина Костова и Јордан Коцевски. Би го спомнал и нашиот афирмиран стрип-автор и издавач Никола Темков, кој со мене сподели поголем број настани поврзани со домашниот стрип за кои не знаев.

Што се однесува до балансот меѓу текстот и сликите – тој самиот си се најде, а давањето оценки намерно го избегнувам. Имајќи предвид дека уметноста, вклучително и стрипот, се субјективни, со оценувањето сметам дека непотребно ќе го наметнев мојот поглед на нештата. Иако е невозможно едно дело да избега од светогледот на авторот, се трудев „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ да е што пообјективна. Во таа насока, во вид на цитати, споделени се и мноштво мисли на други стрип-автори со кои не секакогаш се согласувам.

Има ли некои постојни хроники на регионално или глобално ниво кои ти служеле за урнек? Дали има слични изданија кои можеби би ги препорачал?

Во регионот, кога станува збор за публикации во кои се обработува историјата на стрипот, немам сретнато ништо што е конципирано на сличен начин како „Визуелна хроника на македонскиот стрип“. Но, секако, постојат повеќе изданија во кои се обработува историјата на стрипот.

Од оние објавени кај нашиот северен сосед би ги спомнал „Стриповите кои ги сакавме“ на Живојин Тамбуриќ, Здравко Зупан и Зоран Стефановиќ, „Историја на југословенскиот стрип 1“ на Славко Драгинчиќ и Здравко Зупан, „Век на стрипот во Србија“ на Здравко Зупан, како и книгата „Стрипот во Србија 1975 – 1995“ на Аница Туцаков. Во Бугарија е објавена книгата „Кратка историја на бугарскиот стрип“ на Антон Стајков, во Словенија – „Историја на словенечкиот стрип 1927 – 2007“ и реизданието насловено „Историја на словенечкиот стрип 1927 – 2017“, обете на Изток Ситар, а во Романија – „Историја на романскиот стрип 1891 – 2010“ на Додо Ница и Александру Чоботариу. Пред една година во Црна Гора беше објавена книгата „Цртежи и борби“ на Лука Ракојевиќ, во која се обработува деветтата уметност и Народно-ослободителната борба. Не знам само дали постои публикација за историјата на грчкиот стрип, а за албанскиот стрип, колку што сум запознаен – досега нема.

Што се однесува до светот, битно издание е „Ди-си комикс година по година: Визуелна хроника“ во издание на „Дорлинг киндерсли“. Оваа публикација, всушност, ми беше урнек за графичкото уредување на моите визуелни хроники. Како што спомнав, во времето кога почнав да ги подготвувам, воопшто не мислев дека некогаш ќе бидат објавени, па нивниот визуелен идентитет го базирав врз визуелната хроника на „Ди-си комикс“.

Како уште порана испирација би ја спомнал петтомната публикација „Сликовна историја на XX век“, како и второто дополнето издание на „Стрип – запис со човечки лик“ на Томислав Османли. Со неа, овој наш истакнат писател, прв стрип-теоретичар и прв стрип-хроничар ми покажа дека и македонскиот стрип може да биде предмет на сериозна обработка. Да не беше оваа книга, не сум убеден дека ќе постоеше „Визуелна хроника на македонскиот стрип“. Затоа огромна чест ми претставува тоа што пред неколку години Османли ме покани да напишам рецензија за третото издание на оваа негова исклучително значајна публикација.

Дали има некои изненадувања на кои имаш налетано во текот на истражувањето или пак нешта на кои си заборавил? За мене лично, изненадување беше постоењето на „Вара“, а и постојано кој сѐ објавил стрип во некоја точка. Забавно беше и потсетувањето дека своевремено се продаваа стриповите „К-15“ и „Супер Тоше“.

