Трамп и подемот на Азија

23.12.2024 02:41
Трамп и подемот на Азија

Интервју со Бранко Милановиќ за францускиот портал „Атлантико“. Милановиќ е српско-американски економист и универзитетски професор и еден од водечките светски експерти во областа на нееднаквоста.

Откако ја победи Камала Харис, Доналд Трамп се подготвува за враќање во Белата куќа. По изборите изјавивте дека западните елити беа збунети од таквиот исход исто како што беа комунистичките елити во Источна Европа кога се појави Горбачов и почна да спроведува реформи кои ќе доведат до распад на Советскиот Сојуз. Зошто сметате дека овие двајца се споредливи?

Како што забележавте, сакав да кажам дека елитите во Источна Европа чувствуваа нешто слично за Горбачов како денес западните елити денес за Трамп. И Горбачов и Трамп внесоа комплетно дисонантни тонови во она што во претходните децении се сметаше за вообичаено и прифатливо во источноевропските земји-сателити, односно западните сојузнички земји. Источноевропските елити беа навикнати на одредени пораки од Москва, во кои се истакнуваше „неуништливото“ единство на социјалистичкиот блок и потврдувањето дека социјалистичкиот блок, како политички најнапреден дел од светот, ниже успеси еден по друг. Што не значи дека тоа беше вистина.

Тоа само значи дека такви пораки доаѓаа од Москва, а елитите во Источна Европа тоа и го очекуваа. По потреба, тие донекаде можеа да се прилагодат, во зависност од типот на раководството во СССР. Секако, никој од нив не очекуваше дека ќе се појави генерален секретар на Комунистичката партија кој ќе се дистанцира од сè она што неговата партија го правеше внатре и надвор од Советскиот Сојуз и ќе објави дека опстанокот на социјалистичкиот блок сега зависи исклучиво од волјата на земјите-членки. Горбачов стана познат по изјавата дека земјите од Источна Европа треба да одат „по својот пат“, цитирајќи стихови од песната на Френк Синатра.

Исто така, (западно) европските елити по 1945 година беа навикнати на одреден вид пораки од Вашингтон; пораките можеа да варираат од претседател до претседател, но во нив се подразбираше дека САД и Европа (порано само Западна Европа, а последниве 30 години и Источна Европа) се либерални демократии, обединети со политичките вредности и економските и воени цели. Трамп ги доведе во прашање двата елементи на пораката.

Прво, неговата посветеност на либералната демократија е сомнителна, па не е баш јасно ниту колку воопшто му е грижа дали земјите што се дел од западниот политички сојуз се либерални демократии или не. Потоа, во неговиот прв мандат, а можеби тоа ќе го направи и во вториот, ја доведе во прашање смислата на НАТО сојузот како заеднички одбранбен блок. Тој всушност го гледа како оптоварување за САД кои ја носат најголемата тежина на трошоците за одбрана. Не постои сомнеж дека тоа предизвикува непријатност кај западните владејачки кругови. Тоа е сличноста што ја имав на ум.

Што се однесува до европските елити, кои аспекти од нивното однесување се последица на слепило или фатализам? Треба ли да веруваме дека тие не гледаат што се случува зашто го одвраќаат погледот или едноставно не се во состојба да се променат?

Мислам дека ставот на западните елити во првиот мандат на Трамп беше (како што веројатно ќе биде и во вториот) дека тој треба да се третира како некаква природна катастрофа и да се надеваат дека брзо ќе помине. Не можат да му се спротивстават, зашто моќта на САД е огромна. Не можат да му се спротивстават особено сега кога на Европа очајнички ѝ треба поддршка од САД поради војните во Украина и Палестина. Затоа нема сомнеж дека ќе мораат да застанат покрај Трамп, барем декларативно. Како што реков, веројатно се чувствуваат несигурно и исцрпено. Како да се затворени во кафез со тигар, а целта на играта е да преживеат додека тигарот не замине од кафезот (и се надеваат дека нема да бидат изедени пред да се случи тоа).

Не верувам дека европските елити ќе се променат, зашто не мислат дека има потреба нешто да се менува. Настаните во САД ги гледаат како привремена аберација, типично американска, и очекуваат дека за четири години сè ќе се врати во нормала. Меѓутоа, можно е десничарските и популистички лидери чиј светоглед е е многу поблизок до Трамп, сега да се почувствуваат охрабрени и да се обидат да ја освојат власта и да ги заменат (според нивното мислење) неспособните либерални елити.

Во анализата ги изедначивте Доналд Трамп и Горбачов (иако, според вашето мислење, тоа не значи дека САД се во колапс) и ги споредивте европските земји со земјите-сателити кои беа незадоволни од промената на насоката на „мајчинската“ сила, но не можеа да ѝ се спротивстават. Дали мислите дека европските елити во овој конфликт веќе изгубија или сè уште можеме да се надевааме дека ќе ја видиме нивната реакција? Треба ли да очекуваме голема преродба или им се подготвува пораз каков што ги зафати советските елити во источноевропските земји?

