Бадник

14.01.2025 10:43

Вечерва е Бадник а јас бедник сам
Сам на Брестот лисјето го галам

Вечерва е Бадник а јас бедник сам
Сам на Брестот лисјето го галам
И заискри светлост. И надумен знам
За нешто нешто најнајтажно жалам
Удри во градите сам со својот прст
Пронајди ја в себе сопствената душа
Понеси го тогаш сопствениот крст
За никој нигде да не куша и слуша
Понеси ја гранката од тој жилав Брест
И гали ја гранката татковински нежно
И чекај од времето познатлива вест
Од далеч што иде шепотливо снежно
Седи во таа полноќ во своето бдение
Дури тихо тихо огништето гаси
Од Ѕвездите чекај ново Вознесение
Што можеби чудно од дно ќе те спаси.

 

Чедо Јакимовски е македонски поет роден во Кратово на 22 февруари 1940. Починал во Скопје на 12 јануари 1993 година. Во неговиот краток и боемски живот оставил малку дела со извонреден квалитет. Секоја песна излезена под неговото перо минувала низ строга проверка на метроном. 

Автор е на книгите Нарциса (1966), Лажно море (1971), Халеевата Комета (1985).

Сродни по тема и стил му се проколнатите поети.

Секоја година во негова чест се доделува наградата „Нарциса“ за придонеси во поезијата. Од 2007 година во Кратово започна чествувањето на Чедо Јакимовски.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото