1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 18:59
Владимир Периќ - Валтер
„Wer ist Walter? Топографија на антифашистичкиот отпор во Босна и Херцеговина 1941-1945“ е насловот на новата постојана поставка во Музејот на историјата, некогашниот Музеј на револуцијата, во Сараево. Изложбата, книгата и дигиталната платформа се резултат на двегодишно истражување спроведено во соработка на историчари од четири земји кои се фокусираа на отпорот против нацизмот, фашизмот, окупацијата и колаборацијата во Европа за време на Втората светска војна.
- Вообичаено ја слушаме реченицата „Ова е Валтер!“ – вели Елма Хашимбеговиќ, историчарка и директорка на Музејот, која беше дел од истражувачкиот тим. – Преку проектот се прашуваме „Каде е Валтер?“ Овој наслов упатува на тоа дека нашиот проект поставува прашања, поттикнува дијалог, но не дава одговори.
Николас Мол, германски историчар со постојано живеалиште во Сараево и коавтор на истражувањето, објаснува дека тимот не сакал во истражувањето да се ограничи само на антифашистичкиот отпор.
- Поставуваме прашања што сè спаѓа во антифашистичкиот отпор. На пример, дали помагањето на прогонуван сосед е антифашизам или хуманитарен акт? Или помагањето на луѓето кои се борат да преживеат – дали тоа е антифашистички акт или отпор? Секако, сè може да се вклучи во антифашизмот. Но, постои разлика помеѓу комунистичките активисти кои работат нешто размислувајќи во политичките рамки и оние кои помагаат како човек на човек – заклучува Мол.
Целиот проект, вклучувајќи ја изложбата во Музејот кој сè уште нема греење и на кој се гледаат раните од војната, но чијшто персонал останува верен на својата мисија, книгата која е бесплатно достапна онлајн, како и дигиталната платформа која содржи и педагошка платформа со информации за подемот на фашизмот во Европа, окупацијата на нацистичка Германија и нејзините партнери за време на Втората светска војна и развојот на отпорот, веројатно е еден од најзначајните културни настани годинава во БиХ.
Нисим Албахари, Мирослав Фелдман, Ружа Фелдман, Тузла, 1945 година
Да живее сестринството!
Вредната збирка на Музејот, кој е основан по ослободувањето на Сараево 1945 година, им овозможила на истражувачите на јавноста да ѝ презентираат низа артефакти и фотографии кои досега биле ретко или никогаш видени во јавноста. Меѓу нив се и фотографии на Владимир Периќ Валтер, лидерот на отпорот во Сараево за време на Втората светска војна, кој бил убиен на денот на ослободувањето, како и фотографии од неговиот погреб.
Авторите на изложбата велат дека во архивата нашле цел еден албум од Валтеровиот погреб, на кој се гледа и поворка со неговото тело изложено во ковчег, положено на свечена коњска кочија, предводена од православни свештеници. Валтер првобитно бил погребан на православните гробиште во Сараево, но потоа неговото тело било преместено во гробницата со другите херои на градот по изградбата на Меморијалниот центар Враца – кој денес стои на линијата помеѓу двата ентитети. Покрај фотографиите од самиот погреб, оваа збирка фотографии покажува и како изгледало Сараево во 1945 година, непосредно по војната.
За авторите, овој проект значи и истражување не само на историјата, туку и барање начини како да се зборува за антифашизмот, отпорот и Втората светска војна на поинаков начин од она на што сме навикнати, но и како тие информации да се направат интересни и достапни за новите генерации кои знаат малку за тој период. Затоа одлучиле наместо на вообичаените приказни за победниците, жртвите и сторителите, да се фокусираат на отпорот и учесниците во отпорот во различни земји, трагајќи по сличностите и разликите кои се карактеристични за различните делови на Европа.
Дијана Будисављевиќ, волонтерка на хрватскиот Црвен Крст, 1942 година
Благодарение на повеќегодишната соработка на проектот му се приклучија истражувачи од Франција, земја која беше окупирана и колаборационистичка во западна Европа, Германија како земја која го нападна и окупираше најголемиот дел од Европа, и БиХ и Хрватска во Југоисточна Европа, како и делови од југословенскиот простор кои беа дел од Независната Држава Хрватска од 1941 до 1945. Додека изложбата се фокусира на БиХ, книгата „Wer ist Walter? Меѓународни перспективи за отпорот во Европа за време на Втората светска војна“, како и дигиталната платформа, даваат слика од сите четири земји, рефлектирајќи сe на остатокот од Европа.
- За време на истражувањето најмногу се фокусиравме на она што било различно во овие земји – додава Николас Мол, германски историчар со постојано живеалиште во Сараево и еден од коавторите на изложбата.
- На пример, околу 100 000 жени активно се бореле со партизаните. Тоа било ретко во другите европски земји, освен можеби во Грција – објаснува тој.
- Додека ја подготвувавме изложбата и работевме на проектот, во архивата на Музејот најдовме слика на партизанки од Тузла, на која група жени стојат под натписот „Да живее сестринството“ – вели Елма Хашимбеговиќ, додавајќи дека тимот, воден од материјалите кои ги имал при истражувањето и биле поврзани со улогата на жените во отпорот против фашизмот, решил да посвети посебно внимание на оваа тема.
