1034 hPa
70 %

3 °C
Скопје - Пет, 07.02.2025 01:59
Новинарката Ханин Маџадла неодамна напиша остар текст за Haaretz во кој вели дека Амнести Израел „не е на вистинската страна на историјата“, бидејќи израелските операции во Газа не ги дефинира како геноцид. Според нејзиното мислење, израелскиот огранок на организацијата Амнести Интернешнел го сочинуваат „кукавици и конформисти“ кои се плашат дека гневот на јавноста би можел да се сврти против нив. Но, тоа не е чудно, бидејќи „како да се очекува храбро однесување од огранок во кој работат луѓе кои се или поранешни војници или имаат членови на семејствата кои се во војската?“
Маџадла изгледа нема пријатели или членови на семејството кои биле војници, па затоа има храброст со сигурност да изјави дека во Газа се случуваат не само страшни воени злосторства, како што предупредува и повторува Амнести Израел, туку и геноцид.
Од војната во поранешна Југославија во секојдневниот говор влегоа изрази како што се „етничко чистење“ или „геноцид“ кои привлекуваат посебно внимание во медиумите. И навистина, во поранешна Југославија се создадоа многу „етнички групи“, па така таму се случија и многу „мали геноциди“. Речиси истовремено, во Руанда се случи геноцид кој во некои аспекти потсетува на убивањето на Ерменците во Првата светска војна и масакрот на Евреите и Ромите во Втората светска војна. Хутите го убиваа секој Тутси кој ќе им паднеше в раце; речиси еден милион луѓе беа убиени во релативно краток временски период.
Меѓутоа, требаше да се чека војната во Газа за терминот геноцид да стане популарен и распространет во светот, што претходно не беше случај во колонијалните војни од 20-тиот век. На пример, во алжирската војна во педесеттите години, Французите убија повеќе од половина милион Арапи и Бербери (палејќи цели села со население, а исто така јавно отсекувајќи глави на заробени членови на ФЛН). Не само што тоа никој не го нарекче геноцид, туку ниту денес историчарите не ја дефинираат оваа страшна и долготрајна војна како „геноцид“. Во Виетнамската војна во шеесеттите години американската војска уби близу еден милион Виетнамци, најмногу бунтовнички селани. Ниту тогаш, ниту сега истражувачите и луѓето од медиумите не го дефинираат овој конфликт како геноцид. Но во Газа, од друга страна, се случува „геноцид“.
Вистина е дека токму Израел ја започна неоправданата и извадена од контекст употреба на ваквите термини. Така 7-ми октомври не се случи само страшен масакар извршен од страна на исламските екстремисти во Израел, туку типичен „антиеврејски погром“. Израел, како и вообичаено, веднаш се доживеа себеси како оној што вечно го прогонуваат во историјата, а од друга страна Палестинците, одново беа претставени како нови нацисти.
Според логиката на Амнести Интернешнел изгледа дека Израел има намера да го уништи палестинскиот народ и тоа започна да го реализира во Газа. Треба да се потсетиме дека помеѓу градовите Ако и Рафах и Јафа и Ерихон денес живеат околу 7 милиони Израелци со еврејско потекло и околу 7 милиони Палестинци со арапско потекло. Несомнено е дека сонот на голем број ционистички лидери отсекогаш бил да се изврши пренос на што повеќе стари жители на земјата и тие да се отстранат од територијата на израелската држава. Накбата од 1948-та година беше само прва фаза од овој долг и неконтролиран историски процес. Меѓутоа, колку што знам, никогаш немало, па ниту денес не постои план за истребување.
Во Газа се води страшна и сурова опресивна војна. Речиси секој ден се случуваат страшни воени злосторства. Бројот на цивили, кои вклучуваат стари луѓе, жени и деца кои се убиени во оваа војна, е неоправдан и неподнослив. Оваа војна во која се вмешани одмаздата и општиот длабок презир кон Арапите и сè што е арапско, како и одбивањето да се постигне некакво почесно историско компромисно решение со нив, може да однесе уште повеќе жртви. На оние кои одбиваат да ги гледаат снимките на Ал Џезира кои доаѓаат од Газа и можат да се видат на Јутјуб каналот, им препорачувам да ги погледнат критичките филмови за Виетнам, како што се „Апокалипса сега“ и „Вод“, за да добијат некаква идеја за формите на непочитување на човечкиот живот и отсуството на хуманост во однос на израелската војска кон жителите на северниот појас на Газа.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.haaretz.co.il/