1024 hPa
93 %
-2 °C
Скопје - Пет, 16.01.2026 06:59

Во еден стар виц се сретнуваат две гатачки и по неколку минути тишина, едната ѝ вели на другата: „Гледам дека ќе бидеш добро. Но што ќе биде со мене?“
Се сетив на вицот кога на едно неодамнешно предавање во Виена, некој од публиката ме праша како може денешниот либерално настроен Европеец да биде оптимистичен во поглед на иднината на Европа.
Прашањето има смисла. Притиснати од економскиот пад и парализирани од стравот од миграциите, со победата на Трамп и војните во Украина и на Блискиот Исток, Европејците некако личат на главниот лик од филмот на Хал Ешби „Добредојдовте, господине Ченс“.
Во улогата што сјајно ја одигра Питер Селерс, Ченс го минува својот живот заштитен од надворешниот свет: се грижи за градината на богаташката вила и гледа телевизија.
Кога најпосле излегува на улица, неговата прва средба со вистинскиот свет е насилник кој го напаѓа со нож. Единственото што главниот лик знае да го направи во таква ситуација е да го извади далечинскиот управувач од џебот и да се обиде да го промени каналот. Ченс ќе преживее. Иднината на ЕУ, сепак, не е толку сигурна.
Последниве неколку години Европа беше зафатена со обиди да го одбрани статус кво-то, коe всушност одамна заврши, зборувајќи јазик кој повеќе не е разбирлив. Потроши енергија и пари обидувајќи се да го обнови светот што никогаш нема да се врати.
.jpg)
Сега, европските демократии се на раб на нервен слом. Истовремено им се заканува гневот на гласачите и паниката на елитите. Гласачите сонуваат за казнување на елитите, додека естаблишментот посакува да го смири гласачкото тело.
Недамнешната одлука на Уставниот суд на Романија да го поништи резултатот од првиот круг на претседателските избори поради наводно странско мешање – иако најверојатно и затоа што резултатите не им се допаднале на владејачките партии – сугерира дека паниката на елитите може да стане поопасна од гневот на гласачите. Во меѓувреме, владите кои се соочуваат со надворешни закани се обидуваат да го мобилизираат националното единство, но се чини дека не им успева.
Единствениот начин на кој либерално настроените Европејци можат да го надминат својот песимизам е да се обидат да разберат како и зошто ги изневерил претераниот оптимизам по завршувањето на Студената војна. Духот на распадот ќе ги прогонува сè додека не сфатат колку бил погрешен триумфализмот за „крајот на историјата“.
Од трезвена ретроспектива, 1989-та година повеќе не изгледа како пресудна битка на либерализмот. Всушност, тоа беше и година на големи ветувања за радикалниот ислам. Тогаш исламскиот бунт (во Авганистан) за првпат порази една суперсила (СССР). Се покажа дека повлекувањето на советските трупи од Авганистан беше трансформативно – не само за исламистите, туку и за обичните Руси.
Кога во 2019-та година независниот центар Левада ги праша Русите што значи за нив 1989-та година, повеќето граѓани укажаа на понижувањето од советското повлекување, а не на, на пример, на првите слободни избори во Полска по повеќе од 40 години или падот на Берлинскиот ѕид. Спомените на Русите за 1989-та година не ги обликуваше крајот на комунизмот, туку тоа што Москва го изгуби статусот на суперсила.
.jpg)
Од денешна перспектива, отпорот на комунистичкиот режим во Кина е попродуктивен историски маркер од неуспехот на комунизмот во Европа. Повторно, подемот на таканаречените средни сили како Индија, Турција и Бразил е поважна сила за обликување на новиот геополитички пејзаж отколку конкуренцијата помеѓу САД и Кина.
Исто така, технологијата и демографијата – нашиот однос со вештачката интелигенција и стравот од намалувањето и стареењето на населението – ќе бидат одлучувачки фактори за обликување на националните политики, наместо идеолошка борба помеѓу демократијата и автократијата.
Можеби ќе се покаже дека најважната работа што се случила во 1989-та година било заминувањето на 17-годишниот Илон Маск од неговата родна Јужна Африка. Неговото искуство како млад бел човек во последните години на апартхејдот јасно влијаело на неговиот тековен политички став. Масковото евоцирање на насилството во секојдневниот живот во Јужна Африка во осумдесеттите години има рефлексија во дистописката визија на Трамп за современа Америка. Што ни преостанува освен да одиме на Марс?
Танцувањето на мелодијата која постојано се менува може да биде исцрпувачко за либерално настроените Европејци, но може да биде и ослободувачко. Кога некогаш луѓето ќе се сетат на 2024-та година, сосема е можно ни победата на Трамп ни подемот на авторитаризмот ширум светот да не изгледаат толку пресудно како што изгледаат денес. Лекцијата што треба да ја научат Европејците е дека историјата не е во брак со никого – таа е независна и често ги менува љубовниците. Затоа, нема потреба од паника.
.jpg)
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Agim Sulaj
Извор: https://www.ft.com/