Европски идентитет споделуваат само бирократите во Брисел

10.01.2025 01:41
Европски идентитет споделуваат само бирократите во Брисел

На 20-ти декември минатата година Марија Тодорова ја доби годишната награда на Институтот за филозофија и општествена теорија „Миладин Животиќ“. Наградата се доделува на водечките теоретичари, на оние чиј труд има одек во општествената пракса. Марија Тодорова е една од најзначајните светски историчарки кои се занимаваат со овој регион; нејзината книга „Имагинарен Балкан“ (Imagining the Balkans) ги постави темелите на истражувањето на западните претстави за Балканот. Откако во својот пионерски труд од 1997-та година го идентификуваше дискурсот на балканизмот, другите автори и авторки продолжија да истражуваат на кои начини и во кои области се конструирала претставата за овој дел на Европа. Нејзината книга стана едно од основните дела во студиите за Југоисточна Европа. Потекнува од Бугарија, од мешана грчко-бугарска фамилија. Од 1998-та година живее и работи во САД, каде е професор емеритус на Универзитетот во Илинои, Урбана-Шамплејн.

Меѓу другото, добитничка е на наградите на Фондацијата Гугенхајм, Институтот за напредни студии во Берлин, Националниот центар за хуманистички науки, Центарот Вудро Вилсон и Институтот за општествени науки во Виена, како и на повеќе почесни докторски титули.

Поминаа околу 30 години откако го создавте терминот балканизам. Дали овој дискурс и денес е присутен на Западот?

Тој се формираше дури на почетокот од 20-тиот век, како резултат на балканските војни и Првата светски војна, но и поради тоа што Западот со омаловажување ги гледаше малите, новонастанати држави. Тој беше особено изразен непосредно по Првата светска војна, потоа се повлече, а потоа силно се разгоре за време на југословенските војни.

Сега повторно е повлечен. Не се слуша, меѓу другото, бидејќи не е политички коректно да се слуша. Освен тоа, голем дел од Балканот веќе е дел од Европската унија. Но, дури и кога се зборува за Западен Балкан – што е смешен оксиморон, бидејќи не постои ниту источен, ниту северен, ниту јужен Балкан – веќе не се користи балканистичкиот дискурс. Можеби е присутен само во приватните разговори. Меѓутоа, стереотипите сè уште се тука. Клеветењето на Балканот сè уште е присутно. Хиерархиите се тука. Балканските држави сè уште се сметаат за второкласни, иако тоа не се однесува само на нив, туку и на источниот дел на континентот.

Тогаш, постојат ли некои други аспекти на кои се фокусира дискурсот денес кога се зборува за овој дел на Европа?

На корупцијата и сиромаштијата. На пример, ако ги прочитате вестите, дури и кога Бугарија се претставува како привлечна туристичка дестинација, секогаш ќе биде опишана како „најсиромашна земја“. Оваа придавка не може да изостане. Се разбира, Бугарите сега чекаат да некоја сиромашна земја влезе во Европската унија за конечно да престанат да бидат „најсиромашни“. Сиромаштијата е криминализирана, се смета за нешто лошо, за морален недостаток.

Вториот голем фокус е корупцијата. Ако се осврнеме на теоретичарите, поимот корупција многу е двосмислен. Што всушност е корупцијата? Како се конструира? Кој ја дефинира? Кога внимателно ќе се погледне, корупцијата може да се најде насекаде. Има една шега, еден политичар вели: „Сакаме само цивилизирана корупција, како онаа во Италија.“ Значи, корупцијата постои насекаде, но токму таа и сиромаштијата служат како основни аргументи за одложување на понатамошните преговори за пристапување на земји како Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина. Значи, дискурсот е присутен, но официјално не се користи.

Најпосле, поимот балканизација, кој настана по Втората светска војна, сега е толку широко употребуван што ја изгуби врската со територијата. Кога луѓето ќе кажат дека интернетот е „балканизиран“ или дека политиката е „балканизирана“, често не знаат што е Балканот или каде се наоѓа. „Балканизацијата“ едноставно означува фрагментација, што не мора да биде нешто лошо. На пример, луѓето зборуваат за „балканизација на капиталот“. Значи, овој поим може да има различни значења.

Кога веќе ја споменуваме фрагментација, како го гледате европскиот идентитет? Дали воопшто постои? Дали е на пат на консолидација поради кризата или напротив?

Европскиот идентитет е во процес на дезинтеграција. Не мислам дека навистина постоел, иако по 1989-тата година – во деведесеттите – постоеше помлада генерација која будеше надеж за тоа, бидејќи можеа да патуваат насекаде и се вклопуваа речиси насекаде.

Беа повеќејазични, прилагодливи, образовани. Создадоа еден вид европски, па дури и космополитски идентитет, бидејќи тогаш често патуваа и преку океанот. Сега, со економската криза и национализацијата на политиката насекаде, вклучувајќи ги САД и Европа, тоа е изгубено. Европскиот идентитет е кај бирократите во Брисел.

