Рекламократура

30.12.2024 15:48
Рекламократура

Пред неколку дена прочитав во Forbes дека сега имало најмногу милијардери - 2,781, а две третини од нив станале побогати од лани. Најбогатите 20 се збогатиле за 700 милијарди долари годинава. Немаше ни збор за сиромашните.

Ако ја погледате листата на Форбс „Милијардери во реално време“, ќе забележите дека мнозинството се луѓе кои поседуваат комуникациски технологии и мрежи или на некој начин го стекнале своето богатство благодарение на комуникации и интернет.

Убедливо најбогатиот човек на светот ем поседува социјална мрежа, ем продава сателитски интернет во повеќе од 100 земји во светот.

Вториот најбогат човек е сопственик на технолошка компанија која се занимава не само со е-трговија, туку и други комуникациски услуги.

Трет најбогат е сопственик на софтверски гигант, а четврт е сопственик на социјална мрежа со најмногу корисници во светот.

На шесто и седмо место се милијардери поврзани со главниот интернет пребарувач, а до 20 место има уште неколку милијардери поврзани со оперативни системи и други (теле)комуникациски технологии.

Очигледно, живееме во време кога мнозинството Земјани поминуваат значителен дел од животот на интернет и социјалните мрежи, остварувајќи секојдневно стотици, ако не и илјадници комуникации и интеракции.

Сопствениците на социјалните медиуми денес профитираат од нивните корисници, слично како што профитираа од рекламирање на производи или услуги сопствениците на традиционалните медиуми (весници, магазини, телевизии, радија...). Со таа разлика што претходно корисниците на медиуми ем плаќаа за да имаат пристап до медиумот, ем беа експлоатирани како „таргет публика“ за рекламирање. Во современата форма на рекламократија (може да ја наречеме и рекламократура), ние корисниците главно плаќаме пристап до интернет, но пристапот до социјалните мрежи ни е „бесплатен“.

А воопшто не е „бесплатен“. Ем трошиме време, ем не експлоатираат правејќи профит од рекламирачите кои ја користат платформата за да не таргетираат нас – како потрошувачи.

Така што, илузија е дека времето поминато на социјални мрежи е наше „слободно време“ и дека е бесплатно.

Тоа е време кога си го трошиме најдрагоценото - слободното време, за да бидеме експлоатирани како потрошувачи.


 

ОкоБоли главаВицФото