1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 18:59
До 7. октомври 2024. израелските напади во Газа убиле повеќе од 42.000 Палестинци. Приближно 60% се жени и деца, а 32% се исклучиво деца. Повредени се повеќе од 97.000. Реалните бројки се поголеми и ќе бидат утврдени дури по откопувањето на телата затрупани под урнатините. Уште до јануари 2024. уништени или оштетени беа 62% од сите домови во Газа, повеќе од 70% од деловната, индустриската и услужната инфраструктура и 84% од зградите наменети за здравство. До јули се раселени 1,9 милиони граѓани или околу 90% од населението на Газа. Многу од нив бегале повеќе од еднаш, некои и десетина пати. На северот на Газа уште изминатата зима во четири петини од домаќинствата возрасните не јаделе со денови за нивните деца да можат да јадат. Набрзо луѓето почнале да јадат диви растенија и животни. До мај редовно не јаделе повеќе од 90% од бремените жени и деца помали од две години. Поради потхранетост, 90% од децата помлади од пет години страдаат од заразни болести, а 70% од дијареја. Многумина се соочуваат со ризик од откажување на бубрезите. „Би сакала да не останав бремена. Стравувам за бебето и се чувствувам виновна", вели една Палестинка.
Ова се дел од податоците од неодамна објавениот обемен извештај на Амнести Интернешнл (AI) со наслов „Се чувствуваш како подчовек: Израелскиот геноцид против Палестинците во Газа". Меѓународната организација на 300 страници го анализирала дејствувањето на израелското раководство и војска. Станува збор за енциклопедија на пеколот: се разгледуваат воздушни и артилериски напади, бомби со голема разорна моќ кои уништуваат цели густо населени квартови и убиваат цели семејства, и уништување на земјоделски земјишта клучни за преживување. Агенциите на ООН и стручњаците истакнуваат дека се работи за интензитет на уништување каков што не се видел во 21. век. Наредбите за „евакуирање" на населението во „безбедни хуманитарни зони" во пракса не значеле речиси ништо: произволно менувани секој ден, ги туркале луѓето во сè помали и помали енклави. До август „евакуирани" биле 84% од територијата на Газа. „Ова наликува на апокалипса. Нема чиста вода, нема тоалети, бомбардирањата не престануваат. Се чувствуваш како подчовек", раскажал еден Палестинец.
Детално се анализирани петнаесет поединечни воздушни удари во кои биле убиени исклучиво цивили, вкупно 334, од кои 141 дете; интервјуирани се повеќе од 200 сведоци. AI ги анализирала овие злосторства и целокупните израелски акции – исклучување на снабдувањето со енергија, спречување испораки на храна, хуманитарна помош и гориво – во контекст на меѓународните правни прописи. Геноцидот е најдиректно дефиниран според вториот член на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторства на геноцид. Тој злостор „означува било кое од следниве дејства, извршени со намера да се уништи – делумно или целосно – национална, етничка, расна или религиозна група како таква: а) убивање на членови на групата, б) причинување тешки телесни повреди или душевни болки на членови на групата, в) намерно изложување на групата на животни услови со цел нејзино целосно или делумно физичко уништување, г) наметнување мерки со цел да се спречат раѓањата во групата и д) присилно преместување деца од групата во друга група."
AI се фокусирала на првите три одредби. Посебна внимание е посветена на прашањето дали Израел постапувал со изрична „намера да ја уништи, целосно или делумно, групата како таква". За постоење геноцид не е доволно само убивањето членови на одредена група поради припадноста на таа група: потребна е специфична намера – dolus specialis – како есенцијален елемент на геноцидот, кој го разликува од другите злосторства.
AI разгледала 102 изјави на израелските лидери – 22 од нив „повикуваат на геноцидни дејства или ги оправдуваат". Преостанатите или повикуваат на други злосторства против Палестинците, како проширување на населбите, присилно преселување и неселективни напади, или користат расистички, дехуманизирачки јазик. Меѓу првите е поттикнувањето на израелскиот претседател Исак Херцог дека за нападот на Хамас „е одговорен целиот народ" и дека „нема невклучени цивили", како и отвореното писмо на Бенјамин Нетанјаху во кое зборува за „воен конфликт помеѓу децата на светлината и децата на темнината" и ја споменува библиската референца на Амалечаните – племе кое старите Израелци, по наредба, морале целосно да го уништат, вклучувајќи ги и децата. Ги имаме и морбидните изјави на тогашниот министер за одбрана Јоав Галант за „човечки животни", на министерот за безбедност Итамар Бен-Гвир за тоа дека треба да се ликвидираат сите кои го поддржуваат Хамас, министерот за финансии Бецалел Смотрич дека во Газа „постојат два милиони нацисти", министерот за енергетика Израел Кац, од чии изјави произлегува дека целта на забраната на снабдувањето со струја и вода е уништување на Палестинците, бригадниот генерал Јогев Бар Шешет дека „тие немаат иднина" и други. Тука е и познатиот пејач Коби Перец, кој често настапува за војниците, повикувајќи на запалување на Газа.
Анализирани се и 62 видео и аудио снимки, како и фотографии: на една снимка група израелски војници танцуваат и пеат „Доаѓам да ја освоам Газа... да го избришам споменот на Амалек. Го знаеме нашето мото - нема невклучени цивили". На многу од нив се слават уништувањата на на домови, религиозни и културни објекти и се пишуваат графити „Накба 2023". До минатата пролет биле уништени или оштетени 17 универзитети, сто џамии и 21 гробиште, вкупно 63% од културното наследство на Газа, „вклучувајќи го тука и израелското преземање контрола над нив, која очигледно воено не била потребна (...) Се чини дека уништувањето на палестинската култура и историја се смета за смисла и цел на дејствувањето", заклучува извештајот.
Се побиваат контрааргументите дека израелските акции се „поради немарност", или дека намерата не била уништување на Палестинците, туку на Хамас, и дека Израел не се грижел дали ќе уништи и Палестинци во тој процес. Голем број израелски дејства биле извршени смислено и со намера. Втората теза всушност значи дека уништувањето на Палестинците е неопходно за уништување на Хамас: „инструменталната намера – уништување на Палестинците за да се уништи Хамас – сè уште е геноцидна". А негрижата за палестинските животи како неважни сама по себе е доказ за геноцидната намера – „погледот спрема нападнатите како подлуѓе е доследна карактеристика на геноцидот". Постоењето воени цели или самиот вооружен конфликт не ј исклучува намерата за геноцид.
Набљудувајќи ги израелските акции во целина, кои населението на Газа го водат кон постепена смрт, AI заклучува дека уништувањето на Палестинците е израелска цел или средство за постигнување воена цел, чија геноцидна намера е составен дел. Поради тоа, не станува збор само за злосторства против човештвото, кои вклучуваат систематски напади на цивили кои во пракса често не се разликуваат од геноцид. Од историски причини многумина се двоумат да утврдат постоење на израелска геноцидна намера: тој отпор го спречува остварувањето правда и одговорност – „клучно е да се препознае геноцидот кога се случува и да се инсистира дека војната никогаш не може да биде изговор", напоменува AI. Со ова истражување е опфатен само периодот до минатиот јули, откако Израел уште повеќе ги прошири нападите. Пред неколку дена свој извештај објави и Human Rights Watch, заклучувајќи дека Израел „чини геноцидни дела" само поради фактот што Газа намерно ја лишува од вода за пиење. Спомнатите извештаи се толку мачни што нивното читање наведува на повраќање. Не можеме да кажеме „не знаевме".
Карикатури: Carlos Latuff
Извор за текстот: Portal Novosti
Превод: Н. Г.