Капиталистички патријархат

13.01.2025 12:02
Капиталистички патријархат

Листата на Форбс „Милијардери во реално време“ открива и дека уште живееме во капиталистички патријархат. На листата на милијардери од почетокот на 2025 нема ниту една жена во првите 16 милијардери кои „тежат“ над 100 милијарди долари!

На листата од околу 250-тина милијардери кои тежат од 10 до 100 милијарди долари ќе наидете на неколку десетици жени, но убедливото мнозинство од нив го стекнале богатството како наследнички или преку развод.

Затоа и се објавуваат посебни листи на најбогати self-made women милијардерки, но и таму владее стереотипот дека се сосопственици со сопрузи или со други мажи. Не дека ги нема (најмладата е Тејлор Свифт), но милијардерките кои сами го стекнале своето богатство во бизнис „светот на мажите“ сеуште се вистинска реткост.

И во Европа, и во земјите од „поранешна Југославија“, состојбата е слична. На пример, на листата на 100-те најбогати во регионот, објавена неодамна, се најдоа и 8 мултимилионери од Македонија, но ниту една жена.

Накусо, сите што веруваат дека жените постигнале рамноправност и дека „родовата еднаквост“ е некаква си идеологија, се жртви на капиталистичко-патријархална пропаганда, која доминира и зема замав во светот, особено на интернет.

Меѓу другото, и затоа што сопствениците на највлијателните социјални мрежи се исто така мажи, каде што најбрзо се шири пропагандата против „родовата идеологија“.


Слики: Lucile Ourvouai