Истражувањето на македонската стрип-историја за потребите на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, имајќи предвид дека е како патување назад во времето, во целост би го окарактеризирал како изненадување. И за мене е фасцинантна приказната околу стрипот „Вара“. Покрај „К-15“, како куриозитет би го спомнал и стрипот за Ристо Бомбата и Кучешка тенија што излезе на крајот на 1993 година. Во врска со „Супер Тоше“, за мене огромно изненадување беше тоа што не може да се најде во ниедна македонска јавна библиотека и покрај тоа што е најпродаваниот македонскиот стрип во последните дваесетина години. Ме изненади и тоа што нашиот стрип-автор Маријан Камиловски освоил прво место за стрип на конкурс распишан од хрватското списание „Комикон“, како и тоа што објавувал во британски „2000 АД“. Изненадување беше и сознанието дека во Штип, градот во кој сум роден и живеам, и пред мене имало некој што правел стрипови.

Пријатни чувства ми предизвика потсетувањето на „Макстрип“, кој веројатно е главниот виновник да се вљубам во македонскиот стрип. Оваа наша прва стрип-ревија почнав да ја купувам на почетокот на деведесеттите откако дознав за неа од реклама емитувана на Македонската телевизија. Меѓу многуте насловни страници на „Макстрип“ прикажани во рекламата имаше и таква на која беше нацртана убава девојка како се бори со мачка-мутант. Илустрацијата ме фасцинираше. Секојпат кога рекламата ќе беше емитувана се трудев да ја запаметам таа насловна страница. Тој број за жал не ми падна в раце, затоа што беше веќе распродаден. Го набавив дури по дваесет и кусур години, кога почнав да прибирам материјал за „Визуелната хроника на македонскиот стрип“. Тогаш разбрав дека автор на илустрацијата, на која всушност е прикажана Кет-Клоу, е легендата на српскиот стрип Бане Керац.

При истражувањето, со особена радост се присетив и на списанието „Илустриран забавник“, кое исто така редовно го купувавме со друштвото, а кое ме изненади со тоа што излегло во повеќе броеви одошто своевремено си мислев. Во трафиката од каде го набавував, последните неколку броеви веројатно не беа дистрибуирани, па воопшто не знаев за нивното постоење. А најголемото изненадување за мене е тоа што домашната стрип-историја, иако е капка во морето во споредба со светот, сепак е далеку побогата отколку си мислиме.

Дали имало некои пропусти досега? На пример во 2024 откриваш нешто што би било одлично да се најде во изданието за 1990 – 1999 година? Дали можеби некој од страна ти се заканил досега, на пример на стр. 123 од тоа и тоа издание си пишал „супершија“, а всушност е „суперврат“?

Мојата цел беше да бидам што посеопфатен. Сепак, уште на самиот почеток ми беше совршено јасно дека тоа е невозможна мисија. Се работи за обемен материјал кој е од разнороден карактер, пречки што неповолните услови за истражување ги прават неколкукратно поголеми. За целосна сеопфатност би требало да се прегледаат сите домашни публикации. Не само оние специјализирани за стрип, туку и тие што спорадично објавувале стрипови. А, како човек ќе знае кои се тие без да го прегледа секој еден број од секој еден македонски весник или списание? Тоа се купишта хартија.

И како тоа да е малку, освен домашните изданија, за сеопфатност треба да се прегледаат и странските публикации имајќи предвид дека нашите автори имаат објавувано и во странство. Ретко која од тие странски публикации ја има во Македонија. Воедно и дел од македонските изданија во кои биле објавувани стрипови ги нема во ниедна македонска јавна библиотека. Покрај претходно споменатите стрипови „Супер Тоше“, во ниедна македонска библиотека не можат да се најдат и првите македонски стрип-публикации „Цар Самуил“ и „Историска стрипотека“, како и повеќе броеви на детското списание „Наш свет“.

Така што – да, во досега објавените пет тома на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ имало повеќе пропусти. Не е спомната, на пример, изложбата на Игор Тошевски од 1994 година на која биле изложени неколку негови стрипови, не се спомнати и стриповите објавени во „Голем одмор“ и во „Карамел“, како и неколку стрипа објавени во „Маргина“, не е спомнат стрип-фанзинот „Комикус магнус“, а пропуштено да се спомне е и за стрип-работилница за деца одржана во Битола во 2019 година, нешто за што дознав пред неполн месец.

