1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Вто, 21.01.2025 19:59
МАКАРОНИ
Mаки тешки носам под плешки,
душава ми се рони, готвам само макарони.
Главата ми се ведне комшиката тесто кога тегне,
Џејми Оливер го следам будно, ама сè ми испаѓа чудно.
Од зачини врска немам, на загорено паника кревам,
за слатки сум дибидус, нема шанси да погодам вкус.
Во срцево носам бреме, кој ли со макароните ќе ме земе?
НЕВИДЛИВА
Голема сум во обем, тешка на скала,
но на улица кога шетам сепак се чувствувам мала:
на мажите им треба време да се поздрават со мене,
никој да ми свирне, никој под око да ме ѕирне,
не сум дел од нивниот светоглед, не ме пуштаат преку ред.
Кога купувам гардероба - тоа за трудници е роба
зошто за таквите од мојот сој не дизајнираат број,
не им се троши материјал за некој со мој крој.
Во ресторан гладна по храна пекам, келнер најдолго чекам,
така невидлива само ако скршам стол станувам видлива.
На интервју за работа објаснувам, не сум мрзлива, само поткаснувам.
А сум дома а во диско - сè ми е исто,
добро ритам фаќам ама дека не ме гледаат - сфаќам.
Голема на обем,тешка на скала,
толку сум невидлива, толку сум мала!
ЏЕНТЛМЕНИ
Удри ме! Исплукај ме!
Избуткај ме! Покажи се грубо,
зашто не знаеш за нежност и љубов!
Не мора рози и серенади,
предност во Кам или Веро дади!
Насмевни се и отвори врата,
не е некоја услуга скапа!
А не да бистриш политика
и сееш неоснована критика,
демек сè знаеш и сè ти е јасно,
да те слушаат сите зборуваш гласно!
Ах тажни жени, без џентлмени,
жени од сите типови и форми,
жолтеете ко лисје во октомври!
ЉУБОВ
Љубовта е бегство,
враќање во детство.
Кога си игравме со лопатки,
кога се движевме наопачки,
кога мижевме за да не нè видат,
кога сакавме годините повеќе да ни бидат.
Тука сме.
Го најдовме патот назад,
каде само невините газат.
По ливадите полни со полен
каде цветот повторно е створен.
Тропни и разбуди се!
Силно заљуби се!
Да бидеме души две,
што веруваат во сè!
СЛОБОДНА ВОЛЈА
Имам телевизор три де, ама слободна волја не!
Далечинскиот управувач како и да го стиснам
ми иде да вриснам!
Зошто купив телевизор кога немам никаков избор?!
Стискам еден - ужас и хорор,
Стискам два - естраден понор,
Стискам три - некој силно вреска,
стискам четири - кич и гротеска!
Виртуелна манипулација за духовна кастрација!
Ми иде телевизорот да го џитнам или евтино да го шитнам!
После работа за каучот сум врзана, да дремам обврзана!
Одвај стојам, деновите до викенд ги бројам,
каде е слободната волја тука, се прашувам,
додека даљинското од глава си го чукам!
Слики: Kyle Ellingson