Се разбира, тоа е прекрасна идеја и ја поддржувам, но мислам дека тој идентитет за жал е ослабен поради објективни причини. Тука е економијата или, како што велат некои, бегалската криза. Но бегалската криза не ја создаде економската, туку обратно. На некој начин, целиот европски проект е заснован на либералниот капитализам, но токму либералниот капитализам ги создаде сите овие проблеми кои сега им ги префрлаат на бегалците и другите фактори.

Значи, не сум среќна што европскиот идентитет не постои, но не можеме да знаеме дали тоа ќе ја уништи Европската унија.

Како ја гледате улогата на либералниот капитализам во подемот на АфД и Доналд Трамп? Дали нивниот успех навистина е поддршка на таквите политики или пред сè претставува реакција?

Апсолутно се работи за реакција. Американската Демократска партија тргна по патот на самоуништувањето кога се обиде да го објасни гласањето за Трамп тврдејќи дека неговите гласачи наводно се луѓе со испрани мозоци. Но, не се работеше само за гласот од протестите, туку и за тоа што Трамп, иако од една страна многу непредвидлив и нарцисоиден, мошне вешто го допре она што навистина ги загрижува луѓето, она што го чувствуваат.

И не се согласувам нужно со изедначувањето на сите тие партии – Национален сојуз, АфД и другите екстремни десничарски движења – бидејќи некои од нив доаѓаат со социјални програми. Тоа не значи дека треба да ги сакаме, но самото отфрлање на нивните гласачи и симпатизери како бедници, како што ги нарече Хилари Клинтон, не е правилно и паметно. Треба да се запрашаме зошто луѓето гласаат за такви алтернативни опции. Во случајот на Трамп, клучно е неговото ветување дека ќе ги демонтра институциите. Секако, тој нема да може да го направи тоа, но неговото ветување, меѓу другото, е причина што луѓето гласаа за него. Зашто наспроти тоа беше одржувањето на статус кво-то.

Делумно живеете во Франција. Што се случува таму, колку е жив бунтот за зачувување на социјалната држава?

Емануел Макрон ефективно ја искористи левицата за да ја маргинализира Ле Пен, а сега целосно ја предава левицата и оди кон десницата. Се сеќавате на жолтите елеци? И тие беа против статус кво-то, сакајќи да ги менуваат институциите. Имено, луѓето во многу држави се бунат против уништувањето на социјалните институции, нешто што не постои кај оние кои размислуваат со термините на ефикасноста и либералниот капитализам. Некогаш тие барања се ирационални, но суштински се исправни. Државата може да си дозволи да ги зачува социјалните институции, наместо да инвестира во воената машина, додека најбогатите продолжуваат да се збогатуваат.

Споменавте дека Балканот се гледа низ призмата на корупцијата и сиромаштијата. Тука болна тема е токму тоа што инвеститорите доаѓаат, користат евтина работна сила, власта им дава огромни субвенции, а работничките права и еколошките стандарди се кршат... Како би можело тоа да се промени? Инаку, како се менува односот на центарот и периферијата во економски рамки?

Економиите се менуваат. Италија беше центар на светот во 15-тиот и 16-тиот век, потоа тоа беше Холандија, па Лондон и Париз, сега е Њујорк... И на крај ќе биде Далечниот Исток. Многу мои колеги, кои вообичаено бараа работа во Европа или САД, сега одат во Хонг Конг или Кина, каде што се подобро платени. Така е или ќе биде и со другите работни места.

Значи, природен процес е тоа што центарот привлекува работна сила. Што се однесува до нашиот регион, ситуацијата ќе остане каква што е, но не можеме со сигурност да знаеме како ќе се развиваат понатамошните трговски патишта. Романија и Бугарија ќе станат полноправни членки на Шенген зоната од 1-ви јануари 2025-тата година. Тие држави веќе ги исполнија сите критериуми, но ги држеа надвор од овој простор. Зошто? Аргументацијата на Холанѓаните беше дека се премногу корумпирани; Австријците беа поискрени, велејќи дека станува збор за погранични области и дека не сакаат бегалци. Но, во случајот со Холандија, од каде доаѓа таквиот став? Прочитав една анализа која ми се чинеше логична: Ротердам е најголемата порта за влез на сè во Европа, вклучувајќи ја и дрогата. А ако имате Шенген зона на источниот европски, балкански регион, Пиреа исто така станува порта за влез, што на Ротердам би му одземало дел од прометот. Најпосле, сиромаштијата и беше предизвикана, меѓу другото, од правилата на Шенгенот. Кога имате 10 или 20 километарски колони камиони со стока кои чекаат на границата со Романија и Бугарија, нивните економии дефинитивно ќе бидат помалку ефикасни. Се надевам дека тоа сега ќе се промени.

Сметате ли дека на таканаречениот Западен Балкан му се насмевнува влез во Европската унија, или вечно ќе останеме во чекалната?