Но, и покрај ова, би сакал да истакнам дека во регионот не постои посеопфатна публикација за нечија национална стрип-историја во соодветен период од „Визуелна хроника на македонскиот стрип“. А доколку некој наш стрип-автор се почувствува засегнат поради тоа што некој негов успех не бил споделен во неа – слободно нека ме контактира. Ми се заканувал или не, јас секако ќе го прибележам тоа што ќе го сподели со мене во случај некогаш да се појави можност за објавување на втори дополнети изданија.

Како го согледуваш развојот на стрипот во независна Македонија од 1990 година наваму, има ли некои побитни трендови што се воочливи – од типот на какви изданија преферираме, на какви наративи се фокусираат авторите?

Нема некои изразени законитости во развојниот пат на македонскиот стрип и секој еден период со себе си носи свои правила. Во деведесеттите години на минатиот век, чинителите на македонската стрип-сцена како да се натпреваруваат во покренување и гасење на стрип-ревии. Првите неколку години од таа декада се период што го одбележува стрип-ревијата „Макстрип“, а во нејзината втора половина приматот е на алтернативниот стрип што се појавува на страниците на „Лифт“. За разлика од денес, кога во Македонија годишно излегуваат десетина стрип-албуми, интересно е дека во деведесеттите не е објавен ниту еден македонски албум од комерцијален карактер. По еден транзициски интервал, при крајот на наредната декада почнува периодот што домашните стрип-автори го означуваат како ренесанса, односно препород на македонскиот стрип. Тука некаде замав земаат авторите што гравитираат околу форумот „Макстрип“, подоцна организирани во здружението „Макстрипови“, а се појавуваат и дигиталните стрипови.

Неколку години подоцна, со појавата на стрипоиздателствата „М-комикс“ и „Стрип квадрат“, како и со интензификацијата на издавачката дејност на Стрип центарот на Македонија – Велес, почнува период на т.н. мини издавачка револуција. По достигнување на една кулминативна точка во издаваштвото, оттогаш па до денес вкупните тиражи на македонските стрип-публикации на годишно ниво се во постојано опаѓање. Во 2023 година, на пример, тие се за десет пати помали во споредба со оние од 2014 година. Сепак, македонскиот стрип бележи успеси на други фронтови. Последните неколку години би ги окарактеризирал како период на македонската стрип-историографија, која полека но сигурно станува една од најбогатите во регионот. Удел во тоа има и „Визуелна хроника на македонскиот стрип“. Нејзините досега објавени пет тома, доколку се посматраат како единечно издание, ја прават „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ најобемната публикација за нечија национална стрип-историја во овој дел од светот.

Преку патувачката изложба „CAN for Balkans“ поставена во Романија, Албанија, Србија, Белгија и Бугарија, во изминативе две години македонскиот историски стрип доби огромна меѓународна промоција. Беа промовирани стрипови на Коле Манев, Миле Топуз, Љупчо Филипов, Диме Иванов-Димано, Дарко Богданов... Почнувајќи од минатата година, во Скопје се одржува фестивалот „Стрип трип“, кој е со амбиции да прерасне во една убава традиција и нешто што верувам дека ќе го одбележи периодот што следува. Минатата година се појави и првиот стрип што по сценарио на македонски автор, Бранко Прља, беше нацртан од вештачката интелигенција. Којзнае, можеби и ова претставува најава за едно ново поглавје од историјата на стрипот на македонско тло.

По што би бил карактеристичен периодот застапен во најновата книга? Дали тука има некои изненадувања или моменти што се особено интересни?

