Зошто сè повеќе луѓе купуваат персонализирани парфеми?

03.01.2025 15:31
Зошто сè повеќе луѓе купуваат индивидуални парфеми?

Индустријата за парфеми поминува низ трансформација благодарение на иновациите како вештачката интелигенција. Купувачите сега можат да уживаат во персонализирани мириси, создадени според нивните желби и емоции.

На парфеми се трошат повеќе пари од кога било и тие се многу популарни како подароци. Притоа, трендот е: мали марки и индивидуални мириси кои делумно настануваат благодарение на вештачката интелигенција.

„Вештачката интелигенција внесува свежина во индустријата за парфеми“, вели Луиза Гебел од фирмата „The Scentist“ од Келн. Нивниот тим користи вештачка интелигенција за побрзо го анализираат вкусот на купувачите и да креираат уникатни композиции на мириси: тврдат дека врз основа на интерактивен тест на личноста, технологијата ги интерпретира желбите и потребите на корисниците.

На пример, корисникот внесува детали за својата идеална дестинација за одмор: сончена плажа, модерна метропола или сафари во пустина. Или: дали повеќе сака опуштена вечер дома или посета на опера.

„Ја поврзуваме традиционалната вештина со современата наука за да создадеме мириси кои не само што ги импресионираат сетилата, туку и предизвикуваат емоционална реакција“, вели Гебел и додава: „Добриот мирис раскажува приказна – а приказната треба да биде лична. Не се работи само за тоа како се усогласуваат елементите на композицијата на мирисот, туку и за тоа кои емоции ги предизвикува мирисот кај личноста која го користи, а можеби и кај околината“.

Мирисот како визит карта

Во моментов, индивидуалноста е клучниот тренд. „Мирисот е едно од најинтимните и најмоќните средства за изразување на личноста. Индивидуално креираниот парфем претставува лична визит карта“, вели Гебел.

Со тоа се согласува и Елмар Келдени, директор на Федералното здружение на германски парфимерии: „Интересен е трендот кон индивидуалните мириси. Мирисите стануваат мошне индивидуални, како уникатна облека направена по мерка“.

Овие мириси, кои се и поскапи од мирисите на етаблираните брендови зашто се произведуваат во помали количини, се бараат сè повеќе. Нивниот пазарен удел сè уште е мал, но тоа е сегмент кој расте најбрзо.

Според Марк Вом Енде, шеф на школата на парфимеријата Symrise, вештачката интелигенција игра голема улога во таквите креации. Алгоритмите полесно ги препознаваат обрасците на мирисите и на парфимериите им предлагаат нови супстанци и креации на мириси. Ова ја проширува палетата со која можат да работат стручњаците.

Луксузот на малите нешта

Според здружението на германските парфимери, додека порано во фокусот беа големите брендови и големите имиња, денес луѓето бараат лични и одржливи опции. На парфеми и мириси во Германија во 2023-тата година се потрошени околу две милијарди евра, што е зголемување од речиси 6 проценти. Дури и покрај кризите и инфлацијата.

Елмар Келдени има едноставно објаснување за тоа: „Ако на луѓето не им оди баш добро економски, ако автомобилот или куќата повеќе не се достапни, тие дефинитивно сакаат да изгледаат добро, односно да мирисаат добро, па така цвета луксузот на малите нешта“.

Токму тој луксуз сега ги интересира новите групи купувачи, порачаа од здружението: тие се мажи, помалку имотни и помлади.

„Социјалните медиуми сега играат голема улога, а многу купувачи стануваат свесни за понудата на индустријата и темата за мирисите преку социјалните медиуми. Ова е одлично за нас, бидејќи ни овозможува да дојдеме до нови групи на кои имаат афинитет кон мирисите“, вели Келдени.

А според Келдени, постои уште еден позитивен спореден ефект: „Тој што ги сака мирисите, ќе посака и да работи во парфимерии. Сè повеќе млади луѓе сега се одлучуваат за стручно образование во областа на парфимеријата“.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Mi Zhou

Извор: https://www.dw.com/

ОкоБоли главаВицФото