Жените во фокус

09.01.2025 00:53
Жени во фокусот

 

Меѓу десетте филмови кои ја обележаа изминатата година, особено се издвојуваат неколку врвни, со моќни женски изведби и ликови.

 

 

Анора (режија: Шон Бејкер)

Непредвидливо и извонредно воден наратив на различни хумористичко-драмски тонови во контекст на постојано реалистичко опкружување, за млада сексуална работничка и нејзините романтични „руски“ илузии. Во време на сексуален конзервативизам и антируски чувства, „Анора“ е храбар, истовремено емотивно интензивен и забавен филм со одличен актерски тим во чии рамки особено блеска младата Мајки Мадисон во главната улога.

 

Бедни нешта/ Poor Things (режија: Јоргос Лантимос)

И Ема Стоун приреди воодушевувачки пример на таканаречената телесна глума во идејното и еротски смело остварување за еманципацијата на младата жена преку сексуална слобода, придружена со интелектуален и емотивен раст. Јоргос Лантимос потврдува дека е мајстор на гротеската и еден од водечките современи филмаџии.


 

Емилија Перез (режија: Жак Одијар)

Третиот најдобар филм на годината фасцинира со моќни женски актерски изведби – особено импресивни се Зои Салдана и малку познатата одлична трансродова актерка Карла Софија Гаскон во главната улога. Искусниот Жак Одијар суверено ги оркестрирал гангстерскиот филм и хумористичката мелодрама под „наджанровскиот“ чадор на мошне посебен мјузикл.

 

Затвори ги очите / Cerrar los ojos (режија: Виктор Ерисе)

По извонредниот дебитантски филм „Духот на кошницата“ во далечната 1973 година, Виктор Ерисе сними само три самостојно режирани долгометражни играни филмови. Последниот од нив е „Затвори ги очите“, извонредна студија за текот на времето, улогата на спомените, личните идентитети и природата на филмот како уметнички медиум. Филмот со фин медитативен ритам сугестивно ги освојува амбициозните гледачи.

 

Смртоносна средба / Strange Darling (режија: Џеј Ти Молнер)

Истовремено нагласено тарантиновско и самостојно остварување го исфрли во орбитата досега непознатиот автор. Непредвидливото мешање на наративните нивоа и фасцинантната (ретро) визуелност се испреплетуваат со култните хорори од седумдесетите, а во таа насока сè е гарнирано со провокативен третман на насилството и сексуалноста и со несекојдневно отворено фрлање ракавица в лице на движењето #MeToo.

 

Викендичка / Seses (режија: Лауринас Бареиша)

Наративното и стилското експериментирање и семејната трагедија во централната тема се главните карактеристики на интригантниот и впечатлив литванско-латвиски филм награден во Локарно и на многу други фестивали, а неговиот автор е можна идна ѕвезда на европскиот арт-филм.

 

Момчето и чапјата / Kimitachi wa doikiru ka (режија: Хајао Мијазаки)

Легендата на светската анимација Мијазаки во својот наводно последен филм демонстрира многу фантазија и врвна дизајнерска компетентност. Уште еднаш еден до друг, но меѓусебно проткаени можеби поинтензивно од кога било, соочени се овој и оној свет, кои повторно ги поврзува дете, овојпат момче кое по смртта на мајка си се прилагодува на новиот брак на татка си.

 

Совршени денови / Perfect Days (режија: Вим Вендерс)

По подолго време уште еден уметнички вреден игран филм на славниот автор е реализиран во Јапонија, во духот на зенот. Дискретно и нежно, Вендерс ја гради приказната за чистачот на јавни тоалети кој се повлекол во изолација препуштајќи им се на музиката и книжевноста, наоѓајќи во тоа доволно причини за среќа.

 

Доселеници / Los colonos (режија: Фелипе Галвез)

Овој чилеански „вестерн“ беше забележан во Кан, а и во Сан Себастијан, со добри причини. Натуралистички дистанцирано и „немонтирано“ го прикажува освојувањето на латинскоамериканскиот „див запад“ преку примерот на тројца платеници, од кои еден им припаѓа на таканаречените први народи и учествува во немилосрдното етничко чистење на домородните племиња.

 

Не очекувај премногу од крајот на светот / Nu astepta prea mult de la sfarsitul lumii (режија: Раду Жуде)

Уште еден филмски колаж потопен во натурализам (сатиричен) и интертекстуалност на еден од водечките современи филмаџии, и уште еден од филмовите од минатата година со незаборавен женски лик/актерка во средиштето (незапирливата Илинка Манолаче). Главна мета е варварскиот свет на актуелниот капитализам.

Извор: https://www.portalnovosti.com/