Либералите пред епохална промена

17.01.2025 02:05
Либералите пред епохална промена

Додека ги набљудував очајот и забунетоста на либералите низ светот по победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори во ноември, имав чувство дека тоа веќе го сум доживеал. Моментот ме врати во 1989-тата година, кога падна Берлинскиот ѕид, што го означи почетокот на крајот на советскиот комунизам и отстранувањето на Железната завеса која ја делеше Европа од крајот на Втората светска војна. Разликата беше во тоа што светот кој се сруши во 1989-тата беше нивен, свет на комунистите. Сега е наш, свет на либералите.

Годината кога светот се преврте наопачки живеев во земја членка на Варшавскиот пакт како студент на последната година од студиите по филозофија на Софискиот универзитет во Бугарија. Целото искуство изгледаше како продолжен курс по француски егзистенцијализам. Да се набљудува ненадејниот крај на нешто за што ни беше кажано дека ќе трае засекогаш беше збунувачки – истовремено ослободувачки и алармантно. Јас и моите колеги бевме преплавени со новото чувство на слобода, но исто така бевме акутно свесни за кршливоста на сè што е политичко. Се покажа дека тој радикален прекин пресудно ја дефинираше нашата генерација.

Но, тој прекин беше поширок – во глобални размери – отколку што многумина од нас тогаш можеа да сфатат. Навистина, 1989-тата беше annus mirabilis, чудесна година, но не како што ја толкуваат западните либерали последниве три децении. Отпорноста која ја покажа Комунистичката партија на Кина во потиснувањето на продемократскиот протест на Тиананмен беше позначајна од падот на Берлинскиот ѕид. За Русите, најважен аспект на 1989-тата не беше крајот на комунизмот, туку крајот на советската империја, со повлекувањето на нејзините трупи од Авганистан, што му овозможи на Осама бин Ладен да прогласи победа на џихадистите над безбожниот СССР. Тоа беше истата година кога национализмот започна да го враќа својот политички примат во поранешна Југославија.

Враќањето на Трамп на власт во САД може да биде уште еден таков случај во период на огромен политички крах. Ако либералите сакаат ефективно да одговорат на предизвикот на новата администрација на Трамп, ќе мора да размислат критички за тоа што се случи во 1989-тата и да ја отфрлат приказната која постојано си ја раскажуваат на себеси. Средствата за надминување на очајот се во подоброто разбирање.

Од перспектива на либералите, споредбата на антисоветските револуции од 1989-тата со нелибералните револуции денес може да звучи скандалозно. Според познатата фраза на Френсис Фукујама, 1989-тата беше „крајот на историјата“, додека победата на Трамп, сметаат многу либерали, може да го навести крајот на демократијата. Годината кога падна Берлинскиот ѕид се доживуваше како триумф на Западот; денес доминира падот на Западот. Колапсот на комунизмот го одбележа визијата за демократска, капиталистичка иднина; таа иднина сега е исполнета со неизвесност. Расположението во 1989-тата беше интернационалистичко и оптимистичко; денес тоа е националистичко, понекогаш дури и нихилистичко.

Сепак, инсистирањето на разликите помеѓу тогаш и сега значи занемарување на нивните сличности. Искуството од таквите моменти во историјата може да нè научи многу, но најважна е самата брзина на промените: луѓето преку ноќ ги менуваат своите ставови и политички идентитети; она што се сметаше за незамисливо вчера, денес се подразбира. Промената е толку длабока што старите претпоставки и избори на луѓето одеднаш им делуваат несфатливо.

Во денешен контекст: Како пред само шест месеци која било разумна личност можеше да поверува дека остарениот и непопуларен Џо Бајден би можел да биде избран повторно?

Трамп ја освои фантазијата на јавноста не затоа што имаше подобар план како да победи во војната во Украина или да управува со глобализацијата, туку затоа што разбра дека вчерашниот свет повеќе не може да постои. Поствоениот политички идентитет на САД исчезна во амбисот на гласачката кутија. Новата администрација на Трамп може да успее или да пропадне под сопствени услови, но стариот свет нема да се врати. Дури ни поголемиот дел од либералите не сакаат да се врати. Денес на мал број Америнакци им одговара поимот на американската исклучителност.

По победата на Трамп, некои политички коментатори се потсетија на триесеттите години, кога фашизмот му се закануваше на светот. Проблемот е што триесеттите се надвор од живото сеќавање, додека за многумина деведесеттите сè уште се живи. Таа деценија научив дека радикалниот политички прекин на победниците им дава бланко чек. Да се разбере зошто луѓето гласаа за Трамп не е од особена помош за разбирањето што ќе прави додека е на функција.

Политичките падови создаваат коалиции кои претходно биле незамисливи, обединети повеќе од својот интензитет отколку од заедничката програма. Политичарите кои им припаѓаат на таквите коалиции вообичаено имаат камелеонска способност да се адаптираат на моментот – во нашето време, никој не е посоодветен за тоа од Трамп. Американските либерали кои беа изненадени што луѓето сметаат дека милијардер и плејбој може да биде лидер на движење против естаблишментот, треба да се потсетат дека Борис Елцин, херојот на руската антикомунистичка револуција во деведесеттите, беше еден од лидерите на Комунистичката партија само неколку години претходно.

