Научници од Чиле произведуваат струја со помош на морски алги

09.01.2025 15:26
Научници од Чиле произведуваат струја со помош на морски алги

Во лабораторијата на Универзитетот во Сантјаго, слузави, лигави, зелени морски алги плутаат во чаши и канти наполнети со вода. Научниците од главниот град на Чиле всушност се обидуваат да ги претворат овие водени организми во – извор на електрична енергија.

Станува збор за таканаречени биофотоволтаици: иако изгледаат како класични соларни ќелии, нивната работа повеќе се темели на биологијата, а не на синтетичките материјали, што им го дава префиксот „био“.

Со други зборови, за производство на струја се користи природниот процес на фотосинтеза кој се одвива во дрвјата, растенијата или во конкретниов случај – во морските алги.

Кога се изложени на сончева светлина овие организми ја оксидираат водата, ослободувајќи електрони. Во фотонапонските панели обложени со морски алги ослободените електрони се собираат за да генерираат струја.

Како нуспроизвод настанува кислородот, што е дополнителна корист од оваа технологија.

Иако слични проекти постоеле и претходно, тие биле засновани на микроалги, едноклеточни организми. За разлика од тоа, морските алги се повеќеклеточни, а таквата структура носи неколку потенцијални предности во производството на електрична енергија, вклучувајќи полесно ракување, побрз раст и поефикасно собирање.

Овие фактори би можеле да помогнат за проширување на технологијата и задоволување значителни потреби за енергија.

„Целта на нашето истражување е да ја подобриме ефикасноста на производството на струја со помош на фотоволтаици“, нагласува водечкиот истражувач Федерико Таска. „Морските алги се издржливи и можат да издржат различни услови, што ги прави совршени кандидати за овој вид производство на струја.“

Сепак, биофотоволтаиците сè уште не можат да им конкурираат на соларните панели: засега се покажаа корисни за напојување на ЛЕД осветлување и сијалички, додека за подобрување на нивните перформанси ќе бидат потребни понатамошни иновации.

Судејќи според сè, патот до комерцијализација на технологијата сè уште е долг. „Сè уште не е доволно ефикасна за да обезбеди голема количина на енергија“, објаснува Таска, „но нашето истражување се однесува токму на тоа.“

Научниците од Чиле исто така истражуваат начини за интеграција на нивната технологија во постоечките енергетски системи. Тоа би можело да значи употреба на морските алги како дополнување на другите обновливи извори во региони каде не се доволни сонцето или ветерот.

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото