1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 19:59
Од рубриката „Боли глава“ издвоивме петнаесет највпечатливи изјави од 2024 година. Најгоре се петте главолом шампиони, по нив следуваат десетте аспирини.
ГЛАВОЛОМ ШАМПИОНИТЕ
‘Вистината за Македонија’?
Се сеќавате на оној проект ‘Вистината за Македонија’? Многу скоро ќе ја видите невистината на тие што правеле околу прислушкувањето и ќе се срамите и ќе излезете да се извините, затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушкувале луѓе кои водат опозициски партии.
Христијан Мицкоски, обраќање во Собрание, 01.12.24.
Секој оној што се одлучил да влезе во брачна заедница...
Секој оној што се одлучил да влезе во брачна заедница, секој оној што се одлучил да прави семејство што е составено од татко маж и мајка жена, со различни полови, треба да направи патриотски чин, а тоа е да има многудетно семејство.
Христијан Мицкоски, обраќање по повод Меѓународниот ден на студентите, 18.11.24.
Да се стопира градењето, тоа е како да ги затвориш породилиштата
Урбанизмот е жива материја. Да се стопира градењето, тоа е како да ги затвориш породилиштата.
Стевче Јакимовски, Канал 5, 15.08.24.
Немаме друг избор освен да го окупираме Брисел
На Западот започнуваат војни, уриваат светови, прекројуваат граници и пасат како скакулци. Ние Унгарците живееме поинаку и сакаме да живееме поинаку. (...) Ако сакаме да ги зачуваме слободата и суверенитетот на Унгарија, немаме друг избор освен да го окупираме Брисел.
Виктор Орбан, унгарски премиер, во говор; Дојче веле, 16.03.24.
Цивилните места тогаш можат да го изгубат својот заштитен статус
Се разбира, самоодбрана не значи само напад врз терористите, туку и нивно уништување. Затоа кажав толку јасно: ако терористите на Хамас се кријат зад луѓето, зад училиштата, тогаш ние доаѓаме до многу тешка област. Но, ние не бегаме од тоа. Затоа јасно им предочив на Обединетите нации: цивилните места тогаш можат да го изгубат својот заштитен статус; оти терористите тоа го злоупотребуваат. Германија стои зад тоа; за нас тоа значи сигурност за Израел.
Аналена Бербок, „зелена“ министерка за надворешни работи на Германија; говор во германскиот Бундестаг, 10.10.24.
ГЛАВОЛОМ АСПИРИНИТЕ
Македонецот е секогаш над ситуацијата и знае сѐ
Во Македонија, денес, се ламентира дека ова што се случува во Србија е веќе видено кај нас. Па, ние сево ова го знаеме, бадијала се мачат Србите, и онака сѐ е однапред пропаднато. Македонецот е секогаш над ситуацијата и знае сѐ.
Во Македонија 13 мажи силувале 14-годишно девојче и најголемата казна што е изречена е пет и пол години затвор. Дополнително, адвокатот на силувачите, на денот на пресудата сподели со јавноста дека девојчето не било баш морално. Замислете, 14-годишно девојче, силувано со месеци, на крај го добива ова од сопствената земја.
Ирена Цветковиќ, Призма, 24.12.24.
Што вели министерката за образование
Што им кажува министерката за образование на сите геј момчиња и девојчиња, на сите родово различни деца коишто, истражувањата посочуваат, страдаат значително повеќе од депресија, имаат суицидални помисли многу почесто од нивните врсници, предмет се на постојан булинг, навреди и говор на омраза? Што им кажува и на девојчињата заробени во традиционалните опресивни општествени улоги, со влошено ментално здравје?
Јасно е, ова им го вели: убијте се, трпете го насилството кое ние никогаш нема да го регистрираме зашто не ве гледаме како еднакви, како луѓе. А вие насилниците, само продолжете така, зашто и институциите се насилници - и ве поддржуваме.
Ете тоа го вели министерката за образование следејќи ги инструкциите на Гоџо, другарката, поддржувачка и сопартијка на убиецот на малата Вања. Ете кој ни ги штити децата!
Славчо Димитров, Фејсбук, 01.11.24.
Губиме три милијарди евра
Доколку навистина ветропаркот остварува годишна добивка од 100 милиони евра, за 30 години (колку што типично изнесува работниот век на ветерните централи) нашата изгубена добивка изнесува неверојатни 3 милијарди денешни евра! Во идни евра, прилагодени со инфлацијата - двојно повеќе.
Значи, губиме 3 милијарди евра добивка, а заштедуваме само каматни трошоци, коишто при каматна стапка од 4 проценти (за кредити за зелена енергија, што лесно се одобруваат деновиве), на 85 отсто од 500 милиони долари, односно 425 милиони долари позајмени пари на 20 години, изнесува само околу 215 милиони долари. Така ние би вратиле вкупно 425+215=640 милиони долари во 20 еднакви ануитети од по 32 милиони долари.
Дејан Трајковски, Фактор / Окно, 27.06.24.
