1008 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 06:59
Речиси секој ден ги слушам
луѓето што се качуваат и симнуваат
по моето тело што сега е многукатница.
Се враќаат, одат, којзнае каде,
моите сто очи ги ослепеа, сега се бели,
кружни прекинувачи за светло, за ѕвоно,
ме бодат со прстите во зениците,
имам милост, збунети се, одат лево-десно во мракот
(во кој сум видел сè, тука сум со векови)
кога тивко шепотат „Каде се палеше светилката?
Да не заѕвонам некому по грешка?“
Сакам да им кажам, никогаш не е грешка
кога некој што сака да си го осветли патот
ѕвони на нечија врата.