1020 hPa
81 %
4 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 17:59
Жителите на Лондон кон крајот на 19-тиот век можеле да очекуваат и до дванаесет писма дневно. Писмата често се разменувале со брзина која ја поврзуваме само со појавата на електронската пошта. Архивите денес се полни со рачно напишани пораки кои детално ги опишуваат раните утрински договори за вечера, проследени со бурни расправии во текот на денот, за на крај да дојде до помирување и потврда на планот дека состанокот сепак ќе се одржи – и сето тоа пред зајдисонце.
Навикнати сме да ја замислуваме преддигиталната доба како слична на нашата, само без сето она што ни го одвлекува вниманието онлајн, но не било баш така. Дамките од мастило и чкрабаниците на маргините ни кажуваат дека пишувачите од минатото дневно пишувале многу писма. Додека нивните поштенски сандачиња се полнеле од час во час, разбирливо е што и дамите и господата без особени обврски се чувствувале многу зафатени.
Недостатокот на внимание се смета за основна когнитивна криза на дигиталната ера, па нашата загриженост за помладите генерации е оправдана. Го основав Центарот за проучување на вниманието за да се посветам токму на ова истражување.
Во списанието The Atlantic неодамна беше објавена статија на оваа тема, со наслов „Елитните студенти не читаат книги“ од авторката Роуз Хорович. Таа пишува дека денешните универзитетски „студенти имаат проблеми да се фокусираат дури и на сонет“ и наведува дека многу средни и основни училишта во САД се откажале од книжевните текстови во корист на кратките извадоци, за да овозможат подобро учење и тестирање на знаењето и вештините кои се директно релевантни за работното место.
Но, се прашувам што сè би можеле да научиме кога нашите сегашни грижи би ги ставиле во поширок историски контекст. Дали на оние што жалат поради нашите сè послаби способности внимателно да слушаме класичен музички концерт би им помогнало ако знаат дека симфонијата од 18-тиот век не била наменета за публика која седи мирно и слуша внимателно? Или дека на средновековните монаси не им биле потребни паметни телефони за да веруваат дека нивната препишувачка работа ја загрозува демонот на попречувањето, Титивилус?
Критиките за општиот пад на вниманието се мошне конзистентен дел од наративот на модерноста. Уште на почетокот на 20-тиот век писателот и критичар Езра Паунд го идентификувше преминот од поезија кон проза како резултат на попречената читачка публика, неспособна да се посвети на јазичната густина на стиховите: „Уметноста на популарниот успех лежи едноставно во тоа на ниту една страница да не се става повеќе отколку што може да впие најобичниот читател со своето вообичаено брзо, полувнимателно прелистување“.
Писателот Џонатан Бејт неодамна зборуваше во програмата Today на Би Би Си за сегашните образовни системи кои создаваат студенти кои не се способни да им се посветат на долгите романи. Затоа, според него, вештината на концентрацијата и критичкото размислување се во опаѓање. Покрај тоа, фокусот на читање долги романи е добар за нашето ментално здравје. Бејт жали за деновите кога можел од група студенти да побара да прочитаат три романи на Чарлс Дикенс за една недела. Сепак, Бејтовата омилена тројка – Големи очекувања (околу 187.000 зборови), Дејвид Коперфилд (околу 358.000) и Мрачна куќа (околу 356.000) – на просечниот читател би му одземала околу 50 часа. Дури и неуморното читање со прескокнување би оставило малку време за критичка рефлексија и речиси сигурно не би било смирувачко за менталното здравје.
Споменатата писателка Роуз Хорович дополнително ја комплицира оваа тема сметајќи дека можеби не е толку во падот на читањето долги текстови, колку во промената на содржината што се консумира и на кој начин: „Неколку професори ми рекоа дека нивните студенти го доживуваат читањето книги како слушање плочи – нешто во што сè уште ужива една мала супкултура, но во голема мера е реликт од претходните времиња.“ Сепак, истовремено забележавме значителен пораст на публиката на аудио-книги. Нејзиниот текст сугерира дека можеби не сме сведоци на толкаво губење на вештината за читање долги романи, колку на промена на системот на вредности: „Студентите сè уште можат да читаат книги… само избираат да не го прават тоа.“ Дали е можно роман од 19-тиот век, кој го сакаат многу припадници на генерацијата бејби-бумери и генерацијата Xкс, за некои од помладите генерации да стане исто толку напорен како што би бил и романот од 18-тиот век за многу студенти по книжевност во деведесеттите? Можеби она што го идентификувавме како криза на вниманието делумно е само промена на приоритетите.
Ништо од ова не сугерира дека можеме да се опуштиме. Никако: неопходно е да разбереме кои се придобивките и загубите на нашите променливи фокуси и кој најмногу добива и губи во оваа нова распределба на вниманието. Ако нашите книжевни образовни системи ставаат поголем акцент на вештината за обработка на информациите, дали тоа е на штета на развојот на човечката емпатија или разбирањето на идентитетите различни од нашите преку ангажирање со имагинарни, фиктивни светови?
Уште пофундаментално, време е да размислиме кон какво внимание се стремиме и зошто. Она што психолозите понекогаш го нарекуваат унифокално внимание (она што би го сметале за фокусирано внимание наспроти дифузното внимание) е само еден тип на внимание и не е секогаш најкорисно – како што покажаа Крис Чабрис и Ден Сајмонс во нивниот експеримент од 1999-тата година познат како „Експеримент на невидливото горило“. Кога ги замолиле да ја следат статистиката на подавање топки во кошаркарската игра, испитаниците не ја забележале личноста во костум на горило како танцува по средината на теренот. Интензивно насочениот фокус кон едно нешто може да нè заслепи за важните, но неочекувани настани. Подифузниот фокус може да вежба различни когнитивни мускули и да биде корисен.
Дали е можно да постојат типови на внимание што ги развиваат помладите генерации, а кои постарите меѓу нас ги вреднуваат малку, но кои носат нов вид корист? Што е со брзата, скратена писмена размена на инстант пораки? Уметноста на духовитите изрази сумирани во 140 или 280 карактери? Или со физичките и менталните движења во видео игрите, кои ги тренираат вештините и рефлексите, или со социјално распространетите колективни форми на внимание кои се можни само во онлајн размената?
Можеме и треба да ги поставуваме овие прашања, додека јасно признаваме дека постојат многу реални проблеми со нашето современо управување со вниманието. Можеби историјата може да ни покаже како да бидеме пофлексибилни во начините на кои ги претставуваме и консумираме долгите културни форми. А во контекстот кој беше незамислив пред само неколку децении, можеби можеме да го идентификуваме и потенцијалот за нови видови внимание кои би можеле да бидат корисни за општеството и индивидуалецот.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Barbara Wildenboer
Извор: https://www.theguardian.com/