Се укинува контролата на јавните набавки од Бирото за јавни набавки
Само да ви кажам, во оваа бркотница од информации денеска: преку ноќ се менува Законот за јавни набавки и, меѓу другото, се укинува контролата на јавните набавки од Бирото за јавни набавки. Сето тоа без каква и да е јавна дискусија и консултации. СРАМОТА!
Герман Филков, Фејсбук, 10.12.24.
Од вестите за интегритет за денес издвојуваме точка од седницата на Судскиот совет
Судија 95 пати разговарал на телефон со обвинет кого го судел, за што има листинзи од телефонска комуникација како доказ. Обвинителката побарала изземање, ама судијата не се изземал и ладно си го судел предметот и си донел пресуда.
Васко Маглешов, Фејсбук, 11.09.24.
Министерот за земјоделство остварил средба со заменик министерот за земјоделство
Дами и господа, утрово медиумите добија соопштение дека министерот за земјоделство остварил средба со заменик министерот за земјоделство…
Верувале или не!
Ако не верувате, оваа исклучителна вест беше проследена и со соодветна фотографија за да немате дилема дека ваквата суштинска средба на министерот со својот заменик навистина и се случила.
Одам сега да остварам средба со маж ми за да донесеме одлука што ќе ручаме денеска.
Ако постигнеме компромис може ќе ви пуштиме и слика.
Катарина Синадиновска, Фејсбук, 09.08.24.
Осумдесет години подоцна, слободно Скопје наликува на град на патерици
Осумдесет години подоцна, слободно Скопје наликува на град на патерици. На град кој штотуку излегол од битка, врзан со „шанцова кравата" околу вратот, со отворени инфраструктурни рани и скршеници од бројни удари. Градот денес безуспешно си ги пребројува куќите кои една по една му се отуѓуваат, исчезнуваат под силата на ГУП-овски и ДУП-овски „пасоши" кои алчно му го крадат и зеленилото.
Поразен е од градежни „новоборци“ кои му роварат и копаат по лицето, го моделираат според нивната претприемачка „естетика“, моќни дури и да избришат имиња на улици, бидејќи историјата почнува од нивните инвестициски циклуси, добро подготвени да го избулдужираат највредното од меморијата на градот. Нивната офанзива, платена со многу (наши) пари и прилично вешта да ги изоди сите корупциски коридори до целта, се покажа надмоќна над граѓанскиот отпор.
Катерина Блажевска, Дојче веле, 13.11.24.
Пречек со ѓубре
Скопскиот Аквадукт, споменик на културата од 6. век кој е од особено значење и белег на главниот град, ќе биде реставриран со грант од 205.000 долари од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков го посети акавадуктот заедно со американската амбасадорка Анџела Агелер.
Арно ама, на сликите што ги видовме, околу Аквадуктот имаше купишта ѓубре.
Е тоа сме ние. Доаѓаат странци да ти дадат илјадници долари за да си го заштитиш своето историско и културно наследство и ти ги пречекуваш со – ѓубре. Дури ни еден министер, во случајов за култура и туризам, не е моќен да го покрене системот, барем да го подготви теренот за на чисто да го прифати подарокот од некои даночни обврзници на некоја друга земја.
Можеби требаше прво шведската амбасадорка со тимот од амбасадата, како што правеа порано, да оди лично да го собере ѓубрето околу споменикот, па после министерот да оди со американската амбасадорка да прими 205.000 долари.
Горан Михајловски, СДК, 13.12.24.
Наместо Македонија читаме и слушаме „нашата земја”, „државава”, „републиката”...
Ветувањето за гордости и слично на „Македонија Твоја” можеби и не беше експлицитно, но низ нападите кон противниците недвосмислено подразбираше (по ред): без Албанци во владеењето, без Северна во името, без бугарско малцинство во Уставот.
Но, што добија граѓаните кои ги гласаа грешните гордости: наместо Македонија читаат и слушаат „нашата земја”, „државава”, „републиката” и други срамни избегнувања.
Емилија Целакоска, Рацин, 31.05.24.
Шекеринска успеа да се издигне над редовните арсенали навреди и мизогинија
Либерал по политичка вокација и редок пример за константно присуство во политиката, и тоа на професионална основа, поранешната министерка за одбрана Шекеринска се издвојува од типичниот профил на македонски политичари кои најчесто привремено влегуваат политиката, а потоа исчезнуваат. За успехот Радмила Шекеринска долго да се одржи во политичките води, се разбира, има повеќе толкувања, во зависност од партиската афилијација на посматрачите, но пливањето во нашето локално политичко мочуриште е само по себе тешка дисциплина. Особено ако сте жена, бидејќи мажите сѐ уште ја сметаат политиката за нивен ексклузивен клуб. Шекеринска успеа да се издигне над редовните арсенали навреди и мизогинија со кои овде ги „поздравуваат“ жените политичарки, и не потклекна под притисоците да замине од политиката.
Соња Крамарска, Дојче веле, 20.11.24.