1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 19:59
Изложбата на Искра Трајчева се отвора вечерва во „Јадро“ во 20 часот.
кон изложбата на Искра Трајчева, „Зелениот телефон и лажната црвена лисица“; центар „Јадро“, 25-29 декември 2024
Поетот треба да остави траги за своето поминување, а не докази. Само трагите наведуваат на мечтаење. – Рене Шар
Фотографијата е трага. Но, трага на што? На минатото, на мигот? Дали фотографијата е своевидно враќање на објектот, субјектот, чинот на снимањето, времето, животот, смртта? Франсоа Сулаж во својата книга „Естетика на фотографијата“ вели дека фотографијата не ги враќа работите. Таа е отпечаток на нивната таинственост и на загубата. Во најдобар случај таа ги преобликува и преобразува забележаните работи.
Во таа смисла можеме да зборуваме за фотографијата како за естетика на она што останува по загубата. Ми се чини дека естетиката на Искра Трајчева гравитира токму кон таквото разбирање на фотографијата. Самата уметница вели: „Во потрагата по некаква поавтентична индивидуалност фотографијата ми е единствениот медиум за себеизразување. Започнав личен проект, поттикнат од Јунговата активна имагинација, за да сфатам: Која сум? Која е мојата улога? Каде припаѓам? Преку фотографијата испливаа многу состојби, емоции, еден цел неоткриен и жив свет што бара да биде интегриран“.
Артикулирајќи го сопствениот отпор спрема „конвенционалниот, конформистички начин на живот“, Искра Трајчева ја користи фотографијата естетски и етички, рефлексивно и авторефлексивно, но и како исцелувачка техника, своевидна самотерапија. Заглавена меѓу „конечноста и трансцендентноста“, како што вели самата, таа се пронаоѓа токму во медиумот на конечноста и трансцендентноста (Ролан Барт ја поврзува фотографијата со смртта, со неприсуството, со нешто што било). Трајчева вели: „Колажите се појавија случајно. Спојувањето на фотографиите ми беше интересно и забавно, а крајниот резултат секогаш ме изненадуваше. Ми покажуваше делови од мене за кои не бев свесна. Самиот процес на креирање одеше паралелно со внатрешниот процес на трансформација“.
За подобро да ги разбереме поетичните фотоколажи на Трајчева треба да бидеме свесни за клучните прашања на самиот медиум, поставени и од Сулаж: што се фотографира при чинот на фотографирањето? Објектот наменет за фотографирање? Но, каков е неговиот статус? Дали преку сликата ја запознаваме неговата суштина? Или токму невозможноста да го дофатиме го поттикнува фотографскиот чин? Дали објектот наменет за фотографирање е недостигот кој создава желба што не може да се исполни, создава недофатлива цел која го создава движењето, а никогаш не може да се досегне? Според Кант, „трансценденталниот облик останува еднакво непознат и за внатрешната и за надворешната интуиција“. Дали тоа значи дека објектот наменет за фотографирање има иста природа со трансценденталниот објект?!
На изложбата во „Јадро“ Трајчева изложува педесетина фотографии и фотоколажи, главно направени последнава година. Нејзините дела, нежно артифициелни, прецизно режирани, затворени во „вештачките раеви“ на рамките и ентериерите (меѓу лагата и стварноста, фантазијата и вистината), ја доловуваат не толку „сликата на светот“ туку сликата на самата режисерка/фотографка (психолошка, метафоричка, внатрешна и надворешна слика: Трајчева често е субјект – најчесто без лице – на сопствените фотографии). Нејзината цел не е да ги лови светот, просторот, мигот, минатото... туку да ја изложи својата внатрешна природа.
Мизансцените (по правило ентериери; магловити екстериери тук-таму гледаме само низ заматени прозорци) се едноставни, аскетски, иако сликите се двосмислени и отворени за значења и вчитувања оти содржат симболика, хумор, надреални елементи, напнатост, болка, закана... Ликовите се повторуваат (две деца и многу автопортрети на девојка со прекриено лице), костимите се поетични и безвременски, боите најчесто бледи и пригушени... Реквизитите, фотообјектите, исто така се повторуваат: часовници, огледала, врати, прозорци, кваки, клучеви, стари маси и столици, фотографии (семејни?), исушено лисје и гранчиња, коса, чешел, јајца, скромна храна, чинии (често скршени), чаши, лажици, виљушки, чекани, клинци, кукли, играчки...
Фотографиите на Трајчева и технички се скромни, направени со обичен паметен телефон (дури не е ни зелен). Колажите од фотографии исто така занаетски не се беспрекорни оти тоа на авторката не ѝ е најважно (барем во оваа почетна фаза на нејзината уметничка кариера, се надевам); поважни ѝ се релациите меѓу фрагментот и делото, метафорите, интроспекцијата, говорот на споевите и тишината... Таа понекогаш во своите колажи, ми се чини, цитира други автор(к)и: Алекс Прагер, Лаура Макабреску, Вилијам Еглстон, Готфрид Хелвајн... Преку истражувањето на односите меѓу фрагментот и делото, сопствените и цитираните фетиши, светот во и вон себе (еден убав ден кога можеби ќе исчекори и од ехо-комората на „сопствената соба“), очекувам Искра Трајчева да ја проширува својата поетика, можеби и во сосема непредвидливи насоки.
Една бела кукла-скулптура на фотографиите на Трајчева претставува зајак. Тој зајак ме инспирираше приказнава да ја завршам со вметната апокрифна приказничка со Кероловата Алиса.
Таму некаде во светот зад огледалата Алиса го замолила Зајакот-часовничар да ја врати во реалниот свет. Зајакот се согласил, но поставил апсурден услов: Алиса никогаш да не помисли на црвената боја на опашот на лисицата. Задоволна што од неа се бара толку малку, Алиса ги прифатила условите на Зајакот. Но, што се случило? Алиса никако не можела од глава да го истера опашот на лисицата! И на јаве и на сон, црвениот опаш постојано ги прогонувал нејзините мисли! Како што растело незадоволството кај Алиса, така можноста да го заборави опашот била сè помала, а со тоа се смалувала и можноста таа да се врати во реалниот свет.
Фотографии: Искра Трајчева