Како што реков, мислам дека европските елити го гледаат Доналд Трамп како природна катастрофа, како земјотрес. Веруваат дека не им преостанало ништо друго освен да се надеваат дека ќе успеат да преживеат. Сигурно не можат директно да му се спротивстават. Затоа ќе мораат внимателно да „танцуваат“ околу него и да се обидат да го добијат со комбинација на промовирање заеднички интереси и лични ласкања. Нивниот најголем проблем е што сега се појавија некои други елити кои се многу поблиску до Трамп. Мислам на десничарските партии во Германија, Австрија, Шпанија, Франција, Холандија, Шведска.

Заедно со Трамп, овие партии ѝ се спротивставуваат на миграцијата и не им се туѓи идеите за протекционистички економски политики. Се разбира, последново може да биде меч со две острици, бидејќи европскиот протекционизам би ги погодил и американските компании. Но сега имаат шанса да ја изложат својата агенда пред гласачите со многу помалку воздржување отколку досега, бидејќи имаат идеолошки сојузник во Вашингтон. (Токму како што антикомунистичките елити во источноевропските земји ненадејно добија сојузник во Москва.)

За време на Студената војна Европа им беше потребна на САД кои се обидуваа да се осигураат дека Европа нема да застане на страната на Русија; затоа беше спроведен Маршаловиот план. Додека се интензивира новата Студена војна, овој пат со Кина, треба ли да веруваме дека САД сè уште имаат интереси за одржување на стабилноста и просперитетот во регионот на Европа?

Конфликтот со Советскиот Сојуз се разликува од конфликтот со Кина. Не само што Советскиот Сојуз беше географски многу поблиску до Европа и имаше војска која до педесеттите или дури шеесеттите години можеше да заземе делови од Европа, туку Советскиот Сојуз имаше и сојузници во политичките партии и синдикатите на запад кои беа идеолошки поврзани со него. Ништо од тоа не е случај со Кина. Прво, Кина е далеку и сигурно не планира воено да ја освојува Европа. Второ, Кина ја нема ниту меката моќ ниту идеолошката привлечност што ја има Советскиот Сојуз. Затоа, според моето уверување, едноставно не постои кинеска закана за Европа.

Но конфликтот помеѓу Кина и САД е сосема извесен, зашто на тоа ниво се поставува прашањето кој треба да биде светски хегемон. САД имаат многу причини да ги задржат големите и богати земји како што се земјите од Европската унија. Не мислам дека САД ќе ја напуштат Европа. Европа е премногу важна за нив. Се разбира, тоа не се однесува директно на прашањето за мандатот на Трамп, но се однесува на пошироките прашања за стратешката важност на Европа за САД.

Вие сте експерт за влијанието на глобализацијата на нееднаквоста и вашиот труд во оваа област е меѓународно признаен. Изгледа дека ова прашање имаше важна улога, како во САД, така и во другите земји од западната демократија. Каква е денешната ситуација во овој поглед?

Да, се согласувам дека ова прашање имаше важна улога, како на полето на геополитиката, така и во внатрешните политички случувања во многу земји. Во книгата на која работам ја изнесувам токму таа аргументација. Тоа не е ништо ново, но ќе се обидам да го прикажам проблемот на уникатен и кохерентен начин. Подемот на Кина, но и на цела Азија, го поместува економскиот фокус од Атлантикот кон Пацификот. Оттука, приходите во Азија во однос на Европа достигнаа ниво на кое не биле веќе 300 години. Разликите помеѓу Европа и Кина, и Азија воопшто, во тоа време беа многу помали отколку потоа, кога благодарение на индустриската револуција Европа стана многу попросперитетна и воено посилна. Кина сега се појави како силен конкурент на САД, економски и воено. Значи, тоа е геополитичкиот ефект на подемот на Кина, особено во однос на улогата на САД како глобален хегемон.

Но подемот на Кина предизвика уште еден важен економски ефект. Тоа е влијанието на растот во Кина и Азија на релативната позиција на западната средна класа. Факт е дека западната средна класа, иако сè уште многу побогата од средната класа во Кина, не бележи раст споредено со стапките на раст во Кина и дека некои од нејзините делови ги изгубија позициите кои ги имаа во глобалната распределба на приходите. На почетокот тоа не беше особено забележително, но со текот на времето, ако луѓето кои ја сочинуваат важната француска средна класа паднат од 70-тиот на 50-тиот процент во глобалната распределба, тие повеќе нема да можат да си дозволат некои од стоките и услугите чии цени ги одредува глобалниот пазар.

Значи, релативниот пад на Европа ќе се манифестира и на личен план. Сакам да нагласам дека геополитичкиот предизвик на Кина е насочен првенствено кон САД, но економските ефекти на нејзиниот предизвик ќе бидат многу пошироки. Другите густо населени азиски земји како Индија, Виетнам, Индонезија итн., исто така растат брзо. Ќе ви дадам пример: пред само 40 години, Велика Британија и Индија имаа ист (вкупен) БДП. Денес, бруто домашниот производ на Индија е четирипати поголем. Истото важи и за Индонезија и Холандија: од истиот вкупен БДП пред 40 години до четири пати поголем БДП денес. Значи, тоа е една важните промени во релативната економска моќ на Азија и Европа.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Harm Bengen

Извор: https://branko2f7.substack.com/

ОкоБоли главаВицФото