Најновата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, која на почетокот на јуни имаше промоција на фестивалот „Стрип трип“ во Скопје, го опфаќа периодот 2016 – 2019 година. Таа е најобемната и веројатно најсеопфатната од досега објавените пет тома. Се издвојува од останатите и по тоа што воведот за неа не го напишав јас, туку почитуваниот Томислав Османли кој е првиот проучувач на домашното стриповно минато. Во него тој прави опширен преглед на македонската стрип-историографија, делејќи ја на две етапи, при што става акцент на „Визуелната хроника на македонскиот стрип“. Како и за сите досега објавени томови на оваа публикација, така и овој том излезе со поддршка од Министерството за култура, во рамките на годишната програма за остварување на националниот интерес во културата, за што сум многу благодарен.

Во периодот што овој том го го опфаќа, 2016 – 2019 година, ентузијазмот на стрип-авторите кој е главна причина за постоењето на македонската стрип-сцена добива добредојдена конкуренција во зголемената поддршка од страна на државата. Ова е период во кој згаснува „М-комикс“, по што по киосците во Македонија престануваат да излегуваат лиценцни стрипови, но и период во кој почнуваат да излегуваат сѐ повеќе стрип-албуми на домашни и на странски автори. За мене лично овој период е особено значаен затоа што во него беа објавени моите први публикации, вклучително и првиот том на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ кој излезе кон средината на 2019 година.

Како е да се пишува за себе во во трето лице, „Еден дечко од Штип што се прави... од кај да почнам...“ Или објективно да се зборува за резултатите на пријателите/соработниците...

Минатата година еден мој пријател ми сподели дека кога бил уредник на списание, како би избегнал субјективизам и конфликт на интереси, ставил забрана за објавување на своите дела во него. Како дел од домашната стрип-сцена која е предмет на обработка во визуелните хроники, јас го немав таквиот луксуз. Сепак, мислам дека не ми е особен проблем да бидам објективен и кога се изразувам во илеизам, односно кога станува збор за активностите што јас сум ги имал на полето на стрипот. А и свесен сум дека делото би изгубило на вредност ако го претворам во средство за опевање на сопствените подвизи, исто како што би изгубило на вредност ако некого намерно изоставам. Моја цел е сите што сработиле нешто да бидат испочитувани, без оглед дали сме пријатели, познаници или, пак, воопшто не се познаваме. Така што, се трудам сето она што македонските стрип-чинители го сработиле да биде опфатено во „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, а преку споделените цитати да биде опфатено и дел од она што тие го рекле за деветтата уметност на македонско тло. Се надевам дека успевам во ваквата определба.

Дали би имало некое интегрално издание во иднина и ако има, дали би коригирал нешто од она што веќе е објавено?

Интегрално издание беше првичниот план. Во тоа време дури и имав некои разговори за спонзорство на такво издание, кои очегледно не вродија со плод. А, по разговорите со претставници на неколку издавачки куќи ми стана јасно дека најдобро би било „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ да се подели на повеќе томови.

Но, јас се надевам дека за 20 – 30 години, доколку сме живи и здрави, доколку се распродадат тиражите и доколку кај мене сѐ уште опстојува пасијата за деветтата уметност, дека барем дел од досега објавените пет тома на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ ќе доживеат реизданија. Ако тоа се случи – секако дека би биле втори дополнети изданија. Тоа значи дека би го вметнал сето она што сум го открил откако постојните изданија биле веќе објавени, а со самото тоа и би биле пообемни, односно со повеќе страници. Би имале и нови насловни страници, нови воведи, а делумно и нови цитати, односно би биле вистински нови и дополнети изданија, а не репринти.

Во меѓувреме, ќе се сконцентирам на изготвување и објавување на нови томови на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ во кои ќе бидат опфатени нови периоди од историјата на македонскиот стрип. Наредниот том, чија подготовка е во завршна фаза, ќе го обработува периодот 2020 – 2023 година. Се надевам дека ќе биде објавен догодина. Доколку сѐ уште ме држи ентузијазмот, потоа планирам да се навратам на децениите пред првиот том на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, односно во периодот пред осамостојувањето на Македонија. Првите чекори во таа насока се веќе направени.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото