Западот се откажува од западните вредности

30.12.2024 01:34
Западот се откажува од западните вредности

Шаренолика група центристички ориентирани коментатори во Европа, на глобалниот југ, а по изборната победа на Доналд Трамп и во САД, верува дека Западот е во надолна линија. Се разбира, никогаш немало толку многу моќ концентрирана во рацете на толку мал број луѓе (на толку малку адреси) како што е случај со западот денес. Но можеби токму тоа значи дека моќта на Западот е осудена на пропаст?

Во Европа постојат добри причини за да се прифати приказната за падот. Како што Римското царство ја преместило својата престолнина во Константинопол, со цел да ја продолжи хегемонијата уште еден милениум, оставајќи го Рим на варварите, така тежиштето на Западот се помести кон САД, додека Велика Британија и Европа ѝ се препуштени на стагнацијата која ги прави инертни, заостанати и сè помалку важни.

Но постои и една подлабока причина за мрачното расположение: тоа е склоноста опаѓањето на посветеноста на Западот кон сопствениот систем на вредности (универзалните човекови права, различноста и отвореноста) да се меша со залезот на западниот дел од светот. Како змија која ја отфрла старата кожа, Западот се обидува да ја заштити својата моќ отфрлајќи го системот на вредности кој му овозможи доминација во 20-тиот век, но во 21-виот веќе не може да ѝ служи на таа цел.

Демократијата никогаш не била предуслов за подемот на капитализмот. Истото важи и за тоа што денес го нарекуваме западен систем на вредности. Моќта на Западот не е изградена на хуманистичките начела, туку на бруталната експлоатација дома, трговијата со робови и опиумот и бројните геноциди извршени во Америка, Африка и Австралија.

Во зенитот, западната моќ во прекуморските земји немала никакви ограничувања. Европа испраќала милиони доселеници во светот за да ги покори другите народи и да ги искористи нивните ресурси. Претворајќи се дека домородците на кои наидувале всушност не се човечки битија, тие можеле да ја прогласат нивната земја за terra nullius, територија слободна од доселеници, неопходна за европските доселеници – што е прв чин на секој геноцид, од Америка, Африка и Австралија до денешна Палестина.

Но, иако неприкосновена во прекуморските делови на светот, западната моќ се соочуваше со домашни предизвици од угнетените помали класи кои се бунеа заради економската криза и неспособноста на многумина да си обезбедат доволно добра произведени во фабрики кои им припаѓаа на неколкумина. Конфликтите се прелеаја во големи судири на западните сили кои се натпреваруваа за пазарите, што кулминираше со избувнување на двете светски војни.

Потоа западните елити беа принудени да направат одредени отстапки. Дома се согласија со јавно образование и здравствен и пензиски систем. На меѓународната сцена, бесот предизвикан од суровите војни и геноцидите доведе до деколонизација, универзални декларации за човекови права и меѓународни кривични судови.

Во неколкуте децении по Втората светска војна, Западот уживше во топлината и сјајот на дистрибутивната правда, мешаната економија, различноста, владеењето на правото во земјата и меѓународниот поредок заснован на правила. Економски, опстанокот на таквите вредности значително беше овозможен од централизираниот глобален монетарен систем кој го создадоа САД во Бретон Вудс, а кој на Америка ѝ овозможи да ги рециклира вишоците испраќајќи ги во Европа и Јапонија и така ги доларизираше сојузничките земји за да го поттикне својот нето извоз.

А потоа, во 1971-та година Америка стана земја на дефицит. Наместо да го стегне ременот како Германија, САД го демонтрираа Бретон Вудс и го зголемија својот трговски дефицит. Германија, Јапонија, а подоцна и Кина, станаа нето извозници во размената со Америка, а постигнатите доларски профити беа насочени кон Волстрит за инвестиции и купување на американскиот државен долг, недвижности и акции во кои смееја да инвестираат странци.

Потоа американската владејачка класа доживеа момент на епифанија: Зошто да произведуваме работи дома, ако можеме да се потпреме на тоа дека странските капиталисти ќе ги испраќаат своите производи и долари во САД? Така ја изнесоа целокупната производствена дејност во странство и започна процесот на деиндустријализација на центрите на американското производство.

Волстрит се наоѓаше во центарот на овој одважен и нов механизам за рециклирање. За успешно да ја одигра својата улога, мораше да биде ослободен од сите контроли. За да се спроведе масовна дерегулација беше потребна економска и политичка филозофија која ќе го поддржи сето тоа. Побарувачката создаде соодветна понуда и така настана неолиберализмот. Наскоро светот беше преплавен со финансиски деривати кои јаваа на цунамито на странскиот капитал во њујоршките банки. Кога бранот спласна во 2008-та, Западот се сруши заедно со него.

Тогаш, исплашените западни лидери одобрија емисија од 35 трилиони долари за опоравување на финансиските структури и истовремено му наметнаа мерки за штедење на населението. Единствениот дел од трилионите кој навистина беше инвестиран во машини, беше потрошен за капиталот во облак со кој големите техно компании стекнаа целосна моќ над срцата и умовите на западното население.

Комбинацијата на социјализам за финансиските структури, распаѓањето на животните шанси на луѓето од долната половина на приходната дистрибуција и предавањето на нашите умови на капиталот во облак во сопственост на големите техно компании го создаде Храбриот нов запад, чија доминантна елита нема никаква корист од системот на вредности од минатиот век. Слободната трговија, антитрустовските правила, нулта емисиите, демократијата, отвореноста за миграцијата, различноста, човековите права и Меѓународниот суд на правдата се третирани со истиот презир со кој САД се однесуваа кон компрадорските диктатори откако ќе им истечеше рокот на употреба.

Европа е немоќна поради неспособноста да ја федерализира политичката моќ откако ги федерализираше своите пари, додека светот во развој никогаш не бил позадолжен. Единствено Кина има доволно сила да му се спротивстави на Западот. Иронијата е во тоа што Кина не сака да биде хегемон. Сè што сака Кина е да ја продава својата стока без ограничувања.

Но Западот е убеден дека Кина му е смртен непријател. Како Едипов татко, кој умира од раката на својот син зашто верувал во пророштвото дека ќе го убие токму сопствениот син, така и Западот постојано се обидува да ја принуди Кина да се одважи и да ѝ упати сериозен предизвик на западната моќ, на пример претворајќи го БРИКС во нешто слично на Бретон Вудс, овој пат со јуанот во улога на долар.

Западот продолжи да зајакнува во 2024-та година. Но, со пропаѓањето на западниот систем на вредности, ја засили својата решеност да придонесе за сопствениот пад.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Jean Gouders

Извор: https://www.project-syndicate.org/