- Улогата на жените е многу видлива и кај партизаните и кај илегалата. Масовното присуство на жените во партизаните и движењето на отпорот во поранешните југословенски простори и партизанското движење се разликува од движењата на отпорот во другите земји на Европа – нагласува Хашимбеговиќ.
Деца од усташкиот камп Стара Градишка, 1942 година
Улогата на жените детално е анализирана во неколку текстови објавени во книгата, како и на дигиталната платформа. Меѓу другите, авторите Драган Цветковиќ и Александар Хорват во своите текстови се фокусираат на улогата на жените во партизанското движење кое дејствувало на териториите на НДХ и во Срем. Цветковиќ пишува дека повеќето жени борци на оваа територија биле од Босанска Крајина, Банија, Кордун и Лика, и констатира дека повеќето од нив биле со српска националност и им се приклучувале на партизаните како единствен начин за преживување.
Во текстот за партизанките во Срем, Хорват „го анализира процесот на раст и надминување на патријархалните општествени структури преку движењето на отпорот како основа за еманципација“. Авторот ги анализира проблемите со кои се соочувале жените во партизаните, со другарите, а кои најчесто биле производ на патријархатот. Без оглед на различните притисоци, па дури и злоставувањата што ги трпеле, партизанките успеале да носат оружје, да командуваат со единиците и да станат еднакви во движењето на отпорот. Еден од резултатите на оваа борба било основањето на Антифашистичкиот совет на жените, за што сведочи посебната збирка која се чува во Музејот.
За улогата на жените пишува и Дагмар Лиске, фокусирајќи се на Германија и отпорот против националсоцијализмот, тема која досега беше скромно обработувана во литературата за овој период. Во 2019 година започна првиот голем проект кој се занимава со овој аспект, и од 2020 до средината на 2024 година беше поставена изложба на оваа тема, која Лиске ја претставува и анализира во својот текст.
Ново читање на минатото
Историчарите од Западот, како што се покажа во текот истражувањето, малку знаеле за партизаните во Југославија и тамошното движење на отпорот. За нив е новост и фактот за учеството на жените во отпорот и партизанското движење, но и многу други нешта поврзани со отпорот и антифашистичката борба во Југославија. Николас Мол вели дека најголема новост за него било она што го научил тимот за ослободените или полуслободени територии. Мол, укажувајќи на фактот дека партизаните во Југославија, за разлика од движењето на отпорот во другите делови од Европа, успеале не само да ослободат големи делови на територија, туку и да ги сочуваат и да воспостават ослободителен систем.
- Францускиот отпор и денес се фали со ослободувањето на платото во Алпите, но тоа биле само 20 квадратни километри кои по два месеци повторно биле заземени. А во Југославија биле ослободени илјадници големи територии. На пример, најдовме слика и дневнички запис за автобуска линија во БиХ која поминувала низ многу километри ослободена територија. Тоа е многу карактеристично за партизаните овде – објаснува Мол.
За отпорот во француските Алпи, формирањето групи на вооружен отпор, таканаречен maquis, и за случувањата на две локации кои станале симболи на францускиот отпор, Гилер и Веркор, детално пишува Иван Гасто во делот на книгата посветен на местата на отпор.
Анте Бакотиќ, предводник на отпорот во концентрациониот логор Јасеновац
За Елма Хашимбеговиќ повторното читање на овој дел од историјата било и потсетување на тоа дека различните животни фази и различните искуства можат да го обликуваат читањето на историските документи.
- На пример, додека ја читав архивата за секојдневието во Сараево за време на Втората светска војна, наидов на податоци кои ме потсетија на животот во Сараево под опсада – се сеќава таа, додавајќи дека понекогаш ѝ се чинело дека пред себе има документи на кои не може да им го одреди датумот, дали се од Втората светска војна или од војната која и самата ја преживеала неодамна.
- Наидовме на записи за тоа како во 1945 година Сараевчани размислувале што ќе следи по војната, но и како ќе се соочат со сторителите, не само со оние кои директно учествувале, туку и со колаборационистите, луѓето кои на разни начини соработувале со окупаторот – вели Хашимбеговиќ, додавајќи дека на ова прашање наишла читајќи ги дневниците на членови на Комунистичката партија кои учествувале во ослободувањето на Сараево 1945 година.
- Тие пишуваат за тоа дека имаат дилема, на пример, како да се ракуваат со некој кој бил колаборационист. Не сите биле Валтер. Што повторно е слично на денешната ситуација. Со искуството што го имам сега мојата перцепција за овие документи е многу поинаква – објаснува.
Ако патот ве донесе во Сараево, не пропуштајте да го посетите Музејот и оваа (но и други) поставка(и). Засега тимот планира да се обиде да отвори дијалог на тема отпорот и антифашизамот, и ќе организира низа средби низ цела Европа. Една година пред обележувањето на 80 години од крајот на Втората светска војна, во време кога Европа, а и голем дел од светот, повторно се соочуваат со фашизмот, проектот станува потребна платформа за разговори за отпорот и антифашизмот.
Извор: https://www.portalnovosti.com/