Сигурна сум дека на крајот ЕУ ќе ги прифати и преостанатите земји од Балканот. Кога почнаа преговорите со Молдавија и Украина, во Брисел сфатија каков удар беше тоа за Босна и Херцеговина, па направија чекор кон БиХ. Факт е дека за секоја следна земја членка, критериумите секогаш беа сè повисоки. Но во моментот кога сите ќе бидат внатре, кога сите ќе можат слободно да се движат, многу проблеми ќе бидат решени. Погледнете ги сега криминалните мрежи, тие ги преминуваат границите без проблеми. А кога границите ќе бидат целосно отворени, нормалните луѓе ќе изградат свои мрежи. Секако, не мислам дека ќе тече мед и млеко, но сепак е подобро да се биде дел од ЕУ отколку да се биде надвор.

Дали постојат некои доминантни фантазии кои Балканот моментално ги има за себеси? Или и тоа исчезна заедно со сите геополитички и локални промени?

Кога луѓето седат во кафеана и пијат, зборуваат за некаква балканска менталност, но тоа е едноставно муабетење. Постојат заеднички аспекти, без разлика дали станува збор за музика, кујна – иако и тука ќе најдете разлики – или некои други прашања кои произлегуваат од заедничкото историско наследство. Тоа е присутно дури и во природата, но зависи каде гледате: Западен Балкан е блиску до Италија, Источен Балкан до Турција. Но не мислам дека постои идеализиран период во историјата, подготвен да биде возвишен и искористен, како што беше, на пример, Австроугарската империја – легендата за убавата монархија која луѓето ја користеа за создавање на идејата за Централна Европа.

По објавувањето на книгата Имагинарен Балкан, и други автори почнаа да се занимаваат со оваа тема, како што се Милца Бакиќ Хајден, Весна Голдсворти, Лари Волф... Денес многу млади луѓе од регионот работат на факултетите низ Европа. Колку се промени истражувањето на Балканот во овие три децении?

Се променија многу нешта, ние на некој начин го утврдивме тоа истражување за перцепцијата на Балканот. Денес веќе не се зборува за перцепции, што е епистемолошка промена која не се однесува само на балканските студии. Вниманието сега повеќе се посветува на економијата, урбанизацијата, проблемите со животната средина и идентитетот.

Значи, сега имате позајмени концепти кои се применуваат на регионот. Некогаш овие универзални дискурси неадекватно се усвојуваат, како оние за деколонизацијата или расата. Но, од друга страна, постојат одлични трудови кои го поврзуваат Балканот со други простори и тоа не нужно само во контекст на вториот или третиот свет, како што беше случај со Движењето на неврзаните, туку и пред тоа, кога станува збор за поврзаноста со Латинска Америка, Африка и други места. Факт е дека има луѓе кои се занимаваат со Балканот, млади научници кои ја преземаат оваа тема. Прекрасно е што се случува токму во момент кога постои криза во општествено-хуманистичките науки.

Впрочем, кризата во општествено-хуманистичките науки е глобален проблем. Што покажува таквата криза? И дали мислите дека ќе дојде до некаква промена?

Општествено-хуманистичките науки во 19-тиот век кулминираа и од висина ги гледаа природните науки. Денес имаме криза која е поврзана со прашањето на ефикасноста, поточно – што е тоа што носи пари. Но мислам дека полека сведочиме за еден пресврт.

На пример, Кина многу инвестираше во природните науки – резултатите од тоа ги гледаме – но сега тоа почнаа да го прават и кога станува збор за општествено-хуманистичките науки. Огромни се инвестициите во катедрите за лингвистика. Зошто? Зашто сфатија дека им се потребни луѓе кои умеат да размислуваат критички. Американскиот бизнисмен Дејвид Рубенштајн, коосновач на Карлајл групата (Carlyle Group), рече дека има нова формула H = MC2, што значи – хуманистичките науки значат повеќе пари (Humanities equals more cash). Зашто се покажа дека луѓето од хуманистичките науки се најдобрите извршни директори, најспособни да направат пресврт кој произлегува од критичкото размислување. А беше заборавено колку е важно критичкото размислување.

За русофобијата

Русофобијата е најсилна во британската јавност и балтичките држави. Но и во Бугарија, која се смета за русофилска, дискурсот сега е неверојатно русофобичен. А демонизацијата на Путин – што и да се случи во светот, тој е виновен и стои зад тоа – предизвикува спротивна реакција, луѓето почнуваат да го исмеваат тоа.

Русофобијата веројатно долго време ќе остане присутна во западна Европа, како што беше случај и во 19-тиот век. Но, тогаш имате прекини, реакции... Секако дека многу зависи и од исходот на оваа војна, но и од тоа дали БРИКС ќе биде успешен. А, секако, за Европа не е мудро потполно да се одвои од Русија. Зашто Русија е империја, тоа е огромна територија, бесмислено е таму да се прави ѕид. Меѓутоа, таа веќе не е толку силна империја и мислам дека и внатре во самата Русија постои свест за нејзините ограничувања. Затоа, приказната за Русија која сака да го освои целиот источен Балкан ми звучи навистина лудо, да не кажам нешто поостро.

Карикатури: Ilian Savkov

Извор: https://vreme.com/

ОкоБоли главаВицФото