1014 hPa
67 %

15 °C
Скопје - Саб, 15.03.2025 08:59
Според студијата на Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ), дури 40 милиони луѓе во Европската унија, односно 15 проценти од работоспособното население, се соочуваат со „празнична сиромаштија“ бидејќи не можат да си дозволат ни еднонеделен одмор.
„Премногу луѓе веќе не ги гледаат придобивките од моќната европска економија во нивниот секојдневен живот“, рече генералната секретарка на ЕТУЦ, Естер Линч.
Истражувањето анализирало податоци за приходите и животниот стандард во Европската унија за лица на возраст од 18 до 64 години во 2021-та и 2022-та година и го истражувало нивниот капацитет да си дозволат еднонеделен годишен одмор надвор местото на живеење како мерка за економската оптовареност.
За време на двегодишниот период на кој се однесува истражувањето, кога пандемијата со Ковид 19 сѐ уште беше голема, работниците во ЕУ се бореа за да можат да си дозволат одмор.
Некои земји се наоѓаа во полоша позиција од другите, при што Италија имаше најголем број работници кои не можеле да си дозволат одмор (над 6 милиони луѓе), додека Романија (36 проценти) и Кипар (25 проценти) имаа најголем удел на работници во споредба со нивното население.
ЕТУЦ откри дека помеѓу 2021-та и 2022-та година, Ирска и Франција забележале најголем пораст во бројот на луѓе кои не можат да си дозволат одмор.
„Одморот не е луксуз. Отсуството со семејството е клучно за заштита на физичкото и менталното здравје на работниците, како и за создавање драгоцени искуства за децата“, изјави Линч.
Иако ЕТУЦ го истражувал периодот кога светот доживуваше зголемени каматни стапки и инфлација, што ги зголеми трошоците за живот, сепак ова е тренд кој трае од 2010-тата година.
Бројот на луѓето кои не можат да си дозволат одмор значително порасна во 2010-тата година, по финансиската криза. Бројките почнаа да се подобруваат во годините пред пандемијата, но трендот се промени по неа.
Извор: https://bonitet.com/