Како и крајот на советската ера, така и победата на Трамп ќе има глобални димензии. Таа го означува крајот на времето за САД како либерална империја. Да, Америка останува водечка светска сила и ќе остане своевидна империја, но нема да биде либерална. Како што покажа резултатот на Бајден во мобилизирањето поддршка за одбрана на „либералниот меѓународен поредок“ соочен со руската инвазија на Украина, за многу критичари самата идеја за таквиот поредок секогаш беше западна фикција. Имено, поредокот постоеше додека САД имаа моќ и политичка волја да го наметнат.

Трамп нема да го направи тоа. Во надворешната политика, Трамп не е ниту реалист, ниту изолационист, туку ревизионист. Уверен е дека Америка е најголемиот губитник во светот што самата го создаде. Според него, изминативе три децении Америка станала заложник, а не хегемон на либералниот меѓународен поредок. Во поствоениот свет, САД успешно ги интегрираа своите поразени противници Германија и Јапонија во демократскиот поредок, меѓународната трговија и економскиот просперитет. Тоа не се однесуваше на Кина: според Трамп, Пекинг е вистинскиот победник на промените по 1989-тата година.

Второто доаѓање на Трамп очигледно ќе се разликува од првото. Судирот на Трамп со американската моќ во 2016-тата година беше како состанок на слепо. Тој не знаеше што точно сака, а американската моќ не знаеше точно кој е тој. Но не и сега. Америка можеби ќе остане демократија, но ќе стане подивa. Со новото раководство нејзините институции веројатно ќе отстапат од сигурноста на консензуалната политика и ќе подивеат. Во времиња на брзи промени, политичките лидери не се трудат да управуваат со државата, туку да ја победат. Тие ги гледаат државата и „длабоката држава“ како синоними. Нелибералните лидери ги избираат своите членови на кабинетот на ист начин како што царовите ги избирале гувернерите на побунетите провинции: најважни се лојалноста и способноста на именуваниот да се спротивстави на потчинувањето или кооптирањето на другите.

Во првата администрација на Трамп владееше хаос; неговата втора администрација ќе владее користејќи го хаосот како оружје. Оваа Белa куќа ќе ги преоптовари своите противници со „поплава“ од извршни наредби и прокламации. Многумина ќе можат само да претпоставуваат зошто донесува одлуки какви што донесува, а други ќе бидат дезориентирани од брзината и количината.

Бајден го победи Трамп во 2020-тата ветувајќи нормалност. Нормалноста веќе нема да им помогне на демократите. Во најновиот пример на антипопулистичка победа, Доналд Туск победи на полските парламентарни избори во 2023-тата и се врати на функцијата премиер, не затоа што вети дека сè ќе продолжи по старо, туку затоа што неговата партија, Граѓанска платформа, успеа да создаде убедлив нов политички идентитет. Партијата на Туск усвои прогресивни ставови за контроверзни прашања како правото на абортус и работничките права, но исто така се замота во знамето и го прегрна патриотизмот. Туск им понуди на Полјаците нов голем наратив, а не само различна изборна стратегија. Успехот на Граѓанската платформа сè уште зависи од формирањето коалиција со други партии, што е потенцијално кревка основа за владеење, но барем нуди шаблон за тоа како либералниот центар повторно може да се преобликува и да спречи напредок на нелибералниот популизам.

Ризикот за САД е голем: следниве неколку години лесно може да се случи американската политика да потоне во сурова, ситна осветољубивост или уште полошо. Но, не би било мудро либералите да реагираат така што ќе се однесуваат како бранители на статус кво-то што исчезнува. Тоа би значело само реакција на она што го прави Трамп. Можеби менталитетот на отпорот е најдобар начин да се разбере тиранијата, но не е најдобар начин во момент на радикален политички прекин, во кој тиранијата е можна, но не и неизбежна.

Политикологот Кен Џовит, автор на значајната студија за комунистичките преврати Новиот светски хаос, забележа дека крахот од 1989-тата ги принудува политичките лидери да измислат нов речник. Во такви моменти, магичните зборови понекогаш не функционираат повеќе. Слоганот „демократијата е загрозена“ не им користеше на демократите во изборната кампања, бидејќи многу гласачи едноставно не го гледаа Трамп како закана.

Како што забележа Џорџ Орвел: „За да го видиме она што ни е пред носот, потребна ни е постојана борба.“ Предизвикот за разбирање на новото, дури и кога доаѓањето на новото е непобитен факт, значи дека може да биде шок за либералниот сензибилитет колку малку солзи ќе се пролеат за стариот поредок кој изминува. Спротивно на она што се чинеше како исправен одговор во 2016-тата година, задачата на противниците на Трамп денес не е да се спротивстават на политичката промена што ја започна тој, туку да ја прифатат – и да го искористат моментот за создавање нова коалиција за подобро општество.

Карикатури: Sherif Arafa

Извор: https://www.theatlantic.com/

ОкоБоли главаВицФото